Јапонија се откажува од општествените науки

05.01.2016 15:22
Јапонија се откажува од општествените науки

За факултетите по општествени науки повеќе нема место во образовниот систем на Јапонија. Во текот на 2016 година, сите универзитети кои нема да ја испочитуваат препораката на јапонската влада и да ги затворат одделенијата за хуманистика, ќе останат без државно финансирање.

Ваквата одлука е дел од економската политика на премиерот Шинзо Абе, кој како примарна улога на универзитетот го гледа образувањето кадри за пазарот на труд. Иако ваквата одлука не подразбира автоматско укинување на катедрите по општествени науки, ускратувањето на државното финансирање ја зголемува висината на школарината и ги прави овие факултети сè помалку атрактивни.

Во наредните 20 години, јапонските студенти ќе бидат далеку помалку отколку денес, што дополнително ќе ја зголеми трката меѓу универзитетите. Неолибералната идеја дека универзитетите треба да функционираат по пазарен модел веќе имаше своја премиера во Велика Британија во 80-тите години, кога Маргарет Тачер со централизација на одлучувањето сакаше од универзитетите да направи расадник на млади претприемачи.

Причина за ваквите политики е, меѓу другото, погрешното гледање на пазарот на труд - покрај специјализираните стручњаци и технократи со исклучиво практични знаења, на работодавачите им се неопходни и вработени кои имаат развиени критичко, апстрактно и креативно мислење кое се стекнува на факултетите по општествени науки. Освен тоа, општествените науки имаат клучна улога во негувањето на критичкото мислење во кое било општество, и со своите иновативни истражувања придонесуваат за разбирање и промислување на комплексниот свет кој нè опкружува и кој рапидно се менува.

Последиците од ваквата политика се лоши и познати. Кина последниве 30 години ги фаворизираше природните и техничките науки на сметка на општествените, правдајќи се со ограничените ресурси кои се насочуваат кон профитабилните области. Поради ваквата политика, армија деца вредно тренираат за да ги положат максимално формализираните тестови и успешно да го продолжат патот низ образовната машинерија. Авторитарниот пристап до образованието создаде ученици со најдобри резултати на тестовите во светот, на голема штета на креативноста и иновативниот талент.

Треба да се земе предвид специфичната културна атмосфера и односот кон образованието кои Јапонија и Кина ги имаат во однос на остатокот од светот. Сепак, во глобалната економија чијшто клучен дел е и Јапонија, со зајанкнување на технократијата без наплив на креативност и критички осврт, тешко ќе се задржи лидерската позиција кога сè повеќе компании ја напуштаат хиерархиската структура на управување и бараат од вработените флексибилност и иновативност.

Парадокс е тоа што токму лидерите кои студирале хуманистички науки, како Шинзо Абе, водат политики кои ќе го ограничат пристапот до овие студии кои ги прогласуваат за непрофитабилни.

Извор: Breakfast

ОкоБоли главаВицФото