Економија на споделувањето: изнајми, размени, подари, заработи (2)

30.12.2015 11:50
Економија на споделувањето: изнајми, размени, подари, заработи (2)

Иноваторите

Форбс во својата листа на 12 пионери на економијата на споделувањето покрива најразлични бизнис сектори од човечкиот живот.

Дали сте слушнале за Snapgoods, вебсајт преку кој можат да се изнајмуваат или позајмуваат скапи нешта како камери, музички инструменти или сребрен прибор?

Или Dog Vacay, на пример? Сопственикот на кучето оди на годишен одмор и наместо на улица или во скап кучешки хотел го остава кај некој друг сопственик кој за пониска цена сака со љубов да се грижи за вашиот миленик.

Relay Rides (кој од неодамна се вика Turo), на сопствениците им овозможува да изнајмуваат (всушност рентаат) автомобили од луѓе од својата населба или град. На час-два или на ден-два.

Taskrabit е мобилна апликација преку која луѓето најмуваат други луѓе да им одработат некоја домашна работа, достава на намирници или да им состават мебел. А системот функционира како аукција за работи, значи луѓето се натпреваруваат околу цената што ќе ја понудат.

Преку Liquid можат да се изнајмуваат велосипеди, Lending Club е peer to peer мрежа преку која може да се добие готовина на кредит со мали камати, а Fon функционира како голема бесплатна wi-fi мрежа. Ако сте дел од Fon вие им давате пристап на другите преку својата домашна wi-fi мрежа, а потоа бесплатно можете да добиете пристап од друга ако е во ваша близина еден од седумте милиони корисници на Fon.

______________________________________________________________________

Иновативни сервиси

Vinted: сервис преку кој можат да се продаваат или менуваат парчиња користена облека.
Spinlister: американски сајт преку кој се изнајмува спортска опрема, скии, велосипеди, даски за едрење.
Parkatmyhouse: ако живеете покрај аеродром или железничка станица, ова е идеална апликација за вас. Сопствениците на дворови и приватни паркинг места за 50 проценти пониска цена можат да им ги изнајмуваат на возачите.
Streetbank: повеќе од 50 000 домаќинства во Велика Британија во моментов споделуваат повеќе од десет илјади предмети: од алати, инструменти до облека и мебел. Страницата се темели на размена и е бесплатна.
Relayrides (сега Turo): рентање автомобили кои нивните сопственици не ги користат доволно. Работат во 2 500 градови и на 300 аеродроми. Автомобилите преку Turo се изнајмуваат во просек на пет дена и се 30 проценти поевтини од обичните компании за изнајмување. Не ги поседуваат автомобилите што ги изнајмуваат, работат само како посредници. Неодамна добија нови 50 милиони долари капитал за развој.
______________________________________________________________________

Низата оди до бесконечност, толку далеку што сопствениците на домашни миленичиња во Кина од љубопитност или разонода можат да изнајмуваат туѓи домашни миленичиња на одреден рок.

Некому треба змија за забава?

Нема проблем.

______________________________________________________________________

Шест најдобри компании создадени според принципите на економијата на споделувањето

UBER
Меѓународен сервис за транспорт основан 2009 година во Сан Франциско. Го основале Тревис Каланик и Герет Камп. Тие се творци на мобилната апликација Uber преку која корисниците можат да нарачаат возење од возачи кои ги превезуваат со сопствени автомобили. Оперативни се во 300 градови во 58 земји ширум планетата. Нивниот модел често го копираат, што се нарекува уберификација. Кога почнувале, се нарекувале UberCab, а во странство се прошириле 2012 година. Минатата година завршија меѓу 48 најмоќни компании во САД, а вредноста, иако сè уште не излегле на берза, им се проценува помеѓу 50 и 62 милијарди долари. Достапни се и во Загреб, а најавуваат проширување на своите превознички услуги и во воздушниот и морскиот сообраќај. Имаат контроверзен имиџ и во многу земји работат со потешкотии и постојани протести.

INSTACART
Мобилен сервис за доставување намирници. Вредноста му се проценува на 2 милијарди долари, а постои само три години во 18 американски градови и вработува 300 постојани работници, 1 200 повремени работници и има 7 000 клиенти. Купувачите од удобноста на својот дом посетуваат онлајн продавници на големи трговски ланци, избираат што сакаат да купат, а потоа некој (називот на занимањето е personal shopper – личен купувач) доставува за еден ден, најчесто за два часа. Ги нарекуваат Uber за намирници. Првата нарачка за новите клиенти е бесплатна, а потоа се наплатува помеѓу 3,99 и 5 долари.

