Дуќан за души

07.01.2016 08:02
Дуќан за души

Некојси човек влегол во дуќан за души за да си купи една, зашто неговата, едноставно, исчезнала. Имало избор, но не било тешко да се одбере зашто човекот знаел што сака. Ги одбил оние што продавачот упорно му ги нудел, дел од нив нови, штотуку добиени, и ја побарал најевтината, најобичната душа од сите. Продавачот му дал мала тегличка со светулка што се мачела да засвети.

„Дали работи“ прашал човекот, „О, да, секако“ му одговорил продавачот, „само треба да ја протресете и да ја отворите, но внимавајте да не ви одлета, единствено во тој случај парите нема да ви бидат вратени“.

Човекот ја однел душата дома. Ја оставил на масата и долго ја гледал. Најпосле, ја протресол тегличката, ја отворил и ја пуштил светулката. Светулката одлетала и застанала на таванот од собата. Човекот долго ја гледал како свети во темната соба пред да заспие.

Следното утро, кога човекот се разбудил, не ја нашол светулката во собата. Забележал дека градите нежно му светат па веднаш побрзал назад во дуќанот за души за да си ги побара парите. Му ја покажал празната тегличка на продавачот, ја раскопчал и кошулата за да му ги покаже и градите.

„Не можам да ви ги вратам парите“ му рекол продавачот, „вие не само што сте ја пуштиле светулката да одлета, вие и сте ја изеле!“

„Што ако сум ја голтнал во спиењето?“ се запрашал човекот, се извинил и се вратил дома. Кога стигнал, забележал дека градите повеќе не му светат. Светулката, после сѐ, најверојатно умрела.

Човекот повторно останал без душа. Долго лежел на креветот и се мислел дали да побара нова во некој друг дуќан и притоа да побара нешто поголемо и нешто што не би можел да го лесно да го проголта во спиењето, кактус, на пример. Лежел и размислувал без да знае дека сѐ што требало да се направи е некој добро да го протресе за душата повторно да му засвети.

Слика: Нина Максимова

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото