Што е груевизам (6)

10.01.2016 11:49
Што е груевизам (6)

Синоличка Трпкова
Мразам – значи постојам

Да се биде агресивен, доминантен и надмоќен, повторно е во „мода“. Тие што тоа одамна го постигнале, сега само го одржуваат и негуваат. Но оние на кои тоа им недостасувало, од петни жили се трудат тоа да го докажат и покажат во 21 век. Неправедна била историјата. Појаките секогаш доминирале врз послабите. Безмилосен бил патот до демократијата, но и поучен, за конечно да се воочат, разберат и признаат грешките. Но осветата длабоко се зарила во сеќавањето. Не, нема подавање рака, туку напротив, вадење нож, оти паднал мрак пред очи и тоа е единствениот начин. Јазикот на компромисот и разумот никој не го разбира, нити го учи. Тој е туѓ и непознат. Потребни се жртви, зашто стравот го движи опстанокот. Крв мора да падне, за да се знае кој е најстрашен, најсилен и најгрозен!

Не, не се шегувам. Мртва сериозна сум. Се сеќавате како (малиот) Македонец, што сите го шуткаа и понижуваа, за само осум години - израсна во „лав“? Не ни пробувајте да бидете објективни, разумни и сталожени. Ќе ве опулат закрвени очи, што стрелаат со поглед и ќе ве расчеречат распенети и гладни усти. Тоа е новосоздадениот жител на овие простори, охрабрен, осознаен, горд и осилен.

Скопје 2014, како важен дел од тој сон, додатно го воздигна овој мал, вечно поробуван, онеправдуван и потлачуван народ. Не, не ти бил тоа никаков уметнички проект, туку епохална инекција на гордост и храброст, право во македонскиот задник. Сега народот ќе излезе на улица, па ќе види светот колку е тој бестрашен и храбар и спремен за нови револуции. Нема веќе место за страв и неизвесност, зашто ние сме децатa на Александар. Неговата крв тече низ нашите вени. И „кој поинаку зборува, тој клевети и лаже” – и е наш непријател! Зарем овој горд и храбар, освестен народ, власта го уценувала, застрашувала и поткупувала за да гласа за неа? Чиста измислица! Па зарем следбеник на Александар би поткленал на такви ниски и валкани удари?

Агресивноста и желбата за доминација што сеуште владеат на почетокот на втората декада од 21, се одраз на безумието, злобата, омразата, незнаењето и гладот за освета. Растргнати меѓу разум и компромис, и пушка и нож, неминовно беше да се поделиме, а „националното самочувствие“, само го продлабочи јазот. Политиките на оваа власт не ја зацелија скршената кичма на Македонецот и не го направија ниту похрабар, ниту посмел. Но чија е тогаш крвничката омраза што рика меѓу нас, како лав? Од кај дојде таа? Таа ли е нашата сила, гордост и храброст, на која системски се работеше осум години?! Судејќи по физичката и духовната мизерија што нè опкружува, можам само да заклучам дека никогаш не сме биле поуплашени, пообезглавени, попонижени, побезгласни и побезимени - како денес. Ако е тоа цената за нашиот опстанок, зарем да се помириме со таквото постоење. Не, ова јаве не е нашиот сон.

29.08.14.

Ѕвездан Георгиевски
Уништување на парковите

Парковите се битни затоа што тоа се најмаркантните елементи на хуманата култура на една урбана средина. Тие се хедонистички производ, простор создаден првенствено за ментална, а потоа и за физичка рекреација. Нивната улога е релаксирачка. Нивната намена е одмор, а не работа. Тие асоцираат на игра, на возење ролерки, џогирање, шетање домшни миленичиња, глуварење на некоја клупа, читање во мир, играње шах или домино, па ако сакате и на некакви први љубови и први еротски искуства. Парковите се сето она што ви недостасува во секојдневниот градски живот. Тие, значи, се важни, не толку за еколошката, односно природната рамнотежа на просторот, туку за еколошката рамнотежа на човековиот живот. Тие се оние урбани острова, оази, кои ве потсетуваат дека, освен „епохалните“ одлуки и секојдневните егзистенцијални грижи, животот е составен од некои мали, а сепак убави нешта. Од друга страна, паркот за претпубертетските деца е авантура, мистерија... Тој ги содржи сите тајни на сите џунгли и савани на светот, сите критски лавиринти... Таму Црвенкапа се сретнува со волкот, а Снежана со седумте џуџиња, Тарзан скока од гранка на гранка... Во пубертетот, тоа се таинствени места, попришта на мистериозни убиства, домови на вампири и врколаци... А, сепак, достапни и безбедни азили за бегство од тмурното секојдневие во неуморната фантазија.

Во тој клуч треба да се бара и опседнатоста со уништување на парковите. Во „1984“ на Џорџ Орвел не постојат паркови. Ги нема ниту во „Планетата на мајмуните“. И воопшто во ниту една негативна утопија нема зеленило. Или е сè составено од бетон и железо или, пак, е сè сосема опустошено. Светот без паркови е свет на суровост, каде што луѓето се целосно дехуманизирани, издресирани на послушност и едноумие, верници во една вистина... Тоа е сив свет, каде што е забрането продирање на било каква нијанса на мисловна индивидуалност.

Саше Ивановски
Не ја избрав оваа војна

Не ја избрав оваа војна. Таа мене ме избра. Уживам во неа само на моменти, но сепак тонам на секој план и очајно се чувствувам. Сите тонеме во оваа војна. Сите или стоиме во место или тонеме. Грујо сите нè упропасти. Не сакам да одам со расцепена глава. Не сакам да гледам во темницата и да биде тоа за мене забранета зона зашто ме чекаат можеби неколку батки со шипки. Не сакам да сум со нула салдо на сметката со 35 години во газот. Досега да беше ова нормална земја мојата емисија на тв ќе беше многу гледана и ќе имав заштедено многу пари. Исто е со речиси целата новинарска фела која одби да пуши. Сите сме осакатени од оваа војна за која ти кажуваш вицови и се кикотиш. И бизнисмените и професорите и лекарите и студентите и учениците и професионалците од сите профили и борците и стечајците и сите оние кои избегаа од Македонија меѓу кои и брат ми. Сите сме поразени. Моите ордени ќе си дојдат, тие ме следуваат. Ама ќе ми се горчливи. Немам стан, немам здравствено осигурување, ниту мојата сопруга е здравствено осигурана, ниту моето бебе. Презадолжен сум, моите роднини се истоштени, голема е цената која ја плаќаме сите. Но, нападот со шипки наместо да ја прелее чашата имаше контра ефект, сите сега ми велат: „абе ова вредело, па овие стварно биле тотално луди, па вреди да се бориме со сите сили да се ослободиме од овие лудаци!“

Тоа е мојата приказна. Но, со што ќе се пофалиш ти после оваа војна која ќе ја добиеме ние против режимот, немој да мислиш дека победата овојпат ќе ни избега... Кои ќе бидат твоите орденчиња? Како ќе се чувствуваш ти кога ќе се откријат сите стотици милиони на фамилијата, кога ќе испливаат сите злодела како гомна на површината, каде во која дупка ќе гледа твојот поглед, у која дупка ќе се криеш од коментарите и реакциите и дофрлувањата, ќе го гасиш ли тогаш фб профилот, ќе одиш ли можеби тогаш во манастир со отец Пимен за да се прочистиш од гревовите?

Иван Шопов
Портокаловата фаза смртоносна за Македонците!

Метеоролозите предупредуваат дека портокаловата фаза во која Македонија се наоѓа седум години може да биде опасна за здравјето на граѓаните, а ако потрае доволно долго, може да предизвика и смрт на државата.

Иако досега се сметаше дека Македонија се наоѓа во портокалова фаза само за време на летните горештини, Климе Тропски од Политичко-метеоролошкиот завод обелодени дека тој и неговите колеги откриле дека земјата всушност веќе седум години е во таква фаза, која наскоро може да го достигне и стадиумот на црна фаза.

„Знаците дека се наоѓате во портокалова фаза се тешко воочливи за обичниот граѓанин. Зраците од сонцето и телевизорите силно ве зашеметуваат, па не го забележувате пустошот, сушата, топењето на ресурсите и насилството од секаков вид околу вас“, вели Тропски.

Тој додава дека одредени нарушувања на здравјето веќе се очигледни кај граѓаните од пониските класи - енормно зголемена толеранција до степен на мазохизам, доброволно редуцирање на исхраната, халуцинации на историски теми, апатија, комплекс на повисока вредност, недостиг на какво било критичко размислување... што во крајна линија може да доведе до сериозни проблеми со здравјето, па дури и до смрт.

„Интересно е тоа што последиците од портокаловата фаза кај владејачката класа и тесниот круг луѓе околу неа се манифестираат сосема различно. Речиси единствена штетна последица кај овие луѓе е клептоманијата“, објаснува Климе Тропски.

Тој вели дека метеоролозите не можат да предвидат кога смртоносната фаза ќе заврши, но неколку алтернативни лекари препорачуваат методи за заштита кои се сосема спротивни од досегашните. Имено, наместо седење дома и чекање портокаловата фаза да заврши, групата алтернативни лекари ПКПФ (Преку кур од портокаловата фаза) препорачува излегување на улица кога таа е во полн ек.

„Луѓето треба да излезат на улица кога портокаловиот бран е најсилен. Може да биде корисно седењето под сенка во урбаните градски средини. А дури и во недостиг од зеленило, прошетката за лечење од портокаловиот бран може да започне и со една навидум обична борба за дрва“, изјави за Пара вести доктор Мирко Шумков Герилски од ПКПФ.

Скопје, 9 август 2013.

Роберто Беличанец
Непристрасноста е соучесништво!

Власта успешно ги комбинира постојните предрасуди и стереотипи, и со нив си игра како со лего коцки. Таа многу добро знае дека телевизиското време истекува многу побрзо отколку реалното. Вие денес во Македонија може да бидете казнети, обвинети и воопшто вашиот живот да заврши во 2 минути на вести. Концептот на телевизиска правда тоа ви го овозможува. Инструментот е двонасочен – од една страна го повредувате противникот, од друга страна на масите им даваат да го почувствуваат мирисот на крв и да ги задоволат своите страсти за одмазда.

Долга е камерата на ВМРО и таа кога-тогаш ќе ве сними! Судските резултати се апсолутно небитни, апсолутно нетелевизични и освен во ретки случаи сосем ирелевантни од пропаганден аспект. Поважно е да се натовари јавна стигма отколку да се процесира одреден предмет. Во некои стари времиња тоа се викаше линч – денес тоа се вести!

На стереотипот за напуштеност на масите – владата одговара на тој начин што испраќа министри по зафрлени села. Додека сите политички аналитичари тврдат дека на Антонио Милошоски местото му е на состаноците во Брисел, Груевски знае дека местото му е во Обрешани! Таму тој е апостол, пратеник на таткото кој, ете, конечно дојде да нè види. Ефектот е нула ако тој се мери според мерилата на реалните интереси на државата. Но, ефектот е + бесконечност за спинот на власта која се грижи за секој поединец.

На крајот само сакам да напоменам дека нашата портокалова револуција (која злоупотребува туѓи симболи) сè уште има многу енергија и допрва ќе гледаме примена на пропагандни техники на дневно ниво. Сè додека навистина не заборавиме дека сè што знаеме е реалност!

Исто би напоменал и дека сум пристрасен. Последен пат кога проверував – лажењето и манипулацијата сè уште во моралниот систем на човештвото беа зло. Секаков обид за непристрасност е соучесништво!

13.02.2012.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

За книгата „Што е груевизам“

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото