Создавање урбано општо добро (4)

11.01.2016 16:58
Создавање урбано општо добро (4)

Децентрализацијата и автономијата се примарни средства за создавање уште поголеми нееднаквости преку неолиберализацијата. Така во државата Њујорк нееднаквото пружање услуги за јавно образование во јурисдикциите со радикално различни финансиски ресурси судовите го прогласија за неуставно, а судот во државата наложи да се премине кон поголемо изедначување на услугите за образование. Таа не го направи тоа, и сега ја користи фискалната нужност како понатамошен изговор за одложување на акцијата. Но, внимавајте добро, пресудна улога во одредувањето поголема еднаквост во третманот, во смисла на уставното право, имаат хиерархиски организираните правила на повисоко ниво – државните судови. Елинор Остром не исклучува такво донесување прописи од повисоко ниво. На некој начин мораат да бидат воспоставени и уредени односите помеѓу независните и автономно функционирачките заедници (оттука Винсент Остром упатува кон „воспоставените правила“). Но, ние скокаме во место во мракот кога е во прашање начинот на кој таквите правила од повисоко ниво би можеле да бидат конституирани, кој би можел да го направи тоа, и на кој начин тие би можеле да бидат отворени за демократска контрола. За целото градско подрачје некои такви правила (или вообичаени практики) се подеднакво неопходни и клучни. Покрај тоа, таквите правила не смеат само да бидат воспоставени и потврдени. Тие мораат и да стапат на сила, и активно да се контролира нивното спроведување (како во случајот со сите општи добра). Не треба да одиме подалеку од „полицентричната“ еврозона за да го видиме катастрофалниот пример на она што може да тргне лошо: од сите членки се бара да се потчинат на прописите кои го ограничуваат нивниот буџетски дефицит, а кога мнозинството ќе ги прекрши правилата нема начин да се дојде до согласност ниту да се излезе на крај со фискалните диспропорции кои тогаш се јавуваат меѓу државите. Настојувањето државите да се наведат на усогласување со поставените лимити за емисија на јаглерод диоксид се јавува како подеднакво безнадежна задача. Иако историскиот одговор на ова прашање: „Кој го сместува 'општото добро' во заедничкиот пазар?“ може правилно да се претстави како отелотворување на сè што е лошо во врска со хиерархиските форми на управување, алтернативното мечтаење за илјадници и илјадници автономни општини кои жестоко ја бранат својата автономија и своето парче земја додека истовремено бескрајно (и несомнено со огорченост) преговараат за својата положба во рамки на поделената Европа – тешко дека може да биде заводливо.

Како може радикалната децентрализација (која секако претставува цел вредна за внимание) да функционира без конституирање власт која е на повисоко хиерархиско ниво? Едноставно е наивно верувањето дека полицентризмот или кој било друг облик на децентрализација може да функционира без силни хиерархиски принуди и активна примена на законите. Поголемиот дел од радикалната левица – особено со анархистичко и автономистичко убедување – нема никаков одговор за овој проблем. Државните интервенции (да не зборуваме за наметнувањето контрола од страна на државата) се неприфатливи, а легитимноста на граѓанската уставност генерално се отфрлува. Наместо тоа, постои некаква маглива и наивна надеж дека општествените групи, кои ги организирале своите односи со своите локални општи добра на задоволувачки начин, ќе го направат вистинското нешто или пак ќе го конвергираат кон одредени задоволувачки интергрупни практики преку преговори и интеракција. За да се оствари тоа, локалните групи не смеат да бидат вознемирени од какви било ефекти на надворешните влијанија кои нивните акции би можеле да ги имаат на остатокот од светот, ниту да се откажат од постигнатите предности, демократски распределени во рамки на општествените групи, со оглед дека целта е да се спаси или надомести благосостојбата на блиските (но и далечните), кои, како резултат на погрешни одлуки или лоши околности се нашле во состојба на гладување и беда. Историјата ни нуди многу малку докази дека таквите распределби можат да бидат делотворни со исклучок на споредни или случајни случаи. Оттука, не постои ништо на овој свет што може да ја спречи ескалацијата на општествените нееднаквости помеѓу заедниците. Тоа премногу добро се сложува со неолибералниот проект, кој не означуваше само заштита туку и понатамошни привилегии на структурите на класната моќ (нешто слично стана толку впечатливо во њујоршката државна школа која го финансира дебаклот).

Мареј Букчин е акутно свесен за овие опасности – „програмата на либертаријанскиот локален патриотизам“, како што пишува тој, „во најдобар случај лесно може да стане празно слово на хартија, или пак, во најлош случај, може да биде употребена за крајно тесногради цели“. Неговиот одговор е „конфедерализмот“. Додека собранијата на општините, по пат на директна демократија, формираат основа за водење политика, државата се заменува со „конфедерална мрежа општински собранија; корпоративната економија сведена на вистинска политичка економија во која општините, со меѓусебно дејствување, како на економско така и на политичко ниво, ќе ги реши своите материјални проблеми како граѓанските тела во отворените собранија“. Тие конфедерални собранија ќе бидат предадени на администрирање и управување со политиките утврдени во собранијата на општините, а делегатите ќе можат да се отповикуваат и да се повикуваат на одговорност во кој било момент, по барање на општинските собранија. Конфедералните совети

стануваат средства за меѓусебно поврзување села, градови, населби и велеградови во конфедерални мрежи. Заради тоа моќта потекнува од базата кон врвот наместо од врвот надолу, а во конфедерациите текот на моќта од базата најмногу се намалува, споредено со територијалното протегање на опсегот на федералниот совет, од локалните заедници до регионите, и од регионите до сè посеопфатните територијални подрачја.29

Предлогот на Букчин е досега најсофистицираниот радикален предлог за создавање општи добра на различни нивоа и нивна колективна примена, и во голема мера заслужува подетална разработка како дел од радикалната антикапиталистичка програма.

Ова прашање станува сè понужно заради насилниот неолиберален напад на јавното пружање општествени јавни добра во текот на последните триесет години и повеќе. Тоа му одговара на нападот (со сета сила) на правата и моќта на организираните работници кој започна во седумдесеттите (од Чиле до Британија) и директно се фокусираше на трошоците на општествената репродукција на работниците. Капиталот долго беше склон да ги третира трошоците за општествена репродукција како надворешно влијание – трошок за кој тој не сноси никаква пазарна одговорност – но социјалдемократското движење и активната закана на комунистичката алтернатива го принудија капиталот да интернализира некои од своите трошоци, заедно со некои од трошоците на екстерналиите кои можат да ѝ се припишат на деградацијата на животната средина, сè до седумдесеттите во развиениот капиталистички свет. Целта на неолибералните политики по осумдесеттите беше тие трошоци да се префрлат на глобалните општи добра за општествена репродукција и животната средина, создавајќи, да речеме, негативни општи добра, каде цели популации се принудуваат да ги користат. Прашањата за општествената репродукција, половата рамноправност и јавните добра се меѓусебно поврзани.30

Одговорот на капиталот на условите од глобалната криза по 2007 година се сведуваше на имплементација на глобалниот план за драконско воздржување од потрошувачка, кој требаше да ја намали понудата на јавни добра за да се поддржи амелиорацијата, како на општествената репродукција така и на животната средина, со што е намален квалитетот на општите добра во двата случаи. Исто така, тој ја користеше кризата за да ја олесни уште поизразената предаторска активност во процесот на приватното присвојување јавни добра како неопходен предуслов за оживување на растот. Користењето на земјата со исклучителен квалитет, на пример, за да се присвои просторот за приватни потреби (наспроти „земјата за јавна намена“ за која се напишани соодветни оригинални закони) претставува класичен пример за редефинирање на јавната намена како спонзорирање на приватниот развој под надзор на државните органи.

Од Калифорнија до Грција, кризата создаваше загуби во основните средства на градот, како што се вредностите, правата и овластувањата, за групи население, во комбинација со проширување на предаторската капиталистичка моќ над популациите со ниски приходи и маргинализираните групи. Накратко, тоа беше напад изведен со „сите средства“ на репродуктивните општи добра и оние што ѝ припаѓаат на животната средина. Издржувајќи се со помалку од два долари дневно, глобалната популација, која брои повеќе од две милијарди луѓе, сега беше измамена со микрофинансиските заеми како „најдобра потпрвокласна форма на заем“, со цел од нив да се извлече богатство (како што се случи со американските пазари на недвижности преку процесот на предаторското потпрвокласно кредитирање следено со принудни наплати) за премногу богатите уште малку да се позлатат. Ништо помалку не беа загрозени ни општите добра на животната средина, додека предложените одговори (како што се обидите за решавање на проблемот со јаглен-диоксидот и новите технологии за заштита на животната средина) само предложуваат дека треба да бараме излез од ќорсокакот со користење на истите методи – капитални акумулации и шпекулативни пазарни размени – кои првенствено нè турнаа во тешкотии. Оттука, не е изненадување, не само тоа што сиромашните и понатаму се меѓу нас, туку дека нивниот број со текот на времето расте, а не опаѓа. Така, Индија во текот на оваа криза во низа постигнуваше рекорди во растот, кои се достојни за внимание, а истовремено бројот на милијардери скокна од 26 на 69 само во последните три години, додека бројот на луѓе кои живеат во сиромашните четврти во последната деценија е речиси удвоен. Влијанијата на градот се мошне вчудоневидувачки, со никнување на луксузни климатизирани приватни станбени згради (кондомиуми) среде запуштените градски ѓубришта, каде осиромашените луѓе грчевито се борат да извлечат некаква заработка, делумно прифатлива за преживување.

Расклопувањето на регулациските рамки и контролните механизми, кое тежнеело, иако неадекватно, да ја заузда склоноста кон предаторските практики за акумулација, ја ослободи логиката apes moi le deluge за незауздана акумулација и финансиски шпекулации, која сега се претвори во вистинска поплава на креативна деструкција, вклучувајќи ја онаа која е изведена преку капиталистичката урбанизација. Оваа штета може да биде запрена и трансформирана кон подобро, единствено со посредство на социјализацијата на вишокот производство и распределбата, како и воспоставување ново општествено богатство отворено за сите.

Токму во тој контекст оживувањето на реториката и теоријата за општите добра добива дополнително значење. Ако јавните добра кои ги обезбедува државата опаѓаат или стануваат едноставно средство за приватна акумулација (како што се случува со образованието), и ако државата се повлекува од својата позиција на снабдувач, тогаш постои само еден единствен можен одговор, а тоа е народот да се самоорганизира за да си ги обезбеди јавните добра (на начин како што се случи во Боливија). Политичкото признание дека општите добра можат да се произведуваат, штитат и користат за благосостојба на општеството, станува рамка за отпор кон капиталистичката моќ и повторно осмислување на политиката на антикапиталистичката транзиција.

Но, она што е од клучно значење тука не е некаква одредена мешавина на институционални уредувања – некаде оградувањето, некаде проширувањето на разновидните уредувања во колективна или заедничка сопственост – туку фактот обединетиот ефект на политичката акција да се позанимава со спиралното движење на деградацијата на ресурсите од работата и земјата (вклучувајќи ги и ресурсите вградени и во „другата природа“ на изграденото окружување) во рацете на капиталот. Во тоа настојување, „богатата мешавина од инструменти“ која почнува да ги идентификува Елинор Остром – не само јавни и приватни, туку и колективни и асоцијациски, вгнездени, хиерархиски и хоризонтални, исклучиви и отворени – сите ќе мораат да одиграат клучна улога во барањето начини како да се организираат производството, распределбата, размената и потрошувачката за да се задоволат човечките потреби на антикапиталистичка основа. Таа разновидна мешавина не е дадена како таква, туку мора да биде изградена.

Поентата не е во тоа да се исполнат барањата за акумулација заради самата акумулација, која ја спроведува класата што го присвојува општественото богатство од онаа класа што го произведува. Враќањето на општото добро како политичко прашање мора во целост да биде интегрирано во антикапиталистичката борба на многу специфичен начин. За жал, идејата за општото добро (како правото на град) исто така е присвоена од страна на постоечката политичка власт како што вредноста се издвојува од актуелните урбани општи добра по пат на камати на недвижностите. Оттука е поентата во промената на сето тоа и во наоѓањето креативни начини за користење на силите на колективната работна сила за општото добро, како и во држењето на произведената вредност под контрола на работниците кои таа вредност ја создале.

Тоа бара двоен политички напад, со што државата се принудува сè повеќе и повеќе да ги обезбедува јавните добра за јавна намена, паралелно со самоорганизирањето на цели народи, со цел да ги присвојуваат, користат и дополнуваат тие добра така што ќе можат да ги прошират и зголемат квалитетите на некомодификуваните општи добра, како оние за репродукција, така и оние кои придонесуваат за заштита на животната средина. Производството, заштитата и користењето јавни добра и урбани општи добра (имот) во градовите како што се Мумбај, Сао Паоло, Јоханесбург, Лос Анџелес, Шангај и Токио стануваат централно прашање со кое треба да се занимаваат демократските општествени движења. А тоа ќе бара многу повеќе фантазија и софистичко изобличување отколку што во моментов има во хегемонистичките радикални теории за општите добра кои кружат, особено имајќи предвид дека тие општи добра континуирано се создаваат и присвојуваат преку капиталистичката форма на урбанизацијата. Улогата на општите добра во создавањето на градовите и урбаната политика дури сега станува јасно признаена и разработена, како теоретски така и во светот на радикалната практика. Останува уште многу да се направи, но во урбаните општествени движења кои никнуваат ширум светот постои изобилство од знаци кои посочуваат дека има многу заинтересирани луѓе и дека постои критична маса и политичка енергија тоа да се оствари.

(крај)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

_________________________________________________

[29] Murray Bookchin, Urbanization Without Cities: The Rise and Decline of Citizenship, Montreal: Black Rose Books, 1992: глави 8 и 9.

[30] Silvia Federici, “Women, Land Struggles and the Reconstruction of the Commons”, Working USA: The Journal of Labot and Societiy 14 (2011): 41-56.

 

Извор: David Harvey, Rebel Cities: From the Right to the City to the Urban Revolution, Verso, London, 2012

Мурали: Millo

Слични содржини

Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Општество / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото