А кога тој ќе замине...

11.01.2016 04:10
А кога тој ќе замине...

 

ИМА ЛИ НАДЕЖ ЗА МАКЕДОНИЈА?

 

Признавам, прашањето е апла песимистично. Но тоа не произлегува од моја желба за контрапункт наспрема раширениот оптимизам. Ќе посочам делумно на нешта кои бараат соочување со денешните ужасни состојби. За нив можеше, во глобала, доволно да се разбере и од неодамнешниот серијал на Ал Џазира - Алхемија на Балканот, посветен на Македонија.

На прочуениот автор на серијалот, Горан Милиќ, повеќе мои пријатели од медиумите му забележуваат за „конформистичкиот“ дискурс. Серијалот, додуша, предимно беше, вообичаено, занимливо патописен – како што му прилега на овој мајстор, со по некое вистинско откритие (приказната за прастарата печатница во Охрид, со сопствено производство на хартија – и денес!). Но, нема сомнение дека тој на разни начини - и преку устата на компетентни соговорници, ни долови реална слика за културните, туристичките, и, уште поважно - за политичките и економските состојби во земјата.

Набргу по распаѓањето на Југославија, и Македонија ја погоди стравотен грабеж - преку апашката прераспределба, наречена приватизација. Ова, секако, и со учество на божемно комунистичкото политичко раководство на државата, кое имаше пресудно влијание – кому, што и колку ќе се насочи од социјалистичкото наследство, особено преостанатите пари во банките.

Може да се каже: оние што во „комунистичко“ време беа на чело на важни претпријатија во општествена сопственост, станаа нивни газди – Минчо Јорданов („Железара“), Андреа Јосифовски („Макпетрол“), Штерјо Наков („Фершпед“), Љубисав Иванов-Ѕинго („Силекс“) итн.

Не верувам дека грабежот, кога било, ќе биде „тема“. Поверојатно ќе биде по онаа крилатица која одамна во Хрватскиот Сабор ја изрече „позадинскиот“ генерал Љубо Ќесиќ Ројс, човек од доверба на претседателот Туѓман („ко јамио – јамио“, демек: кој грабнал, грабнал).

Спомнатата „операција“ цинично беше наречена транзиција, која во овој случај, велат упатените, во економијата значи премин од помалку ефикасниот модел (самоуправно стопанисување), кон наводно поефикасниот (капиталистички). Последиците беа преболни за мнозинството, кое за кусо време потона во сиромаштија и беда, потенцирани со сè поголема невработеност.

Следните управувачи со земјата не сторија којзнае што за подобар живот на мнозинството. Според моето скромно мислење, доаѓањето на владата на СДСМ, со „зелениот“ Бранко Црвенковски, значеше почеток на видливо назадување на земјата. Освен тоа, таа практично ѝ го сондираше теренот на националистичката ВМРО-ДПМНЕ, со Љубчо Георгиевски.

Токму во времето на овие владетели и партии, зајакна привилегираната Македонија (на која безбели и тие ѝ припаѓаат), аздисана од благосостојба - од пари па натаму (за нив како да нема ограничувања - каква куќа, кола, каде да летуваат – „скромно“ на Јадран или во далечните егзотични земји).

Сам Господ знае дали еднаш ќе запре опишаново ничкосување на државата Македонија. Оти е јасно дека спомнатите „тегови“, какви што се невработеноста и сиромаштијата, беа плодна почва за секакви видови корупција, а преку неа и за разнебитување на државата. Од ова е јасно дека не мислам дека разорувањето и пропаѓањето на државата започна со доаѓањето на Никола Груевски на власт, со неговата ВМРО-ДПМНЕ, подоцна придружена од ДУИ со Али Ахмети.

Наведеново, молам, никако не е „амнестија“ за водачите на двете партии, особено за Никола Груевски, кој силно котира да ѝ биде гробар на Македонија. Впрочем, со години јавно укажувам дека Никола Груевски ја разорува државата, слепо следен од својата партија, а во поново време и од неговиот коалиционен партнер ДУИ, со неговиот беспоговорен водач Ахмети.

Од прогласувањето на Македонија за република во состав на Југославија (1944 година), најбројното малцинство – Албанците, влезе во вистинска преродба, со осетен напредок во вработувањето, школството, здравството и друго. И покрај тоа, тие, чинам, имаа чувство на дискриминација, а тоа, би рекол, беше засилено во годините по прогласувањето на Македонија за самостојна и независна држава, во 1992 година.

Спомнатото чувство ќе биде поразбирливо ако се слушнат сведоштвата на два тогашни пратеници во Собранието, од кои еден и член на Уставниот суд - обата етнички Македонци! Тоа беше време на коалиција на СДСМ со одличната Партија за демократски просперитет, со Абдурахман Алити на чело. Што било тие да предложиле во Собранието во полза на етничките Албанци, од мнозинството било отфрлано.

И тоа чувство, претпоставувам, беше „олеснувачки“ чинител за вооружен напад на државата (ги апстрахирам странските влијанија и поддршка). Оваа трагична епизода во односите на етничките Македонци и Албанци, со многу бесмислени жртви, со децении ќе ги оптоварува нивните односи.

Кога запре војната, следеше според сè респектибилниот Охридски рамковен договор. Тој беше, меѓу другото, основа за распоредување на Албанците во државната администрација и на други должности во јавниот сектор – соодветно на нивното учество во вкупното население. За голема жал, лавовска полза од ова имаа пред сè партиските војници - слично како и во случајот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Општо место“ е во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да се распоредени кадри и „кадри“ од доверба, а речиси е ирелевантно колку биле компетентни. Важно било да ѝ служеле и служат на својата партија, а не на државата и нејзините граѓани.

„Бракот“ меѓу овие партии значеше среќа за нив, но не и за земјата, нејзините граѓани. Со години се покажува дека за ДУИ не постои доволна причина – политичка, економска – за да изрази недоверба спрема ДПМНЕ во Собранието, со што би бил урнат овој корумпиран и однароден режим. А повеќе од доволно е во Собранието еднаш да се проблематизира проектот „Скопје 2014“ и огромните пари кои ја забрзаа невидената беда на граѓаните на Македонија, на која не ѝ се гледа крајот.

Трагично е што од ова „коалицирање“ на ДУИ зијан трпат и Албанците, и Македонците и другите граѓани на Македонија. За верност на ДУИ кон ДПМНЕ и Груевски („до гроб“, ќе рече еден албански лидер во друга прилика), Албанците под чадорот на ДУИ, како да добија недефинирани права, со кои всушност можат да го негираат постоењето на Република Македонија. За ова доволно зборува изјавата на Невзат Бејта, член на Претседателството на ДУИ и градоначалник на Гостивар, која лани ја даде за серијалот на Ал Џазира Алхемија, за Македонија.

Во најавата за 9-тата епизода за Македонија, стои дека „градоначалникот на Гостивар многу јасно и концизно објаснил како функционира заедничката власт на Македонците и етничките Албанци, на ниво на државата“.

„ДУИ – вели Бејта – на државно ниво е во коалиција со партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тие имаат свои министри и свој лидер, а ние како партија, Демократска унија за интеграција, имаме свои министри и свој лидер, Али Ахмети. Ние, како Албанци и функционери во Владата, министри, претставници во локалната власт, како јас, не му полагаме сметки на Никола Груевски. Ги полагаме на нашиот лидер Али Ахмети. Ако утре ни каже да не ја признаваме оваа држава, ние во истиот момент нема да ја признаваме. Ако каже дека сите наши министри треба да се повлечат од должноста, сите веднаш ќе се повлечат. Како министрите, така и функционерите од пониските нивоа на власта, ќе се повлечат“. (Во прилог е и видеото: http://balkans.aljazeera.net/video/alhemijaalkemija-balkana-makedonija-9-epizoda - со почеток од 10,27 минута).

Оваа неверојатна изјава, колку што е претполитичка, шокантна, толку е и скандалозна. „Претполитичка“ е бидејќи функционирањето на власта Бејта го објаснува како да станува збор за партиска соработка, а не за учество во власта, со соодветна одговорност. Скандалозна е оти доаѓа од висок функционер на ДУИ, а згора и од високообразован човек.

Жално е што изјавата на Бејта, колку што знам, не предизвика речиси никакви реакции. Колку што разбрав, во име на Владата не реагирал ниту нејзиниот портпарол, инаку брз кога треба да се „исплука“ опозицијата. Не се оградила ни ДУИ, а наивно е, чинам, да се очекува Бејта да биде повикан „на консултации“. Патем, не се отепаа од реагирање ни медиумите, ако воопшто и имало реакции.

Многу би сакал да слушнам каква корист од опишаното функционирање на власта имаат Албанците во Македонија? Додуша, Бејта „во камера“ на Ал Џазира кажа и дека Албанците сега живееле подобро отколку во Југославија, докажувајќи го тоа со својот пример. За првото многу се сомневам: имам меѓу Албанците доста познајници и пријатели, главно занаетчии, со кои редовно се гледам, дружам, и знам колку тешко живеат. За второто немам никакво сомнение. Оти и тој, Бејта, ѝ припаѓа на „привилегираната Македонија“, а во неа етничката припадност не е пречка, владее хармонија – баш како и во Собранието кога треба да се одобрат нови привилегии за пратениците.

Не сум среќен што морам да констатирам дека и од сведоштвото на Невзат Бејта е јасно колку е скапана државата Македонија. Нејзината ентропија, од „безнадежија“ – како што ја видов пред десет години – забрзано продолжува. На премиерот во заминување, Никола Груевски, како олицетворение на сегашната злосторничка власт, очигледно му е важна каква било власт, на било какво парче на Република Македонија. Тој се потпира на поддршката на македонскиот етникум, кој и не помислува дека поддржува гробар на неговата татковина.

Коалициониот партнер на Груевски, пак, Али Ахмети, силата ја црпи кај албанскиот етникум, кој него можеби го доживува како спасител – белки од македонскиот етникум?! А всушност, обата етникума се заложници на овие „партнери“, на кои им е гајле за интегрираноста на државата, нејзината стабилност и функционалност, гаранција за рамноправност на сите граѓани, по сите основи што ги содржи Уставот, за нивниот достоинствен живот и сигурна иднина.

За „надеж“ за Македонија, голем предизвик гледам во постизборниот период – без оглед на тоа дали тие ќе се одржат во април, како што беше договорено во Пржино. За десет години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, и нешто помалку на ДУИ, вработувањето по партиска и други основи (корупција, роднинско-пријателски врски), имаше за резултат и неподнослива превработеност, со неизбежно многу „паразити“. Вишоците на вработени неминовно сериозно ја оптоваруваат економијата, а со тоа и ја слабеат нејзината конкурентност на светскиот пазар.

Во ситуација на огромна невработеност во земјава, од над 30 отсто, природно е да се очекуваат нови притисоци за вработување. Во случај сегашните партии да победат на изборите, не верувам дека состојбите битно ќе се подобрат. Во природата на сегашната власт е функционирањето преку екстремна „партизација“ и непотизам, односно со одвратни, дури непријателски „алати“, меѓу кои се корупцијата и криминалот на врвот.

Во случај на победа на СДСМ и другите партии од опозицијата, Македонија на патот кон заздравување ја чекаат болни реформи. Новата власт во „наследство“ ќе добие армија „апаратчици“ од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, меѓу кои и опасни „вируси“ и „змии“. Токму затоа, како никогаш до сега, ќе биде потребна поддршка од гласачкото тело, кое ќе знае да ги наградува и казнува луѓето во власта, без оглед на нивната етничка припадност. Затоа ќе мора добро да ги памети нивните ветувања!

Повеќе поради зачувување на својот статус, а помалку од верност спрема лидерите, незанемарлив број меѓу нив нема да се стеснува од опструкција во функционирањето на новата власт. За очекување е вистинската драма да дојде со првите мерки за превработеноста – истовремено со „аплицирањето“, често за било какво вработување на илјадници невработени.

Во повеќе интервјуа, лидерот на СДСМ Зоран Заев, беше категоричен дека нема да има отпуштање на вработените – на пример, по партиска основа. Како тоа да се прави, чини Заев, кога најчесто станува збор за еден вработен во семејство од повеќе души.

Овој хуман пристап – оптоварен и со стравотна потреба за ново вработување – се судира со немилосрдните закони на економијата. За иднината на Македонија, би рекол, судбоносно ќе биде дали новата власт – ако ја биде, се разбира – ќе најде не само одржливи решенија, туку и капацитети тие да се оживотворат. Паралелно со ова, неа ја очекува и упорно и долготрајно справување со девијациите на претходните власти, меѓу кои беше и самиот СДСМ.

Предизвиците се навистина преголеми, но ова е време за храбрите, упатените и посветените луѓе на цели кои од Македонија можат да направат барем пристојна земја за живеење. Кој го нема споменатото, нека бега од ова „оро“. На другите им ја нудам еврејската крилатица, која сугерира оптимизам: за секој проблем има две решенија и едно резервно.

 

Кутина, 10. 1. 2016. год.
Драгољуб Марковски


Слики: Василис Аврамидис