„Претседателски“ театар

30.12.2015 18:54
„Претседателски“ театар

1.

Еве и јас да се придружам кон честитките за јубилејот на МНТ и орденот доделен од страна на „претседателот“. Иако, некако, државен орден и (дефиницијата за) театар не баш ми одат заедно. Или, всушност, токму тоа оди заедно: доделувањето на орденот е – театар?! Особено денес, современ, политички!? Веројатно. Зашто, да беше МНТ вистински театар на денешницата, ќе се заблагодареше и ќе го одбиеше орденот. Особено зашто доаѓа од рацете на таков „претседател“! Ама за тоа треба да биде вистински театар, со вистински уметници во него, нели? Зашто, и онака, ваквите орденисувања на културните институции доаѓаат само и исклучиво попатно, по повод некакви (заокружени) јубилеи кои што државата си ги смета за свои односно за свој успех. И тоа му доаѓа исто како да си доделува орден себеси! Со други зборови, ќе ми беше помило – иако навистина немам ама баш никаква врска со нашиов театар, политичкиов и „културниов“ – ако орденот дојдеше како резултат на некаква значајна меѓународна награда, или успешна сезона, или… не знам каков друг творечки и културолошки битен резултат/настан. Да ме прашаше мене „кабинетот“ на „претседателот“, ќе му доделеше таков орден лани на Драги Михајловски за неговиот превод на собраните дела на Шекспир! Зашто тоа е вистински настан не само за македонската преводна литература, туку и за македонскиот театар. Човекот ги обезбеди сите идни македонски театарски генерации со македонски Шекспир! А овие во МНТ, денес, направија – што? Го заслужија орденот со – што? Само со фактот што случајно се нашле таму, во вистинско време и на вистинско место? Па дури не смогнале сили ни да го одбијат орденот!

Инаку, во оваа наша целосно первертирана и налудничава (културна) стварност, овој чин – од многуте слични – некако највеќе ми наликува на онаа ретроспективна претстава на омилениот ми и никогаш непрежален Ацо Станковски алиjас Сарајлија во Музејот на современата уметност, кога (и тој) го чекаше Хорхета да му ја удостои изложбата, исто како да му закачил орден. Каков (анти)авангарден политикантски перформанс беше тоа, зачинет со подопашниот му „професор“, библиотекаркана и домаќинкана што глумеше директорка! Македонскава актуелна логика на лудилото си ги наградува пулените. Или, како што вели Југослав Петровски: „Ова ми личи на гуслар, кој без престан пее хвалоспеви за самиот себе, а истиот тој гуслар никогаш не ни видел бој, туку, цел живот, само и единствено, гуслал…“!

Ќе успее ли некогаш македонскиот Уметник да ѝ каже НЕ на политиката?

2.

Затоа можеби и не докрај го разбрав Александар Поповски. Што толку се жести човекот? Па барем нему треба да му е јасно на кое дереџе е македонскиот театар. Иако, признавам, и јас подеднакво се нервирав пред некоја година кога тутуруткана во Националната галерија го „организираше“ шеесетгодишниот јубилеј како да станува збор за маалска забава! (Иако не се сеќавам дека ѝ дадоа орден? Можеби толку беше заслужила, зашто за неа, практично, „орден“ беше директорското место. И таа „успешно“ го одработи трансформирајќи една сериозна институција во селска меана!).

Но, се разбира, Поповски точно го лоцира „предметот“ на неговите недоумици и тука човек не може да не му се придружи. Ама, повторно, ни „говорот“ на „претседателот“, како впрочем ниту самата негова појава, не успеаја да го мотивираат МНТ-овското и останатото македонско глумиште едноставно да му завртат грб на орденот. Но, и зошто би го направиле тоа кога мнозинството од нив (со чесни исклучоци) смета дека актуелниве бараби од нив направиле – луѓе?! Колку подолу може да падне македонскиот театар? Изгледа може, многу!

Но Поповски, колку што разбрав, не е толку загрижен за македонскиот театар, или тоа што остана од него по политичкиве налудничави турбуленции изминативе години, туку од малоумниот говор на „претседателот“. Особено од едно парче, во коешто овој, „вдахновено“ како и секогаш, тресе глупости: „Ниту земјотресот, нити цензурата на минатиот систем, ниту политичката коректност на денешницата не успеаја да ја спуштат завесата на Македонскиот народен театар. Не успеаја заради една длабока човечка потреба, а тоа е потребата да се биде дел од големиот наратив во чие средиште е борбата за правда, мир и љубов“. И сега Поповски си чука глава да дешифрира што ли му значело она „политичката коректност на денешницата“ на Хорхета. Залудна работа, кога ни тој нема појма што сакал да каже. Како и обично, впрочем. Но мене не ме интригира тоа парче на неговиот „говор“, уште помалку што и како мислел со тоа да каже. Мене секогаш повеќе ме интересирало кои будали му пишуваат такви глупости на еден претседател, па нека е и „претседател“ од калибарот на Хорхета. Или – самиот си ги пишува? На што, се разбира, немам коментар!

3.

И бидејќи Поповски одлично го анализира ова парче на вдахновениот Хорхе, па јас немам причина повторно во тоа да се мешам, ми остануваат две други, подеднакво интригантни, парчиња: она за земјотресот и она за цензурата! Инаку, навистина не мислам дека ова бил некаков значаен говор на „претседателот“, зашто впрочем тој таков и немал, ниту пак дека тој, или некој во негово име, знаел што сака(л) да каже. Но сепак, самите поими, а во контекстот на културата особено, се интересни и прилично асоцијативни.

Па така, еве прво за земјотресот. Да, ама кој? Малку ли ги имало на ова тло? Но бидејќи треба да е нешто доста прозаично, и хронолошки блиско, што пак соодветствува на меморијата и инвентивноста на Хорхета или на тој што му го пишувал тоа, веројатно станува збор за оној земјотрес од 1963 година. Ама зошто „претседателот“ би мислел дека токму тој земјотрес требал/можел да ја „спушти завесата“ на македонскиот театар? Прво, македонскиот „претседател“, или тој кој му го пишувал ова, белки не мисли дека македонскиот театар, па нека е и МНТ, навистина може да се урне од еден земјотрес, па нека е и таков како тогашниот во Скопје? Белки знае дека земјотресите уриваат згради, ама не и театри? И дека театарот не е (само) зграда? Или за него тоа е исто? Или тој мислел дека во тоа време, во 05.17 часот наутро целата постава на МНТ, плус вкупното македонско глумиште, се наоѓале во тогашната зграда на театарот? Зашто само така земјотресот ќе можел (и) метафорички да го урне македонскиот театар. А да беше библиотека во прашање, ќе се урнеше ли и македонската писменост?

И впрочем, дури и да било така, како би можел еден земјотрес така едноставно да ја „спушти завесата“ на театарот? Скопскиот земјотрес, таков каков што беше, направи големи бељи во градот, па и во скопската/македонската култура, во физичка смисла. Ама не урна ниту една институција, барем не на начинот како што тоа го прави бандата на која што припаѓа и „претседателот“! Такво уривање, и физичко и духовно, впрочем не му успеа ни на „минатиот систем“, како што милува да го нарекува „претседателот“, оној систем во кој што и тој се закити со редица звања. А сега му импутира дека бил – цензорски. Но за тоа во следната прилика.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото