Она што нè радува

12.01.2016 04:05
Она што нè радува

 

Она што нè радува, воздигнува и исполнува, она што има топлина, едноставност и чистота, тоа е Тоа што треба да се следи

 

Пред да почнам да го проучувам зенот, триесет години од мојот живот, планинитe ги согледував како планини, а водата како вода. Кога стекнав подлабоки сознанија и искуства, дојде моментот кога увидов дека планините не се планини, а водата не е вода. Нo, сега, кога ја проникнав неговата (на Тао) права суштина, мирен сум. Бидејќи пак ги гледам планините како планини и водата пак ја гледам како вода." Чинг-јуан, чан-будист, негде околу 8 век во н.е.(цитирано во Put zena, Alan W.Wats)...

 

Духовното и апстракцијата. Потрагата по духот е апстрактна (исто колку и конкретна) потрага. Со откривање на законите во „апстракцијата“ се открива „образецот“ на духот. Во уметноста, патот до духот, односно апстракцијата, е Интуицијата. И кај двете е неопходно големо нурнување во непознатото. За да се нурнеме во непознатото, треба да се нурнеме во себеси.

Корените на духовното се во нас самите, никогаш надвор од нас. За да влеземе во духовна потрага исто така е неопходно да се соочиме со себеси. Секогаш најтешкиот пат е најдиректен. Во овој момент најтешкиот пат за уметникот е да се соочи со себеси и да разлачи. Бидејќи тој е сега сè и сешто, милиони идеи се вртат наоколу, преплавен е со информации, емоции, концепти, готови слики - фотографии, полн е со многу-сешто и „нема време“ да му даде шанса на она од внатре нешто малку да проговори.

Опасноста од фотографијата е исто така голема. Бидејќи, сликите кои би требало да ги визуелизираме од внатрешната реалност, ги земаме однадвор како готови, си вградуваме готови слики (мимезис - прва реалност). Процесот интроспекција-визуелизација се укинува и тука е прекинот со духовното трагање и златната нитка. Преплавувајќи се со готови информации однадвор, се осиромашуваме одвнатре.

Втората реалност (планините не се планини и водата не е вода), апстракцијата, но како чувство, треба да се истражува максимално и секој уметник оттаму да влече инспирација за да го открие на свој, сопствен начин и да го развие во себе внатрешниот свет. Планините не се планини, реките не се реки. Тие се нешто повеќе од само надворешен изглед, имаат внатрешен живот, богатство на облици и животни форми, взаемна поврзаност и проткаеност, динамична соработка и единство. Ова е органско-холистичко доживување на себеси и светот.

Апстракцијата како чувство може да биде поетско-интимно восприемање на богатството на структури - есенции, интерференции, фузии, екстракти од природни облици и бои, искуства од сите области на животот, музика, духовни искуста. Во сето тоа уметникот треба да се нурне и оттаму да влече свој автентичен израз. Меѓутоа, треба да се внимава, квантитетот да не го замени квалитетот. Не е битно количеството на информации кои ги консумираме туку квалитетот на искуствата кои како свест систематски ги вградуваме во себе. Критериумот за ова е духовното Срце. Сè што поминува (како искуство) низ Срцето и е со радост одобрено и прифатено, е добро.

Но не смее да се заобиколи ни Третата реалност - Полната Празнина (пак ја гледам планината како планина и водата како вода), бидејќи без неа нема духовен раст, а секој новооткриен простор ќе заврши како истушен и стеснет простор, обоен од нашите недостатоци. Затоа духовниот раст е она што на уметничкиот свет му дава вистинска вредност, цврсти темели за градење на уметничката визија, прво востановена како внатрешна реалност, а потоа како поблагороден живот.

„Третата реалност е космички мир, планините повторно се планини, реките се повторно реки. Се враќаме на „реалистичната" форма, но таа сега во себе содржи екстракти на структури и космичко единство. Третата реалност е враќање во изворната природа, која истовремено е и полна и празна, има многу имиња, а сепак е надвор од концептуалното фиксирање.“ (Возвишена Убавина, Трет бран, Светлина)

За сето тоа да се постигне, потребна е голема истрајност, трпеливост, верба во возвишеното и во себеси, но и долготрајна борба за надминување на пречките. Пречките во духовниот раст се огромни, бидејќи силите на инерција, на регресија, се исто така реално постоечки. Но истите тие пречки треба да се сфатат како недоискреирана, груба, сирова енергија, остатоци од незнаењето, непросветлени елементи, како некаков материјал од кој треба да се изваја нов живот како скулптура. Ништо не постои без причина, затоа во сè треба да се продре до голата суштина, да се неутрализираат негативните импресии за таа „необработена маса“ да се обработи во светлечко дело.

Денес, секој уметник е сам со себе и со цел свет. Тој е индивидуа пред сè, одговорна за себе, за своите постапки и за своето дело. „Смрт на авторот“ (Ролан Барт) не значи укинување на одговорноста за своето дело туку смрт на егоцентризмот. Но ако „смрт на авторот“ се сфати како укинување на одговорноста за своето дело, укинување на совеста, тогаш сме ја промашиле поентата!

Во денешно време секој уметник, и не само уметник, туку секој човек, е Синиот Јавач, кој треба во себе да ја убие ламјата на незнаењето, за да се ослободи. Како ќе го изведе тоа? ...не знам ...нема урнек! Секој сам за себе треба да открие!

Синиот Јавач - тоа сме ние самите, битката се одвива во нас самите, во сите нас поединечно. Ние сме бојното поле! Тоа е напредокот (?) за изминатите сто години...!


(Крај на серијата „Духовното и Апстракцијата“)

Слики: Татјана Миљовска, цртежи од ликовен дневник

ОкоБоли главаВицФото