Морален идиотизам

08.01.2016 02:19
Морален идиотизам

Вообичаено е за Нова година да се сведуваат впечатоци за најважните случувања во годината зад нас, што јас подоцна, во традиционалната форма за набројување на настаните и тенденциите, хероите и антихероите, веројатно и ќе го направам. Но, во овој овогодишен напис во својата редовна рубрика за медиумите, би сакал да укажам на она што ми изгледаше најважно. Тоа не се војните во кои, и покрај здравата логика и советите на воената стратегија, Русија успеа да се заплетка. Тоа не е ни тврдоглаво и упорно туркање на руската економија во бездна. Тоа не се ни одлуките на федералното собрание и нашиот претседател кои овозможија донесување купишта цинични и противправни закони, ниту се тоа судовите кои ги испраќаат невините во затвор, а очигледните криминалци ги оставаат на слобода, па дури ни Уставниот суд кој ја укина нормата за приоритет на меѓународното право, а сето тоа заедно претставува забрзано и реално укинување на она што го нарекуваме владеење на правото.

Сето тоа се значајни настани кои важно влијаеја на нашиот живот, но тие се само манифестација на процесот кој веќе со години се одвива не само во сите сегменти од власта, и не само на борбените полиња на нашите нечесни војни или во извештаите за цената на нафтата и курсот на валутата, туку, што е навистина застрашувачки, и во главите на руските граѓани. Десетици милиони луѓе на своите телевизиски екрани со внимание и одобрување ја гледаат и слушаат исповедта на моралниот идиот кој нема поим кои се Туркмените кои тој со своите бомби и ракети секојдневно ги испраќа во смрт, кој тврди дека масовните убиства на цивилите се најевтиниот и најефикасниот тренинг за нашата воена авијација и кој по кратко размислување соопштува дека можеби и не требаше да биде убиен Борис Немцов. Десетици милиони во директен пренос гледаат како на нивниот водач му растат подочници, рогови и копита; од екранот смрди на сулфур, од чиј тежок мирис само се зголемува нивната љубов кон него.

Тој морален идиот кој веќе 15 години управува со оваа земја успеа не само да ги уништи односите на Русија со целиот свет, туку и сосема да го распадне нашиот правен систем. Успеа во морални идиоти да претвори и значаен дел од населението. Тоа веќе се случувало кај нас. Сталин во времето на големиот глад во почетокот на триесеттите години од минатиот век успеа да ги доведе луѓето до канибализам, да создаде „армија од над четири милиони поткажувачи“ и уште толку „павлици марозови“1 како еталон за примерно однесување. Но, тоа се случувало во услови на глад, тотална сиромаштија и страв од репресија. А, Путин успеа во услови на релативно сит и безбеден живот на поголемиот живот од населението, практично да го постигне истото.

Тој успеа во тоа благодарение на медиумите. Во текот на неговото владеење, тие станаа главна поткрепа на режимот и основен капитал за воспоставување на стандардите на моралниот идиотизам. За тоа да биде можно, пионерите на руските медиуми прво од своите морално координирани системи мораа да го искоренат секое разликување на доброто од злото, односно самите да се претворат во морални идиоти. И таа задача ја извршија брзо и успешно.

За дестилација на доволен број морални идиоти е потребно време во печатените медиуми. Се покажа дека телевизијата едноставно е природен резерват на морални идиоти и дека со примена на „непостоечки“ списоци на лица на кои им е забранет пристапот до камерите се постигнуваат одлични резултати.

Така, на пример, „Неделната вечера“ на Владимир Соловљов е вистинска фабрика за сериско производство на морални идиоти. Овој индустриски процес е организиран според принципот подвижна лента. На неа влегуваат суштества што наликуваат на луѓе, а речиси секогаш излегуваат морални идиоти со врзани усти. И, да се разбереме: кога зборуваме за моралниот идиотизам, немам намера да навредувам кого било. Моралниот идиотизам е термин кој во психијатријата го вовел англискиот лекар Џејмс Причард за да го означи нарушувањето на личноста кај која интелектот останува сочуван, но недостасуваат моралните обележја. Тоа е состојба во која човекот престанува да го разликува доброто од злото.

На руската телевизија најчесто се појавуваат морални идиоти од севернокорејски вид. Овој облик нарушување беше доминантен во текот на 2015 година. Отворете ја веб страницата на списанието „Северна Кореја“ и споредете ги речениците од статијата на тој сајт со изјавите од нашите депутати Железњак, Јароваја, Никонов или писателите Проханов и Стариков. На пример, прочитајте го текстот „Северна Кореја – земјата на младоста, единствената држава во светот која има силна младина“, а потоа за минута или две послушајте го депутатот Никонов: „Радува сознанието дека кај нас во Русија ќе има сè повеќе деца и дека тие ќе бидат сè поумни и поумни!... Нашата економија стана значително посилна, помускулна! Тоа е економија која стои на сопствени нозе! Денес Русија е посилна! Денес Русија е многу поумна!“

А, еве уште еден текст со наслов „САД спроведуваат уште поинтензивна непријателска политика кон Северна Кореја“. И повторно депутатот Никонов: „Постои група земји која отсекогаш сакаше, па и денес сака да нè нема“. Железњак, Никонов и Јароваја до зачудувачки детали ги копираат изразите на лицата, гестикулацијата и реториката на севернокорејските диктатори. Особено се интересни сличностите во информативната содржина на нивните изјави. Ова е типичен цитат на Никонов: „Кога ќе настапат тешкотии, на нив треба да се фокусираме и да направиме нешто. Тогаш, секој е должен сериозно да се замисли како може да ѝ помогне на својата земја“. Замислете се себеси во улога на учесник во вакви дискусии и обидете се содржајно да ѝ се спротивставите на оваа теза!

Кога писателот Проханов зборува за Руското Чудо или за тоа дека „сите ние сме едно битите“ и за тоа „каква среќа е да се живее во овој свет и да се одгатне големата тајна на рускиот народ“, а исто така и за високата духовност на Русите која му се спротивставува на бездуховниот запад, сето тоа веднаш да се спореди со изворот на овие тези, со текстот „За културата на пролетерската дебата и за културата на дебатата воопшто“. Во тој текст од веќе споменатото списание „Северна Кореја“, меѓу другото, пишува: „Имено, станува збор за реалност која ја проживува еден горд народ, народ кој својата среќа ја гради на својата родна грутка, народ кој не завидува никому во светот и кој своите успеси не ги мери со висината на паричните приходи или марката автомобил во кој ќе се вози секојдневно и ќе го преместува својот дебел задник од една продавница во друга. Таа нова-стара реалност уште еднаш ја докажува тезата за неприкосновеноста на идеите кои ги посочи Водачот Ким Џонг Ил, а кои во практиката се потврдени со успешната изградба на Моќна и Просперитетна Држава“ – завршен цитат.

За разлика од жителите на Северна Кореја, рускиот граѓанин може (ако сака) да ја спореди содржината која му ја нуди телевизијата со содржината не само на својот ладилник, туку и со понудата на интернет. Или може да се спореди незаузданиот оптимизам на руската телевизија со податоците од полуофицијалниот Серуски центар за истражување на јавното мислење (ВЦИОМ) кој неодамна објави дека во текот на оваа година бројот луѓе без доволно пари за храна и облека пораснал речиси двапати – од 22 проценти во 2014, на 39 проценти во 2015 година.

Бидејќи телевизијата е основа на основата на режимот на Путин и дека обликот, па и содржината на се што сè емитува е сообразен на севернокорејскиот модел, во тој правец се насочуваат и останатите сфери од животот во Русија. Додека ги запишувам овие зборови, од телевизорот допира веста за важниот чекор на нашата надворешна трговија: продажба на руско сено во Северна Кореја. Имено, кон крајот на 2015 година на нашиот далекуисточен сосед му се продадени 528 тони сено. Можеби тоа Путин го имал предвид кога на својата последна голема прес конференција зборуваше дека дошло време да се „тргнеме од нафтената игла“ и да се ослободиме од доларската зависност.

_______________________________________________________________

[1] Павлик Марозов – Павел Трофимович Морозов (1918-1932), момче од село убиено за време на колективизацијата, наводно затоа што својот татко кулак го поткажал на советските власти. Бил прогласен за херој и маченик, а неговиот подвиг станал еден од главните образовни митови на советската епоха. Подоцна, во пост советскиот период, историчарите пронашле многу „дупки“ во службената верзија на настанот и утврдиле дека тој е убиен од семејни, а не политички причини.

Извор: http://www.ej.ru

ОкоБоли главаВицФото