1022 hPa
81 %
8 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 16:59
Деновиве, организацијата „Глобал фајненшл интегрити“ (ГФИ) го објави својот годишен извештај, насловен: „Незаконски финансиски текови од земјите во развој: 2004 – 2013“. Некои медиуми само ја проследија веста, други направија пошироки осврти (24 Вести и „Утрински весник“, на пример). Мнозинството од нив го објави податокот дека од Македонија, во последните десет години (2004-2013), незаконски се одлеале, кумулативно, 5,162 милијадри долари, или просечно годишно по 516 милиони долари. Поврзано со тоа, некои традиционални бранители на власта ја нападнаа компетентноста на организацијата Глобален финансиски интегритет, напаѓајќи ја, пред сè, употребената методологија за проценување на износите на незаконски одливи/приливи од/во сиромашните и земјите во развој. Не кажаа зошто таа методологија е неупотреблива. Од едно место стигна анатемата - не била меѓународно верифицирана.
Го прочитав извештајот внимателно. Не само поради наведените реакции! Не само поради спомнувањето на високите износи незаконски одлеани пари, туку и поради фактот дека таквиот извештај ќе мора да го читаме, очигледно, и во годините пред нас. Па, откако го прочитав, што мислам за него? Колку е сериозен, ќе нè следи ли во натамошниот период, ќе нè натера ли да преземеме нешто во врска со таа тема и неговите наводи?
1. Студијата не е подготвена од аналфабети!
Очигледно, извештајот не е подготвен од сензационалисти. Основачот на организацијата (ГФИ), Рејмон В. Бејкер, e познат американски бизнисмен, интелектуалец, автор на значајни дела, меѓународно признат авторитет за темите корупција, перење пари, раст и прашања од надворешната политика.
Главниот автор на извештајот, Дев Кар, е искусен економист, со највисоки академски звања стекнати на познати американски универзитети, кој, ни повеќе ни помалку, работел 32 години во ММФ, долго години како сениор економист, работејќи на широк спектар макроекономски и статистички прашања. Од текстот дознаваме дека Извештајот на ГФИ сериозно го спонзорира и владата на Финска, а знаеме дека веќе е седми по ред.
2. Колку пари се во прашање?
Наодите на студијата се алармантни. Нејзините автори утврдиле дека во период од десет години, 2004-2013, од сиромашните и од земјите во развој се одлеале 7,8 трилиони долари; дека секоја година наведениот износ се зголемувал со неверојатно висока просечна стапка од 6,5 отсто; дека во 2013 одливот е највисок, 1,1 трилион долари; дека во вкупниот износ од 1,1 трилион долари (2013) 25,5 отсто, односно околу 250,4 милијарди долари отпаѓа на европските земји во развој - но во нив само на Руската Федерација околу 120 милијарди (48 отсто). За да не го оптоварувам текстот со многу бројки, да кажам дека: незаконските одливи на земјите од Супсахарска Африка изнесуваат 6,1 отсто од нивниот БДП, на европските земји во развој 5,9 отсто (заедно со Русија), на азиските земји во развој 3, 8 отсто, на истите од Западната хемисфера со 3,6 отсто, итн. Ако се исклучи Руската Федерација од групата европски земји во развој, незаконските одливи од овие европски држави во развој би изнесувале нешто под 3 отсто од БДП.
Зошто, доколку овие бројки се точни, се крајно алармантни? Прво, рековме дека годишниот раст на незаконските одливи изнесува 6,5 отсто годишно. Тоа е двојно повеќе од просечната стапка на раст на светската економија во истиот период.
Второ, како што вели студијата, износите на незаконските одлевања на финансиски капитал се далеку поголеми од износите што секоја од овие земји ги добива како помош за совладување на сиромаштијата, заедно со вкупните износи на странски инвестиции.
3. Што вели студијата за Македонија?
Авторите на овогодишниот извештај процениле дека во истиот десетгодишен период (2004-2013) од Македонија незаконски се одлеале 5,162 милијарди долари. Во просек, секоја година се одлевале по 516 милиони долари, или просечно по 5 отсто од БДП. Ако, на пример, во десетте години владеење на нашата злосторничка власт стапката на економскиот раст, мерена преку растот на БДП, просечно годишно изнесувала 2,9 отсто, а незаконските одливи околу 5 отсто годишно од тој ист БДП, не треба никој да ни „телефонира“ зошто Македонија е во оваа состојба, зошто имаме највисока стапка на невработеност во Европа и исто таква на сиромаштија. Или, доколку, теоретски, стапката на незаконски одливи би била нула, бруто-инвестициите во Македонија секоја година потенцијално би можеле да бидат поголеми за близу една петтина од тековно остваруваните.
Ако ги споредиме процените за незаконските одливи на финанскиски капитал од Македонија со приливот по основ на директни странски инвестиции, состојбата е следната: во истиот период од десет години (2004-2013), вкупниот износ на странски директни инвестиции во Македонија (заедно со продажбата на ЕЛЕМ) изнесува 3,8 милијарди долари, наспроти 5,2 милијарди долари незаконски одлеани финансиски средства. Сведени на годишен просек, во истиот период од десет години, во Македонија просечно годишно влегувале по 348 милини долари директни странски инвестиции, а незаконски испарувале просечно годишно по 516 милиони долари. Ако продолжиме со потенцирањето на големината на одливите, ќе кажеме дека, просечно, секоја година незаконските финансиски текови на Македонија (516 милиони долари) изнесуваат над 60 отсто од годинешниот државен пензиски фонд.
4. Колку се точни изнесените податоци?
Рековме дека главниот износ на констатирани незаконски финансиски средства се утврдува преку неточното фактурирање на трговијата (trade misinvoicing). Од вкупниот износ означен како незаконски текови, 83 отсто е добиен од разликата покажана при споредбата на фактурите оверени од царинарниците на земјите во развој и фактурите оверени од царинарниците на развиените земји. Во 2013 година, за 56 земји во развој, од вкупно 156, податоците се добиени со таквата билатерална споредба, а за остатокот преку послабата метода, спомната погоре.
Утврдениот износ за Македонија главно базира на најдобрата, или најмалку лоша метода, билатерална споредба на фактурите со секоја од развиените земји, зашто Македонија има таква дезагрегирана статистика. Бидејќи тие податоци се добиени врз основа на утврдени разлики меѓу фактурираните вредности во царинските декларации/фактури, прифатени од македонската Царинарница (таа наплатила царини на тие износи) - потоа истите користени од НБРМ за составување на платнобилансната статистика - па така споредени со царинските фактури на секоја од развиените земји поединечно за да се утврди разликата, да се каже, онака лежерно, дека податоците не се точни, произлегува дека податоците што се црпат од фактурите верифицирани од македонската Царинарница се исто така неточни. Белки не се сака да се каже дека податоците од оцаринетите фактурни вредности на развиените држави (на пример, 32 земји на ОЕЦД) се неточни, или помаку точни од оние нашине. Според тоа, да се каже дека се сосема точни, би било веројатно грешка. Впрочем, за тоа се свесни и аналитичарите на ГФИ. Но да се отфрлаат со леснотија каква што видовме деновиве од некои места во Македонија, тоа секако е огромна грешка - намерна или од незнаење.
Но, кога аналитичарите на ГФИ велат дека има проблеми со точноста на податоците, тие не велат дека се преценети, туку потценети. Потценети се, велат, затоа што не се вклучени други канали преку кои се можни значителни износи на незаконски приливи и одливи на финансиски средства, како, на пример, категоријата размена на услуги, како голема ставка во билансите на плаќања на секоја држава, а исто така не се опфатени и некои други канали на можни незаконски финансиски трансакции.
Дали бројката од 516 милиони незаконски финансиски текови нотирани за Македонија е голема или мала, ќе се обидам да покажам на еден конкретен начин: во 2014 година вкупната размена на стоки на Македонија со странство (увоз и извоз заедно) изнесувала 9,821 милион американски долари. Можните манипулации во извозот и увозот се вршат по неколку основи: (1) неточно искажана цена, (2) неточно деклариран квалитет, (3) неточно декларирани количини. Во истата година вкупната вредност на услугите во двата правци (увоз-извоз) изнесувала околу 3 милијарди долари. Така добиваме вкупна размена на стоки и услуги со странство (во двата правци) со вредност од 12,8 милијарди долари. Така вели Платниот биланс на Република Македонија, што го подготвува НБРМ.
Ако претпоставиме дека е можно просечно со секоја фактура за извоз и увоз на стоки и услуги (натценета или потценета вредност во споредба со стварната) да се „скрие“ финансиска вредност од „само“ 3 отсто, прикриената, одлеаната и неоданочена вредност се доближува до 400 милиони долари во една година. Меѓутоа, не знаеме и многу други работи. На пример, не знаеме дали некаде воопшто се евидентирани исплатените милиони во врска со аферата „Маѓар телеком“ на наши, бивши и сегашни функционери - партиски или државни, сеедно; каде, како и дали воопшто е, или може да биде некаде евидентирана кинеската провизија (платена од нашите пари) за изградбата на познатите патни правци во државата; дали и каде се евидентирани финансиските малверзации со грчката фирма „Актор“; не знаеме колку функционери и бизнисмени од Македонија имаат отворено сметки и регистрирано компании во т.н даночни раеви и тајни јурисдикции; колку наши граѓани поседуваат капитал во компании наречени „анонимни старатели“ (anonimuss trusts) и таканаречени „shell companies“ што не котираат на берза, но имаат правна егзистенција и, можно, актива со која не тргуваат, чувајќи се за некоја идна цел итн.
Катица Јанева овие прашања не може да ги расчисти. Потребни се силни и компетентни институции, политичко водство што сака разрешница, а не перјаница во разграбувањето на државата и ѕидар на вакви проблеми. Еден бивш американски амбасадор во Македонија, за еден исто така бивш функционер, ми спомна дека само тој има, ни помалку ни повеќе, 200 милиони долари на сметки во странство. Не сакав да верувам дека тоа е точно. Но, за денешниве, од снимените разговори, се чини дека таквите износи се „ситно“.
5. Ако се точни бројките за незаконските одливи, кај кого отишле парите?
Кога беа цитирани годинешниот и ланскиот извештај на ГФИ, главно се наведуваше износот на одлеани пари од Македонија. Од така восприемена информација, нестручната и јавноста што не следи вести со внимание, може да добие впечаток дека сите овие големи износи се „здиплени“ од државни функционери. Тоа секако не е точно. Од методологијата за нивната процена се гледа дека таквите износи станале сопственост на лица од двата сектора - приватниот и јавниот. Во корумпирани држави, само таква симбиоза може да испумпа толку многу пари без каква и да е одговорност. Македонија, за жал, станува Супсахарска Африка, или Колумбија, Костарика, Гватемала и слични, на Балканот.
6.Што треба да направи една чесна власт кога ќе се појави ваков извештај?
Наместо игнорирање и неодговорно потценување на неговата содржина, колку и да е дискутабилна, Владата на Република Македонија треба да пристапи кон сериозна проверка на изложените констатации. Се работи за извештај што циркулира во Светот и ќе продолжи да циркулира. Имено, треба да направи сè да ѝ докаже на јавноста дека, можеби, наводите во него, што би рекол нашиот Монструм, се со следниот (не)квалитет: „Некои делови се точни, некои делови се половично точни, некои се целосно неточни“. Јас, лично, кога би имал објективна или субјективна одговорност, во зависност од работното место, веднаш би ги поканил авторите на студијата да ја посетат Македонија и заедно со стручни лица од НБРМ, Министерството за финансии, Царинарницата на Македонија и Државниот завод за статистика би извршил темелна дискусија со нив.
Но, така би постапила една чесна влада. Нечесната, имаме многу примери како постапува. Се обидува да скрие дури и убиства на луѓе, барем додека не ѝ подготви на јавноста приказна дека тој и неговата банда не се виновни за настанот, ако веќе настанот не може да се скрие. Инаку, доколку некој од власта ги чита овие извештаи на ГФИ, ако следи што работи ООН, ќе види дека незаконските финансиски текови станале дел од Милениумските цели на ООН, сериозен интерес на ОЕЦД и Г-20, дека нашироко се дискутираат на конференции организирани и под покровителство на Обединетите нации, така што не е далеку денот, поврзано со нашите аспирации за евроатлантските интеграции, кога ќе ни биде испорачана задача и во врска со ова прашање. Секако, ако дотогаш нас не нè интересира каде исчезнуваат парите од Македонија и зошто држиме први места според стапките на невработеноста и сиромаштијата во Европа.
НАМЕСТО ЗАКЛУЧОК
Корупцијата ги јаде работните места. Корупцијата е главната причина за сиромаштијата. Со толку висока корупција како во нашата држава, нема одржлив развој. Корупцијата и последиците од неа ги иселува нашите деца од Македонија, правејќи земја на медиокритети од секаков вид. Се разбира, таа, пак, е последица од екстрактивните политички институции, кои по дифолт произведуваат екстрактивни економски институции - институции, ако воопшто можат така да се наречат, преку кои секојдневно се разграбува националното богатство од шака бескрупулозни арамии. Ако на еден дел од граѓаните им е тешко да ја персонализираат вината за сиромаштијата и невработеноста, иако тоа е нивниот најсилен допир со стварноста, ако не можат доволно да разберат колку недемократските институции се виновни за сето тоа, тогаш сигурно можат полесно да ја персонализираат корупцијата. Полесно можат да разберат дека се краде од нивното, па затоа толку малку има за нив. И, доколку целата демократска опозиција повеќе отколку досега им помогне во тоа, без да го потценувам тоа што сега се прави, збогувањето со оваа власт ќе стане уште поизвесно.
На почетокот реков дека не сакам да верувам дека граѓаните толку малку мислат на корупцијата како проблем во нашата држава и на пустошот што таа го прави врз нивните животи, колку што покажува малиот процент на оние што ѝ дале првенство во производството на злото со кое се соочуваат. Но, како и да е, постои повеќе од потреба демократската опозиција ова прашање уште појасно да им го долови на граѓаните, ако сака да оствари подобар резултат на претстојните избори. Недозволиво е аргументите што ѝ се во раце да избледнат. Да се извитоперат. Да се удават во океанот на заглушувачката врева којашто секојдневно ја прават овие демони. Недозволиво е целиот овој планетарен грабеж да се удави во еден процес на лажен дијалог арбитриран од бескрајно рутинизирани меѓународни бирократи, во име на некакво демонстрирање „разумност“ (која треба да ја нуди само опозицијата), или да биде потиснат со квазиреформските ритуали на кои сме сведоци со децении. Овој пат не смеат да се извлечат. Пресингот врз нив по прашањето на огромниот арамилак мора уште повеќе да се зголеми, зашто одамна се почнати да ги спалуваат доказите за тоа, да ги рекомпонираат нивните имотни портфолија и да ги титулираат на анонимни старатели и роднински неповрзани чувари на украденото благо.
КАКО СЕ ДОШЛО ДО ИЗНЕСЕНИТЕ БРОЈКИ?
Авторите користат два главни извори на податоци. Едниот извор се извозните и увозните фактури на земјата во развој, споредувани со истите од секоја развиена држава со која првата има размена. Се надевам дека нема некој што ќе каже дека податоците на недоволно развиените држави, со сите институционални слабости и докажано високи нивоа на корупција, се точните, а оние на најразвиените земји се неточните. „Во основата на овој пристап, забележан првично од Багвати (добро познат и реномиран економист во светот), лежи простиот факт дека увозот на земјата А од земјата Б истовремено е извоз на земјата Б во земјата А. Во свет без неточно фактурирање на трговската размена, или статистички грешки во составувањето (сосема оправдано нагласува Студијата), за кои, пак, ММФ вели дека се мали, податоците за трговската размена објавени од земјата А и земјата Б треба да се совпаѓаат, откако ќе се приспособат да ги одразат трошоците на осигурувањето и превозот“.
Според тоа, тешко може да се најде поедноставен и поиндикативен начин за проверка (или, ако сакате, почеток за откривање) на неточно фактурирање/искажување на трговската размена, истовремено и побезболен пат за трансфер на најголеми количини неоданочени и лично присвојувани финансиски фондови. Ако разликата во увозот (помеѓу недоволно развиената и развиена земја) е позитивна, се вели дека земјата има натценет увоз (фактурирала повеќе увоз од стварниот - има незаконски одлив); ако увозната разлика за истата земја е негативна, се вели дека земјата фактурирала помалку од фактичкото, односно има потценет увоз (незаконски прилив). Она што е ново во оваа методологија е тоа што авторите не ги негираат преценетиот извоз и потценетиот увоз. Со право! И во едниот и во другиот случај има незаконитост - криење приходи и затајување даноци. Затоа оваа метода ја нарекле „Gross excluding reversals“.
Кога, од различни причини, многу земји во развој не ги објавуваат нивните податоци за трговската размена одвоено за секоја развиена држава, трговските отстапувања се пресметани на ист начин како погоре опишаниот, освен што извештаите за светската трговија мора да бидат користени наместо (претпоставено) поточните за секоја развиена земја одвоено. Авторите јасно признаваат дека оваа алтернатива носи неспоредливо повеќе можности за неточно утврдување на незаконските финансиски текови. Но, таа ја применуваат кога земјата во развој нема одвоени податоци за трговската размена одделно за со секоја развиена држава.
Вториот извор за утврдување на незаконски финансиски текови се таканаречените „истекувања“ од билансите на плаќања на државите. Организацијата Глобален финансиски интегритет, како што ја опишува во Извештајот, ја користи т.н метода „Hot money nerow“ (HMN), за да ги идентификува незаконските - не само неевидентираните - одливи од земјите во развој. Методата „жешки пари“ зборува за исчезнати пари од економијата. Овие процени се базирани на „нето грешките и пропусти“ во платните биланси на земјите во развој, а ГФИ за тоа ги користи платно-билансните статистики на ММФ. Од друга страна, пак, се вели во студијата, нерегистрирани и незаконски финансиски текови надвор од билансот на плаќања би вклучиле електронски трансфери од некои банки и странски девизни брокери што не се регистрирани кај централните банки или кај други регулаторни агенции.
Кога зборуваме за незаконски финансиски текови утврдени од ГФИ, клучно е да се нагласи дека 83 отсто од износот е утврден преку неточните царински фактури на стоките што се разменувале.
Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња