Скопје ќе биде загадено сè додека не го врати урбаното зеленило

28.12.2015 23:50
Скопје ќе биде загадено се` додека не го врати урбаното зеленило

Според официјалните податоци на ЈП Паркови и зеленило, Скопје има 4.131.352 квадратни метри зелена површина, односно 12,7 квадрати по жител доколку се пресметува според последниот национален попис од 2002 година. Овие податоци се однесуваат на Скопје без Водно и вонградското зеленило. Премалку за урбана средина што постојано се развива, се гради, се дообликува и се изменува и далеку од европскиот просек и од препораките за 25 метри квадратни по жител. Во изминативе десетина години, ставот на градската управа стана кристално јасен: градежните проекти и зафати доаѓаат први, пред грижата за урбаната екологија на градот. За само една година, бројот на зелени површини и дрвореди е драстично намален поради приоритетните градежни инфраструктурни и козметички зафати во градот за чија ефикасност и ефективност сè уште се дебатира, а јавноста од надлежните бара одговори за нивната оправданост. Информациите за доделување средства за обновување на градското зеленило и креирање на т.н. зелен катастар сега веќе се чини дека се исклучиво про-форма. Платформата „Скопје расте“ веќе утврди дека зелените површини во централното градско подрачје во изминатите години драстично се намалени.

„Пазарскиот“ пристап на садење дрвја што се применува кај нас - исечи едно старо, засади две нови, не само што е неправилен, туку е апсолутно бесполезен. Апсурдно е да се очекува дека еден мал неразвиен насад од чемпрес (кој не успева поради несоодветното време на садење и неговата подоцнежна нега), ќе придонесе колку и исечениот 30-годишен костен. И тоа не е само заради чистиот воздух. Едно стебло во урбан парк може да претставува живеалиште на голем број видови птици, лилјаци и инсекти. Значењето на едно стебло од аспект на биодиверзитетот доаѓа од големината на неговата крошна. Колку крошната е поголема, толку е поголем неговиот биодиверзитет. Староста на дрвото и површината што ја зафаќа се значајни факти што придонесуваат за живот во него (Tyrväinen et al. 2005). Живиот свет во урбана средина не е исклучен од неа, туку придонесува за нејзиниот квалитет. Дел од жителите на крошните претставуваат биоконтролори на штетните видови за човекот или, пак, паразити. Богат урбан биодиверзитет е индикатор за здрав урбан еко-систем. Ова само говори колку не се размислува за важноста на старите дрвја и нивната предност пред новите насади.

Не само дрвјата, туку и тревниците се исклучително важни оти ја задржуваат прашината. Со непопуларните мерки на сечење стари дрвја дополнително се раскопуваат и тревнестите површини за да се насадат нови, со што дополнително се уништуваат зелените површини и се врши механички притисок на почвата. Тревата содржи 6 пати повеќе прашина отколку почвата којашто не е покриена со зеленило. И најмало зеленило ја намалува градската запрашеност за 30-40 отсто.

Чуму урбано зеленило?

Градското зеленило има посебна еколошка функција во градот затоа што ги ублажува климатските екстреми, го забрзува проветрувањето на населбите, штити од бучава, претерана изложеност на сонце и ветрови, го прочистува воздухот и ја апсорбира прашината и штетните гасови; ја регулира влажноста на воздухот и температурниот режим на населбите; ја подобрува микроклимата на градската територија, создава услови за одмор на отворен воздух, ја штити почвата, зградите и тротоарите од прегревање итн. Основни елементи на градското зеленило се: парковите, градините, озеленетите територии во станбените и индустриските зони, крајбрежни локации, булеварите, скверовите, заштитните зелени зони, парк шумите и во приградската зона (во широчина од 5 до 20 км).

Урбаното зеленило има важна улога во заштитата од загадувањето. Тоа апсорбира загадувачки гасови и прашина. Зеленилото го штити градежниот простор од прашина на тој начин што ја намалува силата на ветерот, па прашината веднаш се таложи на тлото. Зеленилото е особено ефикасно при отстранување на крупните честички, (Прелиќ, 2006).

Во деловите со интензивно зеленило (паркови, парк-шуми) загаденоста на воздухот е за два до три пати помала од другите делови на градот. Зелените растенија служат како сигурен простран филтер, кој квалитативно го чисти воздухот од гасни и аеросолни примеси.

Урбанизацијата не влијае само на зеленилото во централното градско подрачје и на неговата периферија, туку и на сите други шумски и природни ресурси надвор од него (Konijnendjik et al.2005). Урбаното зеленило влијае и врз климатските услови во еден град. Еден градски парк со димензии од 10 хектари ја намалува температурата во околината за 1 C° (Tyrväinen et al. 2005). Секако дека урбаното зеленило не влијае само на физичкото, туку и на психичкото здравје и не треба посебно да се нагласува дека парковите, шумите и градското зеленило делуваат смирувачки и го стабилизираат емоционалното здравје на населението.

Нема чист воздух без зголемување на зелените градски површини

Унапредувањето и зголемувањето на површините под урбано зеленило не се само локална, туку и светска потреба. До 2050 година, 6,3 милијарди луѓе ќе живеат исклучиво во урбани заедници, со што потребата од зелени површини ќе се зголемува и ќе се остварува преку тревести улици, мали урбани градини, езерца и садници.

Грижата и унапредувањето на градското зеленило во Скопје и другите урбани центри во државата директно ќе влијае на решавање на можеби најголемиот национален еколошки проблем со кој се соочуваме изминативе години - загадениот воздух. Бесмислено е да се пристапува кон донесување мерки за намалување на загаденоста, ако паралелно со тоа, наместо зголемување на зелените градски површини, тие се намалуваат, се оштетуваат и се деградираат. Бетонска стерилна „џунгла“ e застарен приказ за една модерна урбана средина.

Сите, а најмногу надлежните, треба да разбереме дека цивилизацискиот модерен развој на една урбана средина не се гледа само во културно-општествени објекти и градби, туку и уредени урбани шуми и паркови кои ќе придонесат за комфорен живот во неа. Урбаното зеленило и неговото уредување не смее да се гледа само од естетски, туку и од еколошко-урбанистички аспект. Креирањето нови зелени површини и нови насади треба да се одвива во правец на подобрување на квалитетот на урбаната средина според веќе потврдени методи, а не со избрзани, неиздржани и често козметички привремени зафати.

Извор: respublica.edu.mk