FON
Постојат 10 години, а тврдат дека имаат најголема wi-fi мрежа на планетата, со околу 16 милиони хотспотови. Соработуваат со големите телекомуникациски компании. Нивните членови „фонери“ им даваат пристап преку својата wi-fi мрежа на други членови и потоа бесплатно ги користат нивните. Станува збор за шпанска компанија која подоцна е регистрирана во Велика Британија. Системот функционира така што секој член мора да има Фонер рутер или нивен софтвер во својот рутер

AIRBNB
Вебсајт регистриран 2008 година, преку кој се изнајмува мебел. Нуди околу 1,5 милиони недвижности во 34 градови во 190 земји во светот. Еден од вложувачите е и глумецот Ештон Качер. Ги проценуваат на 20 милијарди долари. Земаат помеѓу 6 и 12 проценти провизија од цената на мебелот. Бизнис моделот е следен: AirBnB ги поврзува домаќините и гостите (двете категории мораат да се регистрираат на вебсајтот), а самата компанија не поседува недвижности. Страницата има систем за оценување сличен на еBay со кој ја зголемуваат сигурноста и репутацијата на корисниците. Цените на наемот и куќните правила ги одредуваат самите корисници. Можат да се изнајмуваат цели куќи или само соби. AirBnB не одговара за инциденти кои можат да се случат при изнајмувањето и се препорачува осигурување на домовите што се изнајмуваат.

TASKRABBIT
Основачката Леа Буске ја основала компанијата во 2008 година. Денес Taskrabbit вработува 50 луѓе и нуди огласи за едноставни домашни работи и задачи во 19 американски градови и Лондон. Повремени работи преку Taskrabbit денес извршуваат 30 000 луѓе (студенти, невработени, пензионери, млади мајки). Преку сајтот годишно поминуваат неколку стотици милиони долари. Taskrabbit зема од 12 до 20 проценти провизија за секоја склучена зделка. Работниците ги одредуваат цените. Минимумот е минимално работно време и еден час работа. Секоја работа е осигурана до милион долари доколку има штета.

DOGVACAY
Го нарекуваат американскиот AirBnB за кучиња. Мобилен сервис за поврзување сопственици на домашни миленичиња и оние што сакаат да ги чуваат. Чувањето се наплатува околу 20 долари на ден, двојно е поевтино отколку во куќите и хотелите за кучиња. Работат и во Канада, а постојат три години. Го основале сопружниците Арон и Карин Хирсхорн кога и самите барале некој да ги чува нивните кучиња. Домаќините се пријавуваат бесплатно на сервисот, самите ја одредуваат цената, поминуваат низ проверка и тренинг и корисниците ги оценуваат по извршените услуги. Dog Vacay зема провизија. Минатата година од вентура фондот добија 47 милиони долари за развој. Имаат 85 вработени и околу 150 000 клиенти.
______________________________________________________________________

Тешко е да се прогнозира каква е иднината на овој систем на работење и начин на живот. Рифкин смета дека капитализмот ќе се прилагоди и дека наскоро ќе живееме во хибриден модел капитализам и економија на споделување.

Односот ќе биде рамноправен.

„Како и нема да биде? Ако AirBnB сака да додаде нов апартман во својата понуда, тоа ќе ги чини нула долари. Но, ако некој ланец хотели сака да го направи истото, за сопственикот тоа значи купување ново земјиште, трошоци за дозволи, изградба и одржување. Истото важи и за автомобилите, бродовите, па дури и услугите. Револуцијата пристигна и заради новите технологии економијата на споделувањето многу брзо ќе му биде достапна на новиот свет“, вели Рифкин за L’Espresso.

Трендсетерите

Тој смета дека владите во САД и Европа можат да бидат само пасивни набљудувачи на овие промени.

„Феноменот се развива премногу брзо, а политиката заостанува дебатирајќи што да се направи. Првата индустриска револуција предизвика големи политички конфликти и ги создаде современите држави и нации. Тоа се случува и сега. Типичните конзументи полека исчезнуваат, а ги менуваат оние кои ги користат услугите и стоките привремено или повремено без да имаат потреба да ги поседуваат. Со тоа го рушат пазарот каков што го познаваме денес. Тоа ќе влијае на БДП кој ќе се намалува во земјите, а невработеноста ќе расте. Но, за тоа не е виновна само економијата на споделувањето. Тоа го предизвикува и класната борба помеѓу 1 процент најбогати и остатокот од човештвото, продуктивноста опаѓа, а дигиталниот напредок ја потроши втората индустриска револуција“, тврди Рифкин.

Кина е најдобар пример.

Луѓето како Сион од почетокот на овој текст во време на економскиот бум поитале кон големите градови за да го имаат сето она што го немале нивните родители: станови, автомобили, отмени одмори.

Сега живее во You+ заедницата со уште тројца цимери, а четвртиот кревет често го изнајмуваат, се разбира, преку AirBnB, за да заработат дополнително. Во You+ под кревет се подразбира обичен душек на бетонски под, пишува Блумберг.

Во You+ се разменува сè.

Ѕидовите се полни со мали огласи кои гласат, на пример, вака: нудам масажа на грб ако некој ми го прошета кучето.

Меѓутоа, и таквите страсни заедници имаат ригидни правила кои на нив фрлаат поинакво светло: двојките се добредојдени, дури и сопружниците, но децата се забранети. На постарите од 45 години „им се советува“ сепак да се откажат бидејќи тој животен стил не е за нив. Чести се расправиите заради врева, а како во некое реалити шоу се избираат најдобри и најлоши цимери.

Не треба да се каже што се случува со оние кои ќе бидат избрани за најлоши.

Секако, станува збор за необичен експеримент чија иднина сè уште не е јасна, и тоа го признаваат и самите станари.

Интересен поглед на овој феномен има и популарниот репортер Алекс Херн, кој пишува за Гардијан.

„Економијата на споделувањето е бесмислен термин кој е создаден само затоа што IT индустријата има желба да претставува дека сето тоа што го прави е ново и револуционерно“, смета тој и тврди дека многу такви компании воопшто немаат врска со постулатот на споделувањето.

„Терминот се создаде во круговите на open source заедницата, во чии рамки сето тоа што го направија програмерите го даваа бесплатно во јавноста за да се надоградува и користи за целите на јавното добро. Економијата на споделувањето посериозно заживеа на почетокот од векот, но на светската сцена се проби дури во екот на финансиската криза. Идејата е едноставна: ако имате дупчалка која не ја користите 364 денови во годината, тогаш зошто во меѓувреме не му ја дадете на некој друг?“ објаснува Херн.

Се разбира, веднаш се потегна прашањето за алтруизмот. Таа дупчалка ми припаѓа мене, зошто би ја давал некому бесплатно. Ќе ја изнајмам.

„Така споделувањето стана рентање. Ако денес на Гугл ги побарате 20-те компании кои тврдат дека се темелат на економијата на споделувањето (позајмете го она што не можете да го купите), девет од нив во називот ќе го имаат зборот рентање“, тврди Херн.

Меѓутоа, како што растеа компаниите, така растеше и популарноста на економијата на споделувањето. Во 2011 година, списанието Тајм ја нарече една од идеите кои ќе го променат светот.

Но, тоа му пречи на Херн. Го наведува примерот на Task Rabbit.

„Зборуваме за компанија која на луѓето им овозможува да изнајмат други луѓе за да им готват, чистат или да чекаат ред за нов Ајфон. Тоа е далеку од идеалот за ‘заедничко производство и потрошувачка’’.

Френсис Копола којa со години пишува за економија и финансии за Форбс, исто така смета дека економијата на споделувањето нема да создаде реален раст.

Економијата на споделувањето не се темели на идејата дека повеќе луѓе работат заедно за да создадат нешто што ќе ни користи на сите, туку на милиони луѓе кои живуркаат од изнајмувањето свои добра едни на други. Како тоа ѝ помага на економијата? Никако. Нема производство. Сè се сведува на конзумирање. Секако дека рециклирањето е добро, но со него не можеме да ја градиме иднината на светската економија“, тврди Копола која предвидува скоро рушење на овој бизнис модел.

Преведено на хрватски: до моментот кога ние ќе одлучиме да создадеме You+ заедница во Паромлин, можеби повторно ќе стане популарно таму да се изгради шопинг центар.

Крај

Кон првиот дел.

Извор: Globus, 11.12.2015  

ОкоБоли главаВицФото