Топ 10 настани по кои младите ќе ја паметат 2015 година

31.12.2015 12:05
Топ 10 настани по кои младите ќе ја паметат 2015 година

2015 година мина во знакот на протести, окупации, бомби и пленумски дискусии. Младите ќе ја паметат по мајските протести против полициската бруталност, по автономните зони, средношколскиот камп пред Министерството за образование и наука. Во селекцијата на Радио МОФ од 10 настани кои ја одбележаа годината што изминува, се најдоа и еколошките протести како и неколку музички концерти.

Проверете кои се топ 10 настани по кои младите ќе ја паметат 2015 година:

1. Мајските протести и граѓанскиот бунт

Опозициските „бомби“, снимки од прислушувани телефонски разговори меѓу челниците на власта, доведоа до еден од најбруталните протести годинава, протестот за правда за Мартин Нешкоски. Се случи на 5 мај, кога голем број граѓани се собраа пред Владата. Дел од демонстрантите гаѓаа со јајца и камења, присутните извикуваа „Нема правда нема мир“. Епилогот од протестот беше десетици повредени демонстранти и полицајци. Атмосферата стана тензична во вечерните часови кога полицијата со сила се обиде да ја разбие толпата користејќи водени топови. Студентски пленум информираше дека во читалната „Браќа Миладиновци“, влегле 50 „желки“ додека бркале некој од демонстрантите заканувајќи им се на студентите што учеле дека ќе добијат кривични пријави.

„Денот беше долг, исполнет со гнев и правда. Полицијата тепаше, бркаше и го апсеше својот народ, испрати водени топови и пендреци. Денеска дознавме дека сите овие години бевме на вистинската страна. Да се избориме за живот! Секој ден во 6! Се гледаме утре!“, најавија демонстрантите.

Протестите, во помирен облик, продолжија и следните денови, сè до случувањето во Куманово, кога по краткото затишје, целата ситуација наелектризирана од „бомбите“ експлодираше со големиот граѓански протест, поддржан од опозицијата, на 17 мај.

Движењето #Протестирам излегуваше на улица и во текот следните месеци, за полека да замрат нивните активности со доаѓањето на летото.

2. Прогласување Автономна зона на факултетите

По масовните студентски протести кон крајот на минатата година, на почетокот на 2015, студентите ги радикализираа своите активности против новиот Закон за високо образование со кој требаше да биде воведен државен испит. Беа окупирани Филозофско-Филолошкиот факултет во Скопје, ФЕИТ и Машински и Архитектонскиот факултет во Скопје.

Окупација и прогласување #АвтономнаЗона имаше и во Битола. Студентите од пленумите буквално живееја на факултетите, наставата беше блокирана, а се организираа и следеа алтернативни предавања.

Окупацијата се покажа како успешна, траеше 14 дена, од 11 до 24 февруари и заврши со одлуката за мороториум за државниот испит на факултетите и најава за нов Закон за високо образование.

3. Средношколските протести и кампот пред МОН

Март и април минаа во знакот на #СредношколскиПленум и низата средношколски протести во десетина градови во земјава против задолжителното полагање математика на државната матура и екстерното тестирање. Матурантите од учебната 2014/2015 година требаше да бидат прва генерација која ќе полага матура по нов концепт. Сепак, одлучија да го дигнат својот глас и да ги натераат институциите да ги ислушаат нивните барања.

Почнаа со протести, завршија со блокади на влезот и на крај поставување камп пред МОН во кој живееја и организираа активности од 27 април до 15 мај. Претставници на Средношколскиот пленум неколкупати беа викани на разговор во МОН, се жалеа на притисоци, закани и уцени. На крај надлежните попуштија и матурантите полагаа државна матура по стариот концепт и математика по избор.

4. Погубна година за дрвјата во Скопје, сеча на УКИМ поради два баркони факултети

Додека мајмуни ги „запоседнаа“ новонасадените палми, останатите дрвја почнаа да гледаат и плачат поради сечата на урбаното зеленило во Скопје.

2015 година беше погубна за големите дрвја во централното градско подрачје. Неодамнешната сеча на педесетината дрвја пред УКИМ, беше последната капка што ја прелеа чашата, во време кога Скопје е прогласен за еден од градовите со најазагаден воздух во светот.

На местото на исечените дрвја пред УКИМ багерот интензивно го расчистува просторот за изградба на двете барокни згради за факултетите на ФЕИТ и ДИФ.

5. Протести за воздух

Илјадници тетовци во неколку наврати излегоа на улица за да побараат ставање филтри на фабриката Југохром и итни мерки за намалување на загадувањето на воздухот. Во градот се забележуваат концентрации на ПМ10 честичките во воздухот и дваесет пати повисоки од дозволените.

Протести имаше и во Битола, во скопските населби Карпош и Аеродром, за годината да заврши со големиот протест пред Влада. Повеќе од дваесет граѓански здруженија, движења и иницијативи побараа итно преземање конкретни мерки.

„Ако до 15 јануари не се имплементираат мерките, најавуваме блокади и протести во сите градови кои се загадени, се додека не почне вистински да се презема нешто“, соопштија организаторите кои потсетија дека #НеСеДише и најавија бурна 2016 година.

6. Д фестивал

Во бавниот и опуштен, медитерански Дојран, меѓу стотина стари, раскошни дрвја во паркот на езерскиот брег, од 17 до 19 јули се одржа Д фестивал, кој ја врати на сцената, веќе подзаборавената фестивалска магија.

Годинава имаше рекордна посетеност на фестивалот, а Ману Чао и Ла Вентура направија концерт за паметење. Фестивалот беше организиран на три сцени, со повеќе од 30 артисти, бендови и многу диџеи. Таксират и Д Фестивал подоцна беа номинирани и за европските фестивалски награди.

7. Студенти се вселија во реновираниот блок Б од студентскиот дом „Гоце Делчев“

По многу најави, ветувања, живот во мизерни услови и чекање со години, во 2015 година конечно студенти добија можност да се вселат во реновираниот блок Б во „Гоце“. Во него беа отворени повеќе од 160 соби, односно 304 легла.

Градежните работи кои требаше да завршат во март годинава, но беа одложени, ги изведуваше вевчанската фирма „Виа“, која го доби тендерот на Министерството за образование наука тежок 1,2 милиони евра.

Реконструкцијата на блок Б, кој во 2013 година беше зафатен од пожар, започна дури октомври минатата година, иако според ветувањето на премиерот домот требаше комплетно да биде реновиран минатиот септември.

8. Engage 2015

Питер Сунде, еден од основачите на „Pirate Bay“ беше ѕвездата на годинешното, четврто по ред, издание на конференцијата за друштвен активизам „Engage“.

Со 16 атрактивни говорници, две панел дискусии на две сцени со 400 гости во публика, аудио и видео стриминг и ENGAGE GENERATOR за најпосветените учесници, Engage 2015 го имаше своето најдобро издание.

9. Настапот на Дубиоза Колектив пред УКИМ

Без претходна најава, познатиот босански бенд „Дубиоза колектив“ на 18 февруари пристигна во Скопје и одржа концерт на платото на УКИМ, за поддршка на студентите, окупацијата која беше во тек, како и автономните зони. Со нив свиреа и Kanton6 заедно со Bernays Propaganda. Концертот се одржа на осмиот ден од окупацијата на студентите кои бараа укинување на државниот испит, изработка на нов и квалитетен Закон за високо образование и подобрување на лошите состојби во образованието.

10. Година на Пленумите

Прво се создаде Студентскиот пленум, потоа Професорскиот, па Наставничкиот, Средношколскиот, Родителскиот, Новинарскиот, Граѓанскиот пленум. Онаму каде имаше незадоволство се раѓаа пленумите, како обид за вршење организиран притисок врз институциите.

Најавите за носење нов Закон за високо образование без консултација со студентите и универзитетите беа иницијална каписла за настанување на Студентскиот пленум, кој стана антитежа на СПУКМ, додека Средношколскиот настана поради неактивноста на Унијата на средношколци. Професорскиот пленум беше создаден со идеја да им помогне на студентите во борбата против новиот Закон за високо образование, за подоцна да стане еден од факторите кои влијаат на креирање на новиот концепт на Законот. Родителскиот пленум го сочинуваа родители на учениците кои протестираа против новиот концепт за полагање на државната матура. Наставничкиот пленум се создаде за враќање на квалитетот во образованитето, за подоцна да почне да ги брани правата на наставниците, онаму каде што затајуваше СОНК.

Извор: Радио МОФ