Економија на споделувањето: изнајми, размени, подари, заработи (1)

29.12.2015 11:11
Економија на споделувањето: изнајми, размени, подари, заработи (1)

Паромлин е идеална матеафора за оваа приказна.

Постојат грандиозни планови за тој опожарен, разрушен споменик на индустриската архитектура од 20 век во центарот на Загреб, кој се простира на повеќе од 30 илјади квадрати.

Дали ќе го претвориме во музеј или библиотека? Можеби луксузен хотел или комплекс скапоцени станови и отмени деловни простори? Се зборуваше и за луксузно место за капење на таа локација.

Ако Паромлин случајно се наоѓаше во Пекинг, иднината ќе му беше сосема поинаква.

Таму, на местата со слични распаднати градежни објекти никнуваат необични футуристички деловно-животни заедници кои се викаат You+.

Во напуштена зграда од една фабрика и едно училиште заедно живеат и работат програмери, инженери и сопственици на стартапови, вкупно 60-тина.

Евангелистите

Концептот се нарекува co-living, и наједноставен превод за него би бил соживот. Станува збор за логична надоградба на co-working трендот кој се појави во Хрватска.

Накратко, co-working е заеднички канцелариски простор во кој се собираат и работат луѓе од различни, штотуку отворени компании или мали бизниси.

Трошоците за одржување се пониски, опремата е заедничка, а со споделувањето на деловните простории се споделуваат и идеи и мислења. Во таквите канцеларии често се нафрлуваат зборови како револуција, напредок, апликација или стартапови. Во пет хрватски градови во моментов постојат девет такви заедници здружени во здружението Coworking Croatia.

Меѓутоа, You+ во Кина е нешто сосема поинакво. Луѓето не само што работат заедно туку и живеат заедно, а не поседуваат речиси ништо.

Споделуваат сè, дури и готвењето храна.

Тајлер Сион (28), ко-основач на стартап за биткоини, кој пред седум дена на Bloomberg Business му објасни како изгледа неговиот живот во You+ заедницата во Пеникг, вака го сумираше тоа: зошто би поседувал нешто ако можам тоа да го изнајмам?

Тој е еден од 5 000 Кинези од 20 You+ заедници ширум земјата, а иако неговиот стартап минатата година заработи околу 3 милиони долари, тој за 500 долари месечно изнајмува само заедничка соба и бања, поседува само два пара чевли и десетина маици и гаќи, а не му паѓа на ум да купи автомобил.

Неговиот You+ комплекс има заеднички канцелариски простори, кафуле, дискотека и соба за играње видео игри.

Со колегите развива мобилни игри, апликации за подобар сон и слични IT проекти.

Во истата заедница со сопругата живее ко-основачот на You+, Су Ди (36.)

„Зошто младите луѓе да работат со години во туѓи компании за да заработат нешто, кога овде поевтино можат да експериментираат со своите идеи, да се дружат, да започнуваат бизниси и да запознаваат истомисленици?“ се прашува.

Кинезите се своевидни евангелисти на новиот начин на работење и живот, кој сè побрзо се појавува на глобалната сцена. Станува збор за економија на споделување (sharing economy), која Хрватите најдобро ја знаат по Uber, сервис за евтино такси возење кој неодамна стигна во Загреб. Покрај Uber, најпозната слична компанија е AirBnB која ги поврзува луѓето што изнајмуваат недвижности со оние кои сакаат да престојуваат во нив.

Економијата на споделувањето не е тренд кој ќе исчезне за неколку години како што и се појави, смета еден од најугледните економисти во светот, Џереми Рифкин, чија дефиниција за овој облик работење во моментов ја цитираат најугледните медиуми на планетата.

„Економијата на споделувањето е непризнатото дете на капитализмот“, смета Рифкин, „и можеби сè уште е незрело и греши, но на крајот, како и секое дете, ќе го промени и својот татко.“

Капитализмот и економијата на споделувањето, иако во моментов изгледаат дијаметрално спротивни, на крајот ќе мораат да најдат начин за заеднички соживот.

„А, тоа, потоа ќе предизвика трета индустриска револуција“, заклучува Рифкин во интервју за италијанскиот L’Espresso.

Инаку, Рифкин е тип кого медиумите обожаваат да го цитираат.

Во најновата книга „The Zero Marginal Cost Society“ пишува така: „Што ако ви кажам дека за 25 години количината енергија што ја користите за да го загреете домот, за работа на апаратите од домаќинството, за полнење на мобилните телефони, за возење автомобил ќе биде речиси бесплатна? Милениумската генерација, длабоко погодена од големата рецесија и стагнирањето на економијата почна да ги менува приоритетите во животот, од материјален успех кон исполнет живот. Нашите внуци веројатно со неверување ќе гледаат на ова доба на масовно вработување, како што ние денес гледаме на ропството. Самата идеја дека вредноста на човекот се мери само според тоа колку заработил и потрошил ќе им делува варварски и примитивно.“

Заради ваквото размислување многумина го сметаат за визионер.

Милијардерите

Економијата на споделувањето што ја заговара, оваа година ќе создаде вредност од 15 милијарди долари, но до 2025 година ќе се остваруваат годишни приходи од 335 милијарди долари, сметаат во мултинационалната компанија за бизнис советување Pricewaterhouse Coopers.

Само Uber, како најекспониран пример за таков бизнис, сега, велат, вреди над 50 милијарди долари. AirBnB вреди околу 20 милијарди.

Didi Taxi, кинеската верзија на Uber, која, на пример, ја користи Тајлер Сион од комуната You+, се проценува на 16,5 милијарди, а Тујила, кинескиот пандан на AirBnb, само што влезе во клубот милијардери.

Како што проценуваат експертите, во моментов Кинезите се најстраствени заговорници на економијата на споделувањето. И тоа не е случајно.

На пример, Сион цел живот живее во комуни. Кога бил дете, морал да живее така затоа што така наредил Мао Це Тунг.

„Тогаш ми пречеше тоа. Денес, пак, самиот одлучив да живеам во You+ која функционира на слични постулати. И среќен сум. Немој да мислите дека не гледам иронија во тоа“, вели за Блумберг.

Токму таа историја на живот во комуни и навиката во комунистичкиот режим сè да ѝ припаѓа на државата, а не на поединецот, во комбинација со постојанта економска промена и развојот, ги тера Кинезите побрзо од останатите да ги прифаќаат постулатите на економијата на споделувањето. Во најновата анализа, Нилсен проценува дека дури 94 проценти од Кинезите се подготвени да го прифатат тоа како основен модел за живот, за разлика од само 43 проценти од граѓаните на САД.

На крајот на краиштата, токму во концептот You+ најмногу пари вложува Леи Јун, основач на телекомуникацискиот гигант Xiaomi Corp кој се збогати од произведување смартфони, а слични заедници постојат во Данска (Nest Copenhagen), Шпанија (Sende), но и во САД (Common).

Меѓутоа, што точно претставува економијата на споделувањето и на што се темели?

Потрошувачите

Ако економијата е човечка активност која се состои од производство, дистрибуција, размена и потрошувачка на добра и услуги, тогаш споделувањето, во екот на економската криза, е добредојден модел на промена.

Нејзиното основно начело е од размената и користењето добра и услуги да се исфрлат посредниците и трошоците за посредување. Освен посредниците, исчезнуваат и снабдувачките ланци и престанува да важи парадигмата во која „само неколкумина произведуваат за мнозинството“.

Култниот научнофантастичен писател Исак Асимов одамна го предвиде таквиот хоризонтален дистрибутивен систем: мноштво произведувачи ќе допираат до мноштво потрошувачи, а за тоа најмногу кумуваа развојот на интернетот и информатичките технологии, генерално.

Меѓу другите, на таква основа се изградени Ebay и Craigslist. Купувачот не мора да оди во продавница или да плаќа разлика во цената, ќе го набави истиот производ со неколку кликања, а полицата од која купува е целиот свет.

Во економијата на споделувањето токму споделувањето, смета Вилијам ван ден Броек од парискиот coworking Mutinerie, ја следи логиката на подарувањето и против-подарувањето.

„Капитализмот вели дека за да потрошиме нешто, прво мораме да го поседуваме, а ресурсите како и времето ни се ограничени“, тврди Броек и се сложува со Рифкин дека за 25 години идејата за сопственоста ќе се смета за ограничена и старомодна.

И тоа е основата со која одеднаш пораснаа AirBnB и Uber. Првите се занимаваат со изнајмување апартмани, а не поседуваат ниедна недвижност, а вторите со такси превоз, а немаат сопствени автомобили.

„Ако вашиот автомобил стои десет часови на паркинг, дали не е поефикасно да го споделат повеќе луѓе?“ се прашува Броек.

Така функционира контроверзниот Uber pop (засега, во Хрватска заради законодавни сплетки заживеа Uber X, потрадиционален такси превоз) кој на барикадите дигна професионални таксисти од Милано до Мумбај.

Возачите на Uber можат, кога и да посакаат, со својот автомобил да превезуваат колку сакаат луѓе, а за тоа не мора да бидат професионалци или дел од превозничкиот еснаф. Се регистрираат во апликацијата на Uber, корисниците со помош на истата ги пронаоѓаат и изнајмуваат, нема плаќање со готовина (сè оди преку кредитна картичка со ситна провизија за Uber), нема данок, ДДВ и останати давачки.

Возењето е евтино и брзо.

Но, токму Uber како синоним за економијата на споделувањето почна да ги дели и луѓето.

Додека едни го гледаат како евтин и брз начин за превоз, други го гледаат како опасност од отказ и намалување на работничките права. А, тоа е најголемата противречност на економијата на споделувањето.

Освен што не е сопственик на автомобили, Uber не вработува ни возачи. Во компанијата работат само околу 1 500 луѓе, а се проценува дека истовремено секој месец (постојат од март 2009 година) ширум планетата се отвораат околу 20 000 работни места.

L’Espresso пишува дека само во Торино, за девет месеци, се овозможила работа за околу 600 возачи.

Тие не се нивни возачи, но не се ни фриленсери, па новинарите од Wall Street Journal се прашуваат дали дојде време за нова дефиниција на вработувањето?

Возачите на Uber ги нарекуваат Шредингерови мачки кои не се ни живи ни мртви, туку им пркосат на конвенциите.

Затоа Wall Street Journal ги нарекува dependant contractors за што најдобар превод би бил зависен претприемач: значи, тоа се личности кои работат само за една компанија, но самите одлучуваат колку и кога ќе работат.

Авторот на текстот дебатира: во американското законодавство не постои таква формулација, но постои во германското – таквите луѓе се подобро заштитени со законите од фриленсерите, но немаат целосни права како постојано вработените.

Заради тоа во САД економијата на споделувањето често се нарекува и „економија 1099“, што означува даночен код со кој се оданочуваат уберовците.

Ваквите лизгачки поими им создаваат ноќни мори на директорите на големите компании. Истражувањето на IBM за 2015 година, спроведено на неколку илјади извршни и финансиски директори од најголемите компании покажа дека токму поради терминот уберизација не можат да спијат.

Продавачи на магла

Уберизацијата значи дека секој момент од некоја гаража може да се појави набрзина склопен IT стартап кој преку ноќ го презема вашиот пазар и станува лидер. Се укинуваат постојаните линии на производство, снабдување и начин на плаќање, а купувачите понесени од евтината услуга заминуваат од вашиот „дуќан“.

И самиот Uber спроведува истражувања меѓу „своите“ возачи и тие редовно кажуваат дали се задоволни бидејќи самите си се шефови, а работното време им е флексибилно. Корисниците повторуваат: услугата е одлична затоа што е брза и евтина.

Експертите се сложуваат: од ваквите услуги најмногу профитираат најсиромашните бидејќи можат да користат услуги и стоки кои самите никогаш не би можеле да ги поседуваат.

Па, тогаш во што е проблемот?

Во тоа што економијата на споделувањето е всушност економија на отпадоци, смета Роберт Рајх, економист од Универзитетот Беркли кој бил министер за труд во администрацијата на Клинтон.

„Најголемиот профит оди кај сопственикот на софтверот, се укинуваат работните места и потребата од човечки труд“, тврди.

Токму Wall Street Journal оди уште подалеку и ја нарекува економијата на споделувањето нов феудализам.

Изнесуваат и бројки: Uber постои само шест години. Уште сега заработуваат две милијарди долари годишно. А компаниите како оваа само во Франција во наредните десет години ќе уништат околу три милиони работни места.

Значи, десет проценти од вкупниот број работоспособни.

А сите кои ќе учествуваат во економијата на споделувањето ќе заработуваат минималец или малку повеќе од тоа.

Заради тоа, сервисот на Uber за евтино возење во едиторијалот од мај го нарекуваат сервис за мали плати. Велат дека и покрај привидот на Uber, AirBnB и сличните стартапови од Силиконската долина економијата на споделувањето всушност не постои.

„Луѓето сега почнаа да купуваат апартмани кои не им требаат и за кои немаат пари, со цел да му изнајмуваат на AirBnB и така да го вратат трошокот. Исто е и со автомобилите на возачите на Uber. Сите тие сервиси се впрочем само нов пазар, а не нов економски модел. Од стариот се разликуваат по тоа што на своите продавачи и купувачи како посредници им овозможуваат малку повеќе контрола“, тврдат во Wall Street Journal.

Финансиската блогерка Изабела Каминска, во својот текст за Financial Times тврди дека се премолчува незгодната вистина за економијата на споделувањето.

„Станува збор за бизнис изнајмување во кое од пазарот се истиснува еден посредник за другиот да заработи од тоа“, пишува.

Од друга страна, економистот Алан Кругер (додуша, во соработка со Uber) спроведе истражување според кое возач на Uber во Вашингтон или Лос Анџелес на час заработува 17 долари. Но, кога ќе се додадат трошоците за гориво и одржување на автомобилот тој износ се движи околу само 10 долари.

Иако заработката од 70 куни за еден час за просечен Хрват звучи добро, станува збор за американски велеградови, а десет долари е поблиску до американскиот минималец отколку до добра заработка.

Заради тоа, сè почести се обвинувањата дека компаниите како Uber или кај нас помалку познатите Lyft, Sidecar и Didi Taxi, всушност се ефикасни машини за создавање работни места за минималец. Во прилог на тоа оди фактот дека дури 80 проценти од таксистите на Uber имаат втора работа, а половината возат такси помалку од 15 часови неделно. Сепак, кога станува збор за дополнителен џепарлак, Uber е неспоредлив.

Но, да не се задржуваме многу на толку споменуваниот Uber.

Кон вториот дел.

Извор: Globus, 11.12.2015

ОкоБоли главаВицФото