Грчев пред 30 години: Глас за нееднаквоста

08.01.2016 10:11
Грчев пред 30 години: Глас за нееднаквоста

„Уметноста е аристократска до сржта во коските, како феудален кнез. Таа е порекнување на еднаквоста и обожување на повисокото“, пишува Гомбрович. Жалам што под таа мисла не стои мојот потпис. Таа е остра и борбена како глогов колец, а јас би сакал да бидам еден од оние што ќе го придржува кога ќе се забива во повампиреното тело на медиокритетската свест и урамниловката кај нас. Затоа додавам.

Уметноста не знае за поимот еднаквост. Таа е создадена врз принципот на нееднаквост и нееднаквоста е услов за нејзиното постоење. Уметноста е хиерархично уреден систем на единствености: во неа ништо не е еднакво со нешто друго. И секое нешто е производ на стремежот кон нешто поубаво, повредно и повозвишено. Уметноста раѓа квалитет, но сурово и безмилосно го оценува својот пород. Само така уметноста мрже да ја врши својата основна системска функција - да го избира и истакнува убавото и единственото, да го усовршува совршеното.

Затоа и не е чудно што уметноста е трн во окото на бирократската логика. И, што една од првите задачи на последнава е да се пресмета со уметноста. Бирократската свест, меѓутоа, поседува демонска итрина: таа не ја уништува уметноста укинувајќи ја со декрет, туку тивко, изродувајќи ја во она што таа не може да биде, наметнувајќи ѝ ја урамниловката како основен принцип.

Ова најчесто се изведува со помош на една од најподмолните замени на тези во историјата на човештвото: еднаквото право на работа се заменува со еднаквоста на сработеното! Ваквото нивелирање на уметничкиот производ ги затапува талентите и ги отвора вратите на „уметноста“ на инфлаторната армија медиокритети. Медиокритетската логика со сите сили се бори за правото на секој човек да биде виден уметник. Доколку, се разбира, тој тоа го посака.

Како овој цивилизациски трилер се одвива во демократски општества, и зарем е тоа воопшто можно? Можно е, и тоа на морбидно многу инвентивно смислени начини.

На пример.

Се формираат уметнички здруженија и се утврдуваат квантитативни критериуми за зачленување (дваесет платна, три филма, две самостојни изложби, и сл.). Квалитативните, јасно, се подразбираат. Се хипертрофира значењето на членувањето до нивото на доволен услов за признавањето на статусот уметник. Ширум се отвораат вратите на здруженијата и се форсира нивната масовност, како да се работи за општествено-политички или хуманитарни асоцијации. Другото е рутина, и тоа негативна. Под притисокот на масата заинтересирани, квалитативните вредносни критериуми (кои се поради помалата нормативност понепрактични за рутинска употреба), им го отстапуваат местото на квантитативните. А нив, формално, може секој да ги
исполни...

Или.

Се пишуваат критики во кои со езотеричииот „стручен“ јазик се создава таква семантичка збрка, што станува невозможно од нив да се распознае кое дело е повредно, а кое не. Главно, сите се задоволително одлични! Нечитливиот галиматијас со кој се одбележуваат и успешните и неуспешните уметнички настани ја сведува уметноста на едно квалитативно рамниште. Гореспомнатиот бунтовник тоа го нарекува израмнување на уметноста и тоа со газење по нејзиното лице.

Или.

Се измислуваат низа награди и признанија за успешна уметничка дејност или дело и, по правило, се доделуваат наизменично и на уметниците и на оние што сакаат да се издаваат за такви...

Итн., итн.

Се чини како да е безграничен бројот на перфидните методи за нивелирање на возвишеното. Ако е така, има ли воопшто смисла борбата против темните сили на ентропијата? Има! Зашто самата уметност е борба, а прашањето на нејзината смисла енергично го отфрлам како беспредметно. Дури и во наши услови.

Комунист, 16 октомври 1987

Слични содржини

Култура / Уметност / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото