Заборавената историја на пиварките

06.01.2016 03:09
Заборавената историја на пиварките

Се чини дека денешната пивска индустрија има огромен број производители, но рекламите за пиво речиси секогаш се исти - мажи во некој бар или пред телевизор се забавуваат, додека жена ги послужува со овој или оној бренд од омилениот пијалак. Секогаш одново учиме дека пивото е „машка“ работа, со која жената е поврзана само доколку самата е предмет на машката желба. Како пивото станало исклучиво машка територија?

Почетоците на пиварството се поврзани со Месопотамија и божицата Нинкаси, под чија „заштита“, жените и свештеничките произведувале пиво и затоа биле исклучително ценети – тие ја поседувале тајната на подготвувањето на скапоцениот пијалак и тоа ги правело моќни. Во древниот Египет, античка Грција и средновековна Велика Британија пивото автоматски се поврзувало со жените.

Египетската Тјененет била истовремено божица на пивото и породувањето, Грците пивото го сметале за женствен пијалак (затоа жените го произведувале и консумирале), а во Велика Британија пиварството придонесувало за независноста на жените кои со неговото производство можеле да се занимаваат во сопствениот дом. Вештината на „жените пиварки“ придонесувала за исполнување на потребите за исхрана за целото семејство, без оглед на полот.


Хилдегард Фон Бинген

Во 12 век, германската калуѓерка, научничка и билкарка, Хилдегард фон Бинген, открила дека рокот на траење на пивото се продолжува со додавање на хмељ, со што во голема мера придонела за развојот на идната пивска индустрија.

Комерцијализација и индустријализацијата на пиварството настапува со појавата на чумата. Намалувањето на популацијата значело повисоки плати за преживеаните, а со тоа и пораст на потрошувачката на пиво.

Како резултат на побарувачката, никнувале фабрики, а со нив раководеле мажи. Така пивото станало машки пијалак, дури откако неговото производство престанало да се одвива во домот, прилагодувајќи се на капиталистичките барања.


Во Европа, до 17 век, пиварките речиси целосно исчезнале поради ловот на вештерки и индустрискиот развој, но современата приказна за „мажественото“ пиво потекнува од Америка, по прохибицијата. Развојот на пивската индустрија бил предводен од работниците (мажи), па огласувачите ги препознале како свој пазар.

Маркетингот изградил предрасуди за пиењето пиво како машка занимација, додека жените се користат како мамки - клекнати пред фрижидер, во оскудна долна облека, веднаш над натписот: „Зошто момците секогаш ги чуваат своите пива на најдолната полица?“.

Приказната станува особено проблематична ако забележиме дека речиси половина од случаите на сексуална злоупотреба вклучуваат алкохол, а ги доживеале најмалку 25% од жените во Америка.


Во 2012 година, жените чинеле 10% од работната сила во пивската индустрија, а вистински пиварки биле уште помалку. Со заживувањето на пиварството како занает, во кој квалитетот на производот го надминува значењето на сексистичките претстави, на жените им е пружена можност да се истакнат.

Меѓутоа, со години сексистичките реклами и стандарди за изгледот остануваат тврдокорни пречки за консументките, и сè додека не им се спротивставиме, не можеме да се надеваме на заедничко задоволство.

Извор:voxfeminae.net

 

ОкоБоли главаВицФото