Повеќе автобуси и помалку крнтии за почист воздух

05.01.2016 10:38
Повеќе автобуси и помалку крнтии за почист воздух

Откако активистите за почист воздух од неколку градови ги испорачаа своите барања на вчерашниот протест, Град Скопје засега ги повтори активностите што ги презема досега, но не може ништо да преземе за редукција на сообраќајот, зашто, како што објаснуваат оттаму, тоа може да се постигне само со здружено дејствување на неколку министерства.

- Министрите за животна средина, за внатрешни работи и за здравство, со меѓусебна согласност можат да го ограничат или да го забранат сообраќајот во определени урбани или рурални места, доколку концентрацијата на загадувачки супстанци во амбиенталниот воздух ги надминува праговите на алармирање, сè додека не се постигнат граничните вредности - велат од Град Скопје.

Од Град Скопје потсетуваат дека на сила е посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила чија крајна дестинација не е градот Скопје. На овие возила им се препорачува да ја користат скопската обиколница. Се контролираат системите за затоплување на административните и јавните установи, редовно се аплицира калциум магнезиум ацетат, а коловозите се мијат за да се отстрани прашината.

Една од препораките на граѓанските здруженија беше и поголемо користење на јавниот градски превоз за сметка на патничките возила. Граѓаните се жалат дека ЈСП нема капацитет да ги покрие нивните потреби, посебно што два дена од неделата се резервирани за бесплатен превоз на пензионерите.

Од „Еко-свест“ пак, велат дека е изводливо патниците повеќе да го користат јавниот градски превоз, а капацитетот на ЈСП не би бил проблем бидејќи постојат мерки што би го решиле и тоа прашање.

- Може да се пренасочат постојните автобуси од помалку фреквентните линии кон оние што се најоптоварени на одреден период - предлагаат од „Еко-свест“.

Возилата под еуро 4 стандард се исто така голем дел од проблемот со загадувањето, посебно по мерките на Владата со кои веќе пет години во Македонија се увезуваат евтини половни коли што не ги исполнуваат еколошките стандарди.

Од Стопанската комора тврдат дека токму овие возила, кои ги има 191.639 на број, се главниот загадувач на воздухот.

- Нашата анализа покажа дека најголеми загадувачи не се индустриските објекти и огревното дрво, туку проблемот се лоцира во увозот на половни возила интензивиран во последните пет години. Овие возила не ги исполнуваат декларираните еуро нормативи и ја зголемуваат емисијата на штетни ПМ 10 честички во воздухот. Тие возила немаат заштитни филтри и катализатори и емитуваат огромна количина штетни честички во воздухот. Овие возила особено во последните пет години се внесени во голем број, кога и загадувањето на воздухот покажа најголеми размери. Нивната бројка, според податоците од Царинската управа од 2010 до 2015 година, изнесува 191.639 употребувани патнички возила, изјави извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Возилата што се увезуваат со еуро 3 норматив се стари и по 15 години и го исполнувале овој норматив во периодот кога биле нови. Со нивна повеќегодишна експлоатација тие повеќе не го исполнуваат овој норматив, вели Алексов.

Палоши: Не е до возилата, до индустријата е!

Професорот Вулнет Палоши, тврди дека индустријата е сепак најголемиот загадувач, а не сообраќајот.

- Се поставува прашањето зошто во ноќните часови, кога сообраќајот е значително намален, како и греењето во домаќинствата, имаме до десетпати поголема концентрација од дозволената на ПМ честичките во воздухот. Точно е дека во вкупните 24-часовни мерења индустријата учествува со 25 или 30 отсто, меѓутоа доколку се погледне часовното загадување, во ноќните часови имаме најголема концентрација на ПМ честички и тоа ни дава за право да заклучиме дека индустријата во Скопје и во Тетово е главниот виновник за загадувањето - тврди професорот Палоши.

Тој е уверен дека државата може многу лесно да утврди од каде потекнуваат ПМ честичките, од фабриките или возилата.

- Прашање е зошто државата избегнува да даде вакви информации и чии интереси се штитат - вели Палоши.

Извор: Слободен печат