Предлог-мерки за намалување на загадувањето од сообраќајот

30.12.2015 02:01
Предлог-мерки за намалување на загадувањето од сообраќајот

Мерки на краток рок, во денови на екстремно загадување

 

-Да се забрани моторизиран сообраќај во централното градско подрачје и во други делови од градот (каде ќе се процени дека забраната ќе има ефект врз демотивација на користењето на приватни возила) освен за јавен превоз и специјални возила (полиција, противпожарна, прва помош)

-Да се направи строг режим на достава на стока со товарни возила чие непочитување ќе се санкционира

-Да се забрани користењето на автомобили за стандард понизок од ЕУРО 4 и за возила со погон на дизел

-Да се возат автомобили на принципот пар-непар

-Да се преземат мерки кои би демотивирале превезување на еден човек во една кола или стимулативни мерки кои би мотивирале car-sharing (споделување на превоз)

-Да се има строг однос кон нелегално паркираните возила на пешачки и велосипедски патеки (паркирањето насекаде, „до врата“, „на 5 минути“ е еден од главните демотиватори на пешачењето и возењето велосипед кои се незагадувачки начини на транспорт)

-Да се воведе бесплатен јавен превоз

-Да се делат заштитни маски со соодветни стандарди кои штитат од PM 10 честичките

 

Долгорочни мерки - здрав транспорт за здрави градови

 

-Поставување цели за намалување на процентуалниот удел на автомобилскиот сообраќај од вкупниот сообраќај и зголемување на одржливите типови сообраќај. Пример: велосипедскиот сообраќај да биде 10 % до 2020 година итн.

-Креирање и постојано следење на индикатори за вело-сообраќајот и јавниот превоз во рамките на Државниот завод за статистика за да може да се следат трендовите на ова поле

-Политики кои ќе ги фаворизираат незагадувачките и здравите начини на транспорт во сите нивоа на донесување одлуки, кај законодавна, извршна и локална власт. Од закони, стратегии, буџетирање, урбанистички планови, проекти, до изведба. Сите политики да ги стават на прво место: пешачењето, возењето велосипед и јавниот превоз

-Градовите, улиците, правилата, спроведувањето - сите да се планираат и реализираат така што патувањето со јавен превоз на која било дистанца и патувањето со велосипед на релации до 5-6 километри ќе бидат побрзи од патувањето со автомобил со што би се мотивирала прераспределба

-Задолжително да се изготвуваат велосипедски и пешачки планови за сите градови во Републиката

-Да се зголемат буџетите определени за одржлив транспорт на државно и општинско ниво

0Да се воведе и унапредува јавен превоз со највисоки еко стандарди во сите поголеми градови на Републиката

-Да се зголемат еко-стандардите за увозот на возила

-Да се воведат системи за изнајмување велосипеди во сите поголеми градови

-Да се прошират пешачките зони во центрите на сите градови

-Наместо проширување на улици за автомобилски сообраќај, што привлекува нови возила, да се спроведат „улични диети“. Улична диета значи намалување на бројот на ленти за возила на една улица или пак, задржување ист број на ленти за возила, но нивно стеснување. И во двата случаи вишокот простор се доделува на незагадувачкиот превоз, со што и се зголемува безбедноста и се намалува загадувањето

-Нула толеранција од полицијата за окупирање на пешачки, велосипедски и автобуски ленти од страна на автомобили, што е и законски забрането! Толерирањето на ова незаконско однесување и неказнување = субвенционирање на загадувањето. Да се олесни спроведувањето на оваа одредба преку воведување на комунални редари.

-Да се воведе строг режим на достава на стока со товарни возила како редовна пракса. Во термините надвор од дозволеното да се поттикнува достава со карго-велосипеди

-Центарот за управување и контрола на сообраќајот да ги програмира семафорите со пешаците и велосипедистите како параметар, а не само возилата

-Да се воведе едукација за ефектот на сообраќајот во загадувањето и часови за возење велосипед како регуларен дел од наставата во основното и средното образование

-Да се воведат различни награди за вработените кои доаѓаат на работа со велосипед, пеш или со автобус

-Да се воведе Car-free Day на одреден временски период (еднаш неделно или барем еднаш месечно) во кој ќе се затворат главните градски артерии за автомобили, а улиците ќе им припаѓаат на граѓаните и здравите активности во текот на еден ден.

Извор: natochak.blogspot.mk