Огревот на дрва труе, ама неговата замена е изгор

02.01.2016 14:02
Огревот на дрва труе, ама неговата замена е изгор

Без судски налог ниту еден инспектор не може да влезе во нечиј дом и да проверува кој на што се грее, дури и ако постои пријава од граѓани за несоодветно греење во нивното соседство што има за последица загадување на воздухот, вели Дарко Блинков, државен инспектор за животна средина.

- Согласно со законите, кој и да е инспекторат, без судски налог не влегува во ниту еден дом. Можно е, на пример, да се реагира по пријава за некаков отпад складиран во двор, а кој се користи за загревање. Тој е јавно видлив и инспекторите може да реагираат. Таков беше случајот кога имаше пријава за загревање со прагови од Македонски железници премачкани со фунгицид, складирани во еден двор - вели Блинков.

Загревањето со согорување неквалитетни енергенси, пак, се врши поради недостиг на пари, но и поради тоа што во Македонија не постојат создадени услови за економично и еколошко загревање.

Според најавите од Владата, во Скопје веќе требаше да стигне гасот блиску до домаќинствата, но освен известувањето дека на тендер се пријавиле две компании што сакаат да го гасифицираат Скопје, сè уште од тоа нема ништо.

Статистички, околу две третини од населението во Македонија се грее на дрва. Но, оваа година, на почетокот од сезоната нивната цена достигна и до 4.000 денари за кубен метар. Деновиве, пак, на прес-конференција од „Македонски шуми“ изјавија дека за да се избегнат проблемите што годинава се појавија во работата, за 2016 година се предвидува продажба преку јавен повик, на кој ќе може да учествуваат граѓани, фирми и институции. Според ветувањето, цените и в година ќе бидат како овогодишните - 2.370 денари за бука и 2.450 денари за даб. Пензионерите и инвалидите ќе може да плаќаат на 8 рати.

Што се однесува до цената на струјата, според официјалните пресметки на ЕВН ако се вклучат две панелки за загревање 60 квадратни метри, и тоа ако тие во 24 часа ефективно греат 10 часа, само за нив, за струја е потребно месечно 6.700 денари. Но дури и кога никому парите не би претставувале проблем, како што повеќепати потенцираа од ЕВН, енергетскиот систем не е проектиран така што можат сите да се приклучат на струја.

За намалување на енергетската сиромаштија, минатата недела се најави зголемување на износот што им се дава на социјално загрозените семејства. Во 2016 година за оваа намена, месечно тие може да користат по 900 денари. Но, она што се евидентира како проблем уште од 2010 година кога се воведе субвенцијата за енергетска сиромаштија, е тоа што неа вообичаено ја користат една третина од социјално загрозените, бидејќи тие прво треба да ги платат сметките за струја или за дрва, а потоа државата ќе им префрли месечна субвенција.

Прашина се крева од градилиштата, во Скопје изречени 84 пријави

Грижата за тоа како се вршат градежните работи од аспект на заштита на животната средина е во надлежност на општинските инспектори, односно во ингеренции на Град Скопје.

Од Градот Скопје тврдат дека „се вршат засилени контроли и вонреден инспекциски надзор на градилиштата, во согласност со Законот за јавна чистота, при што во 2015 година се изречени 84 прекршочни пријави против правни и физички лица“.

Оттаму посочуваат и дека „коловозите околу градилиштата редовно се мијат за да се отстрани прашината“.

Граѓаните сепак не го делат мислењето дека нема прашина околу градилиштата. Тие потенцираат дека имаа локации покрај кои со месеци одвај се минувало. Како таква локација ја посочуваат зградата каде што ќе биде сместен Државниот завод за ревизија, на местото на поранешниот Геолошки завод.

 

Големите капацитети речиси не работат, нешто смрди кај малите

Државниот инспектор за животна средина Дарко Блинков вели дека најголем дел од големите индустриски капацитети воопшто не работат или работат со намален капацитет. Кај малите капацитети, пак, постојат поголеми можности за користење лоши енергенси за загревање.

- Цементарница УСЈЕ работи со 50 проценти од капацитетот, „Макстил“ работеше до септември, „Југохром“ доброволно се откажа од работа во овој загаден период, „Скопски легури“ веќе подолго време не работи... „Металски завод – Леарница“, „Енергетика – Железара“, „Алкалоид“, „Пивара“, котларницата во Државна болница, „Те-то“, сите тие работат на природен гас, а тој не испушта ниту сулфур, ниту ПМ-10 честички. Работат некои од асфалтните бази на ЈП „Улици и патишта“. Што се однесува до работата на РЕК „Битола“, таа според одлука на Владата усогласена со европските директиви, ќе работи без интегрирана А еколошка дозвола до 2018 година. Ние само на терен го контролираме она што на национално ниво е утврдено - вели Блинков.

Тој објаснува дека инспекторите во општините имаат надлежност да ги контролираат разните механички работилници, автосервиси, автолакерски работилници каде што има зголемена можност за употреба на неквалитетни енергенси, како што се отпадно масло, стиропор и слично.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски