Најтешката година во историјата на ЕУ

07.01.2016 14:36
Најтешката година во историјата на ЕУ

Европската унија неколкупати поминуваше низ кризи. Но, минатата година се намножија кризи од различни видови, така што крајот на 2015 година беше голем тест на единството и способноста на оваа заедница.

Тоа беше некое сосема поинакво време, кога најважното прашање за ЕУ беше дали ќе ја надмине кризата со еврото. Во јануари, во Грција на власт стапи левичарскиот политичар Алексис Ципрас, што предизвика голема страв кај кредиторите на Грција. Тој се спротивставуваше на барањата на Тројката - како што тоа го вети пред изборите. Следуваше неколкумесечна партија покер меѓу Атина и кредиторите.

Кризните самити постојано се менуваа. Повеќе од еднаш се закануваше излегување на Грција од монетарната унија. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле дури предложи Грција да ја напушти еврозоната на ограничено време. Но, на крајот грчката Влада попушти и ги прифати условите на меѓународните кредитори, а на тој начин исполни сè што е потребно за да добие трет кредитен пакет.Тоа пред сè, ги смири духовите. Должничката криза во Европа сè уште трае, но од летото е под подобра контрола.

Многумина во тоа време сметаа дека еврото е во опасност, а истото мислење го имаше и Европската унија. Германската канцеларка Ангела Меркел е една од оние кои постојано предупредуваа дека треба строго да се придржува до правилата и договорите. Но, малку подоцна и таа самата ги прекрши правилата.


Шојбле и неговиот поранешен колега од Грција, Варуфакис: „Се согласивме дека не се согласуваме.“

Изолацијата на Меркел

Бидејќи кон крајот на летото приливот на бегалци преку Балканските маршрути стануваше сè поголем, кога илјадници луѓе беа задржани во Унгарија, од каде што сакаа да преминат во Германија, Ангела Меркел им дозволи да влезат во нејзината земја, не водејќи сметка за Даблинскиот договор, според кој азил може да се бара само во првата земја на ЕУ во која се влегува. Малку подоцна, тој договор таа го прогласи за застарен.

Меркел дозволи во неделите во Германија неконтролирано да влегуваат бегалци, изјавувајќи дека не постои „горна граница“, кога станува збор за голем број воени бегалци кои Германија може да ги прими. Нејзината порака до јавноста гласеше: „Ние тоа можеме да го дозволиме.“

Првично мнозинството граѓани го поддржуваа тој концепт, но како што се зголемуваше бројот на бегалци, се менуваше и расположението. Други европски земји на почетокот беа вчудоневидени, а набрзо престанаа да покажуваат какво било разбирање за овој потег на германската канцеларка. За неа ситуацијата стана многу непријатна кога се обиде да го провлече единствениот европски систем за распределба на бегалците. Најпрво сите источни земји од ЕУ категорично ја одбија и ја обвинија Меркел дека ги „повикала“ бегалците да дојдат.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го прогласи прашањето на бегалците за „германски проблем“ и го блокира пристапот до својата земја. Тој најпрво постави ограда на границата со Србија, а потоа и на онаа со Хрватска. Оттогаш насекаде се подигаат огради и се воведуваат гранични контроли, слободното движење во Шенген зоната е ограничено. „Овде не постои Европа, овде не постои Унија“, извика во една прилика претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.


Културата на добредојде не траеше премногу долго

Свртување надесно

На Меркел не ѝ се спротивставија само другите влади. Во рамките на институциите на ЕУ, претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Таск, предупреди: „Европа без надворешните граници е плодно тло за всадување страв.“ На почетокот на декември, тој во едно интервју рече дека бранот на бегалци е „преголем“ и затоа мора да се запре, и дека никој во Европа не е подготвен да прими толку голем број бегалци, вклучувајќи ја и Германија.

Сите тие дискусии се одразија и на резултатите од изборите. Практично насекаде каде што кон крајот на летото беа одржани избори, десничарските странки добија голема поддршка од гласачите. Така беше и во Полска, каде новата влада отворено зборуваше против бегалците. Министерот за надворешни работи Витолд Вашчиковски во ноември изјави: „Можете ли да замислите дека ја испраќаме нашата армија во Сирија, додека 100 000 Сиријци престојуваат во Берлин, пијат кафе и гледаат како се бориме за нивната безбедност?“ Многумина веруваат дека Европската унија станува сè помалку способна да ги решава проблемите, што резултира со „нова национализација“.


Поради својата политика кон бегалците, Ангела Меркел остана изолирана во Европа

ЕУ без алтернатива

Исламистичките напади во Париз во средината на ноември, со 130 мртви, доведоа до нова радикализација. Додуша, многу политичари уште од почетокот предупредуваа дека атентатите на терористичката организација IS не треба да се мешаат со драмата со бегалците, но француската влада сепак го направи тоа. Либералната политика кон бегалците, онака како што ја замислуваше Ангела Меркел, на европско ниво има сè помалку поддржувачи.

Речиси очајнички, земјите од ЕУ сега се обидуваат - секоја за себе, а дел од нив и заеднички - да го намалат бројот на бегалците. ЕУ е дури и подготвена да им даде пари и да направи политички отстапки во Турција, која досега остро ја критикуваше лошата состојба на човековите права. Херметичкото затворање, соработката со земјите на потекло и транзит, но и потиснување на причините за бегалството, сега се начела.

Европа оваа година ја заврши со кризи: кризата со еврото, бегалската криза, украинската криза со заострените односи со Русија, ситуацијата по нападите во Париз. Многумина гледаат опасност од распаѓање на Европската унија на фрагменти, намалување на поддршката на Европската унија и зајакнување на популистичките сили. Но, јасно е дека и покрај тоа, не постојат алтернативи за европската соработка.

Извор:www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото