Еден од нас мора да замине

11.01.2016 04:34
Еден од нас мора да замине

Има еден миг, еден момент кога секому дошло да врисне: „Доста е!, Не можам повеќе, Заминувам од ова!“. Знаете, она кога си во мачна врска, насилна, релација во која едната страна ве полни со себеобвинување за сите животни падови и неуспеси, додека истовремено ги презема за свои сите ваши издигнувања и успеси. Врска во која сте постоеле единствено заради задоволување на апетитите, мегаломанската алчност, душевна, емотивна, материјална ненаситност на другиот. Однос кој ве исцрпувал емотивно, материјално, телесно, психолошки, интелектуално.

Да, луѓе мои, Каракамишева е во право. Ние заминуваме од Македонија или попусто копнееме по заминување заради мачната релација во која сме заробени со нашата држава. Тоа е однос меѓу алчни манијаци, болни амбиции и перверзна злоба, од една страна, и изгубени, очајни и комплетно понижени човечиња на кои единствено им преостанува да се јадат меѓу себе за да преживеат, од друга страна.

Ние сме генерација која односот со својата држава го градеше преку древната вештина: наведни се и моли бога да бидеш подобен за јавање. Растевме со траумите на нашите нагло осиромашени родители во транзицијата, се образовавме во систем во кој итроштината се изедначи со интелигенцијата, кој препишувачите ги сметаше за снаодливи, а учените за наивни, градевме семејства обврзувајќи се на благосостојба додека губевме работни места заради партиска неподобност, зрееме во параноја од здравствениот систем кој убива наместо да лекува, старееме во неизвесност на пензиските фондови и умираме со долгови заради бањско лекување кое е подарок, ама од наши пари.

Целиот живот го фрливме во оваа болна врска со држава која е дувло на немилосрдни криминалци маскирани во сериозни типчиња и елегантни госпоѓи. Додека нè силуваат тие ни шепотат милни совети за тоа колку деца треба да имаме, како здраво да се храниме, дали да пушиме и пиеме, како да љубиме, што да мислиме, од кого да се плашиме. Ни раскажуваат успешни приказни за божемни стечајци кои во моментот кога ја губат работата им светнува генијална бизнис идеја, за тазе дипломци кои развиваат милионски бизниси, за домаќинки кои своите колачиња ги претвораат во брендови, мотивирајќи нè со едно кратко ОСМЕЛИ СЕ.

И така, во недела навечер, кога завршуваш уште една по ништо посебна седмица и се спремаш за следната со тронка надеж, кога си го успал детето и конечно можеш да здивнеш од лагите за совршениот свет кои си му ги сервирал за да остане барем тоа здраво, кога сфаќаш дека си се осмелил барем илјада пати ама попусто, седиш сам со себе и голташ дијазепам за да заборавиш на кредитот и заканата од извршител. Ама луѓе мои, дијазепамот веќе не удира како порано. Стануваш свесен за таа болна врска во која си се заплеткал со мороните кои ја водат твојата држава и знаеш, тотално ти е јасно дека ЕДЕН ДО НАС МОРА ДА ЗАМИНЕ.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Свирачиња