Поради загадувањето владата размислува да ја одложи Нова година за во април

29.12.2015 13:45
Поради загадувањето владата размислува да ја одложи Нова година за во април

Скопје, 29 декември 2015

Пара вести ексклузивно дознаваат: на последната владина седница било разгледувано прашањето за одложување на Нова година во Македонија за април месец, кога загадувањето на воздухот е во помали количини и кога не се појавуваат зимските магли во многу македонски градови.

„Земајќи го како приоритет здравјето на граѓаните, владата на Република Македонија размислува да го одложи прославувањето на Нова година, кое традиционално се врши на 31 декември, и да го помести некаде во април, по можност на први истиот месец, за да се совпадне со прославата на априлијадата, со цел граѓаните да заштедат пари поради намалување на одредени трошоци поврзани со празнувањето“, се вели во соопштението што беше испратено до медиумите.

Сепак, оваа идеја наишла на отпор меѓу голем број владини службеници кои веќе уплатиле новогодишни аранжмани во странство, па владата го повлекла предлогот кој сега е подложен на одново разгледување. Како нов датум се споменува 24 април, денот кога се закажани новите парламентарни избори.

Слика: Свирачиња