Што е груевизам (5)

06.01.2016 15:52
Што е груевизам (5)

Ида Протугер Вељковиќ
„Кралството” на Груевски

Груевизмот е процес на општествена деградација, проследена со морална декадeнција, финансиско осиромашување, идентитетско сквернавење, сегрегација по партиска, верска и етничка линија и „силување“ на нацијата во период од една деценија, под патронство на Никола Груевски.

„Кралството” на Груевски

Пред неколку дена, паралела на Груевски со крал направи известувачот за Западен Балкан, Јосип Јуруковиќ, во врска со изјавата на премиерот дека ќе гарантирал независен судски процес за случајот „Пуч”. Сакајќи да потенцира дека судската власт треба да е независна од извршната, Јуруковиќ рече „Груевски можеби од Македонија направил кралство, а јас за тоа не сум информиран”.

Инаку Груевски на истата прес конференција на која гаранатираше фер и транспарентнен судски процес, зборуваше и во име на јавниот обвинител, изнесуваше детали од истрагата како министер за полиција, едноставно затоа што “така одлучил”.

Тоа личи токму на однесување на крал, а претставата за нарцисоиден крал ми се појави пред очи додека ги читав редовите од шокантната исповед на поранешниот заменик министер за здравство Владимир Лазаревик, „Кога Никола сакаше Охридско езеро да го направи море”.

Кога го прочитав сведоштвото на Лазаревик од седниците на влада на кои присуствувал, а за кои на моменти помислувал дека се скриена камера или Џон Клис и Монти Пајтон ја презеле власта, ме полазеа морници. Премиерот сакал да ја искорне цела трска од езерото (што е рамно на тоа да го истребиш рисот од Националниот парк Маврово), да ги смени плажите со песочни, и со парапетче да спречи песокот да влезе во езерото за да развива туризам!?! Веднаш се сетив дека сигурно на една од таквите седници за кои допрва ќе се отвораат стенограмите, паднал планот да му се менува личниот опис на Скопје, а „гласот на разумот” го немало. Се разбира, езерото се спаси не затоа што Груевски го послушал гласот на разумот, туку затоа што индискиот суд го затвори доволно „лудиот" Субрата Рој тоа да го реализира. За жал, Скопје „падна” како жртва на безумната мегаломанија и „идеите за величина” на суетниот владетел.

Март 2015.

Емил Алексиев
Црна дупка

Македонија денес е црна дупка што колабира самата во себе. Мала, безначајна дупка што нема потенцијал да направи поголема штета и е премала за да ги вовлече во сопствениот уништувачки вител соседните држави и народи.

***

Тука глупите и неспособните напредуваат, а умните и способните назадуваат. Тука награди и општествени признанија добиваат бездарните, а напредуваат само неспособните.

***

Каде тоа се градат вртелешки со коњчиња наместо болници за деца, лажни пиратски кораби наместо библиотеки, песочни плажи со палми крај загомнети реки наместо колектори и канализација, фонтани наместо хидроцентрали...

***

Колку повеќе го шминкате мртовецот, толку тој повеќе се претвора во предмет за потсмев и го губи сопственото достоинство. Нашата историја е денес нашминкан мртовец кого го шетаме и го покажуваме наоколу.

2015.

Елена Михајлова
Мафијашот како централна точка

Мафијашот како отелотворување на брутална сила без правда, успеа да се наметне себе си како политички субјект и стана, парадоксално, централната точка на новиот модел на политичко претставување. Крајниот симптом на оваа внатрешна корупција и разлачување на демократскиот поредок е опсесивното присуство на мафијашот во популарните медиуми. Македонските таблоиди и интернет портали станаа општи места на репрезентација на ова тело на мафијашот. Има нешто многу проблематично во таквата опсесија со големите криминалци и полу-мафиозо фигурите. Начинот на кој жедно се следи нивното присуство по суши-барови и кафетерии дури и кога се разоткриваат нивните политички планови повеќе говори за некаква фасцинација од мафијашот, отколку за негово делегитимирање како чист насилник. Низ симболичкиот поредок на репрезентација во кој тој е повеќе еден вид celebrity, а не разградувач на општественото ткиво, медиумите не направија ништо помалку од утврдување на насилството како крај за и по себе. Насилството, кое е точката на вишок кај нормалниот политички и општествен поредок, овде е супстанца на самиот поредок.

Новите субјекти - јасно скицираните тела на опресорите, новопроизведени во текот на Преродбата, сега веќе имаат неприкосновено физичко присуство. Џиповите незамисливи за европски град од средна големина се исполнети со криминални тела од соодветен обем. А во нив е бесрамно изложеното телo на фетишот. Изложеноста на "месото" (Ж. Делез) оди далеку над конзумеристичката промоција на женскоста и апсурдните стандарди на убавина, иако тие се исто така важни аспекти на преродбеничката културна транзиција. Изложено како чисто средство од онаа страна на секоја конкретна изразност, освен онаа на еротското општење, тоа тело станува расположиво за употреба. Зголеменото опредметување на женското претставување во времето на Преродбата помага да се воспостави идејата за жената и женското тело исклучиво како тело на фетиш. Замрзнатото лице на порностар (Џ. Агамбен) сега чита вести, води емисии, рецитира партиски соопштенија, брифира/известува за страшни сообраќајки, држи прес-конференции.

2014.

Ѓунер Исмаил

Почитуван Орхан Памук,

Како што слушаме денес во Скопје, Македонија од рацете на овдешниот, сакате Орбан, сакате Лукашенко, или (додадете слободно кого сакате)... значи од некој налик на нив ќе примате нешто како награда! Состојбите во Македонија денес се, ако сакате споредба, слични на состојбите во Белорусија, Унгарија можеби, а најверојатно најмногу на оние во Северна Кореја. За овие состојби - можеби нема да ви се допаднат употребените изрази - најзаслужен е и на чело стои човекот кој за себе вели дека е Прв Министер (премиер), односно човекот што вечерва ќе ве награди.

Можеби не знаевте, или пак погрешно ве информирале, ама немојте да се изненадите ако наскоро преку пошта ги добиете книгите кои на овдешната јавност многу ѝ се допаѓаат. Сепак, претпоставувам дека немавте сознанија што е ОВА ОВДЕ, како е овде и во какви околности Ние живееме (се извинувам за употребата на голема буква за ова Ние). Јас ова не Ви го пишувам како Турчин, туку како некој кој во оваа земја ги живее сите тегобности на една диктатура.
Извинувајќи Ви се, почит и поздрав,

Ѓунер Исмаил

Министер за култура на Република Македонија 1992-1995

25.12.13.

Роберт Алаѓозовски
Велкам ту Груливуд

Се сеќавате ли на оној прекрасен графит во близина на Соборниот храм, “Ова е Индија”, напишан на англиски. Сакавме да го поврзуваме со ромското наследство во Македонија, актуелизирано преку филмот на Столе Попов, Џипси Меџик, па дури и со, во тоа време наивните, поврзувања со царството на Александар, па како мирољубива противтежа на српските милитаристички повици за “Србија до Токија” и “Ово је Србија”. Но авторот не бил ни свесен за своите пророчки способности. Зашто десеттина години по сјајниот графит, Македонија е претворена во политичка и визуелна Индија.

(...) Во Мумбаи (поранешен Бомбај) постои цела една индустрија на евтини патетични и мелодраматични филмови и тв серии во кои главниот херој, по малку наивен но праведен и искрен, по бројни перипетии, концентрирани во еден лош карактер, успева да си ја најде љубовта и на крај сепак да живеат долго и среќно заедно. Тоа е сижето на кое е сведен политичкиот маркетинг на Никола Груевски, тоа е приказната која што му се продава на народот. Се разбира дека глумата, мизансценот, иконографијата, визуелната култура, се на никакво, примитивно ниво. Но токму тоа е тајната на успехот. Просечниот и потпросечниот македонски гласач својот реторички, естетски и визуелен вкус со години го гради, односно го уништува на боливудски серии. Затоа ако не можеш да направиш Холивуд, правиш Боливуд, односно Груливуд. Има голем политички пенал во оваа операција. Смислата на добрата политика е да биде и еманципаторска, да учи, да воспитува, да внимава на нивото и каналите преку кои комуницира со своето граѓанство.

Инаку, како што реков, Груевски не би поминал ниту една позитивна рецензија од областа на визуелните студии. Во однос на она што се нарекува аудиобајти, денешните политичари комуницираат со кратки, ефектни, суштински реченици. Една реченица, еден рез. Да не може ниеден уредник на вести да те исече или скрати или извади од контекст. Речениците на Груевски се долги, збркани, нејасни, оптоварени со непотребни фрази. Затоа него му треба минутажа.

Во однос на видеобајтите, односно визуелната појава во сликата ситуацијата е исто лоша. Свитата на Груевски секогаш ги носи “пријателските” телевизии на неговите патувања, меѓутоа визуелниот учинок е катастрофален. Тие не можат или не се трудат да ги затскријат визуелните недостатоци на Премиерот. Тоа дека Груевски често го греши т.н. код на облекување, дрескод, дека очебијно не е комотен во оделата, дека е нележерен и неистрениран во комуникацијата со колегите од негов ранг, премиери, претседатели, министри, дека е незграпен во начинот на движење, во кое е стегнат, со непримерен гард и неодмерена брзина. Изразот на лицето и гестикулацијата почнуваат фајтерски, а завршуваат инфантилно, со потсмешливо иронизирање наместо со поента.

Октомври, 2009.

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

За книгата „Што е груевизам“


Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото