Елизабет Хос – Со стил против модата

04.01.2016 01:44
Елизабет Хос – Со стил против модата

Во 1920 година во Париз, Елизабет Хос била стилистка и дизајнерка асистентка. Во 1930-тите години во Њујорк веќе позната дизајнерка со сопствен бутик, а во 1940-тите години работела како раководителка на одделот со машини во фабриката за воените воздухопловни превозни средства и била членка на синдикатот United Auto Workers. Покрај сето тоа, Хос била и писателка: модна колумнистка во списанието The New Yorker и авторка на дури девет бестселери.

Елизабет Хос е родена на 16 декември 1903 година во Њу Џерси. Нејзиниот татко бил вработен во компанијата Southern Pacific Companya, додека мајка ѝ активно делувала во локалната политика, во областа на правата на локалните Афроамериканци. На возраст од десет години Хос почнува да шие облека за себе, а веќе на дванаесетгодишна возраст шиела за децата на пријателките на нејзината мајка. Како и мајка ѝ и постарите сестри, се образувала во Васар, каде што се фокусирала на проучување на економијата.


Во втората година од школувањето, во 1923, одлучила да се занимава со мода, но заклучува дека уметничкото училиште нема да ја оспособи за дизајнирање облека, па по завршувањето на студиите ќе отпатува во Франција „за да дознае што во суштина претставува модата“. „Во англискиот јазик не постои зборот шик. Зошто би постоел? Сè што е шик историски ѝ припаѓа на Франција“, напишала таа во книгата Fashion is Spinach.

Во Париз извесно време заработувала репродуцирајќи здолништа за други дизајнери, но, потоа, како што подоцна изјавила, поради грижа на совест се откажува од таа работа и станува постојан моден дописник на списанието Cosmos Newspaper Syndicate. Овој потег ја доведува до пишување редовни колумни во New Yorker под псевдонимот Parisite.

Во Њујорк се враќа во 1928 година, и во соработка со Розмари Харден го отвора бутикот Hawes-Harden во кој продава исклучиво свој дизајн и инсистира на квалитетни материјали и добро сошиени парчиња. Хос била вешта во маркетингот и внимателна со трошоците, па Hawes-Harden прилично лесно ја преживеал Големата Депресија и со текот на времето се наметнал како шопинг дестинација за оние кои го почитуваат „оригиналното, но не и ексцентричното“.


Многу од нејзините креации кои се создадени во тој период, денес се дел од колекцијата носии во музејот Метрополитен, вклучувајќи го и познатото „алиментациско здолниште и несреќната наметка“.

Одлучна во идејата дека формата ја следи функцијата, Хос дизајнирала облека која е модерна, но едноставна и практична за носење.
Таа повеќе се фокусирала на удобноста отколку на естетиката, користела интересни комбинации на ткаенини, специфична техника на изработка и успешно се спротивставувала на комплексните текстурални предлошки, постигнувајќи на тој начин импресивен визуелен ефект.

Летото во 1931 година, поточно на 4 јули, Хос ја претставила својата колекција во Париз. Тоа бил прв пат една Американка (поточно, жена која не е французинка) да претставува своја колекција на Париската модна недела.
Иако била исклучително популарна, Хос била премногу неконвенционална за Vogue или за Harper's Bazaar. Нејзините ставови биле прогресивни и провокативни, неретко на граница на контроверза, а јавноста не ги доживувала така лесно.


„Постои добра причина зошто годишно во вашата земја се троши еден и пол трилион долари на козметика, а само половина од тој износ на образование: во САД не постојат природни убавици“ – напишала Хос во книгата Anything But Love.

Во 1933 Хос одлучува високата мода да ја направи достапна за обичниот купувач.
Еден од нејзините најуспешни дизајни бил оној за ракавиците наречени Guardsman. Тoa биле антилоп ракавици со копчиња на зглобовите, а нивната цена била 12,50 долари. Во април 1935 година ракавиците се менуваат и настанува верзијата ready-to-wear, наречена Lucky Strike Glove.

Сензибилитетот на дизајнерските дела на Хос се провлекувал и во книжевните. Таа е авторка на девет книги од кои најпознати се Fashion is Spinach (1938) и Men Can Take It (1939), во кои отворено ја критикува модната индустрија.


Хос исто така била отворен противник на родово нормативната мода, јавно ги поттикнувала жените да носат панталони, а мажите да ги носат нејзините модели, шарени дезени и бањарки.

Таа го преферирала концептот на стилот пред концептот на модата. Модата ја одржувала каприциозна и вештачка, додека за стилот тврдела дека се гради постепено и промислено.
За време на промоцијата на нејзината книга Fashion Is Spinach, во списанието Life, оваа дихотомија била сликовито опишана:

„Стилот отсликува одреден историски период. Модата е паразит на стилот. Таа е оној здодевен човечулец кој ви кажува дека вашиот лански капут е во добра состојба, но дека оваа сезона не можете да го носите бидејќи има појас.“

Застапувала и доста непопуларен став дека секој има право на квалитетна облека во омилените бои, стилови и материјали, и дека не би требало да се одбира oд ограничените избори кои модната индустрија ги поставува во одредени сезони. Иако самата работела облека по нарачка, сметала дека иднината е во текстилната индустрија, но наместо сите да продаваат облека во ист стил, секој трговец треба да се фокусира на одреден тип на купувачи. Единствената корисна употреба на модата за Елизабет Хос била забавата.


Во текот на Втората светска војна дизајнирала униформи за волонтерите на американскиот Црвен крст. Во истиот период работела како раководителка во одделот на машините во фабриката за воени авиони. Поттикната од сопственото искуство, во книгата Why Women Cry пишува за тешката положба на работниците. Повикувала и на радикалната реорганизација на домашните обврски, увидувајќи дека жените и покрај излегувањето на пазарот на трудот, сè уште се должни самостојно да ја извршуваат функцијата на домакинки.

„Мажите мораат заедно со нас да учествуваат во решавањето на основните проблеми во домот, во спротивно нема да има дом вреден за споменување“ – вели таа.

Авторката Валери Стил, во својата книга The Berg Companion to Fashion наведува дека реално, „облеката на Хос не била радикална за нејзиното време. Нејзината отворена филозофија е она што ја издвојувало.“ А, благодарение на нејзиниот „остар тон, и искрен став, таа го доби прекарот Дороти Паркер во модната критика.“

Слично ја опишале и во списанието Life:
„Елизабет Хос, покрај својот талент за дизајнирање на облека, отсекогаш поседувала и талент за публицитет и промоција на самата Елизабет Хос.“
Хос починала на 6 септември 1971 година. И мора да се признае дека била страшна жена!


Извор: www.voxfeminae.net

 

ОкоБоли главаВицФото