Боуви: „И си велам себеси, не знам кој сум јас!“

12.01.2016 12:51
Боуви: „И си велам себеси, не знам кој сум јас!“

Повремени одблесоци

Постои светоглед кои некои луѓе го нарекуваат „наративен идентитет“. Под оваа синтагма се подразбира дека сечиј живот е некој вид приказна, историја – со почеток, средина и крај. Обично тука има некое рано, пресудно, трауматско искуство, потоа криза или кризи во средината од животот (секс, дрога и каков било друг облик на зависност може да послужи), од кои човекот, со некое чудо, на крајот ќе закрепне. Таквите приказни обично го достигнуваат својот врв во спасението, за на крајот да настапи мир на земјата, а меѓу луѓето да се појави добрата волја. Единството на човековиот живот може да се најде во кохерентноста на приказната која тој/таа може да ја раскаже за себеси. Луѓето тоа го прават постојано. Врз оваа основа почива идејата за мемоарите. Тоа е, исто така, и raison d’etre на најголемиот дел од она што преостана од издаваштвото, а кој се храни од она што се нарекува „курс по креативно пишување“. Спротивно на тоа, а заедно со Симон Веил, јас верувам во декреативно пишување, кое се впишува низ спиралите на бесконечната негација, сѐ додека не го достигне големото ништо.

Исто така сметам дека идентитетот е многу кревко нешто. Во најдобар случај, тоа е низa на епизодни блесоци, а никако некоја величествена раскажувачка склопка. Како што одамна востанови Дејвид Хјум, нашиот внатрешен живот се состои од неповрзани расфрлани фрагменти на забележување, налик на валкан веш расфрлан по подовите на собите од нашето паметење. Можеби тоа е причината што cut-up техниката, со која текстот привидно, по случајност, се сецка со ножички, а којашто Боуви, како што е општо познато, ја презема од Вилјам Бароуз, е толку поблиска до стварноста од кој било облик на натурализам.

Епизодите кои на мојот живот му даваат некоја структура на изненадувачкото, најчесто се обликувани од текстовите, зборовите и музиката на Дејвид Боуви. Тој ги поврзува парчињата на мојот живот во поголема мера од кој било друг што го познавам. Јасно, има други спомени и други истории кои би можеле да се раскажат, што во мојот случај дополнително е комплицирано од амнезијата која уследи после тешката фабричка несреќа која ја доживевав на осумнаесет години. Многу нешта заборавив откако раката ми се беше заглавила во една машина. Но Боуви секогаш беше мојата звучна кулиса. Мојот постојан, таен пријател. Во добро и во зло. За мене и за него.

Интересно е што мислам дека не сум единствениот кој така гледа на нештата. Постои цела маса луѓе за кои Боуви беше суштеството кое им овозможи да се поврзат емоционално посилно со себе и со другите, ослободувајќи ги да станат некој друг вид на себе, нешто послободно, нешто почудно, поискрено, поотворено и повозбудливо. Гледајќи наназад, Боуви стана некој вид критериум со кој се мери минатото, неговата слава и неговите еднакво славни неуспеси, но исто така и секоја постојаност во сегашноста и можност во иднината, па дури и копнежот и барањето за подобра иднина.

Не би сакал да звучам претенциозно. Гледајте, никогаш не сум го сретнал – Боуви, имено – а мислам и дека нема (да бидам искрен и не сакам да го сретнам. Би се ужаснал. Што би му рекол? Благодарам за музиката? Тоа би било како да сум ги сретнал членовите на АББА.) Но се чувствувавм исклучително интимно поврзан со Боуви, иако знам дека тоа е чиста фантазија. Знам дека тоа не е само моја фантазија, туку дека ја споделувам со огромен број посветени вљубеници, за кои Боуви не е таму некоја си рок ѕвезда, ниту збир на тривијални медиумски клишеа за бисексуалноста и баровите во Берлин.

Тој е некој кој низ толку многу години ни го правеше животот не толку обичен.

Прекрасно

Што е изворот на способноста на Боуви да воспостави контакт и со интелектуалците и со обичните момчиња и девојки, со оние отуѓените, со оние кои чувствуваа неприпаѓање во својата околина и не се чувствуваа добро во сопствената кожа? “Rock’n’roll самоубиство“ (Rock’n’roll Suicide), завршната песна на плочата Ziggy Sturdast и песната со која Боуви често ги завршуваше своите настапи, го нуди очигледниот одговор. Врвот на таа песна гласи:

О, не љубов! Ти не си сама
Што и кој и да си била
Кога и каде да си се криела
Додека мозокот ножеви ти го сечат на половина
Го добив своето, ќе ти ја олеснам болката
Ти не си сама
Приклучи ми се за да не бидеш сама
(прекрасно)
Да се вклучиме за да не бидеме сами
(прекрасно)
Пружи ги рацете бидејќи си прекрасна...

Во улогата на Зиги, Боуви ги одбиваше нормите кои владееа во општеството: маж/жена, човечко/надчовечко/туѓо/хомо/хетеро. Беше странец, туѓинец, посетител. Во својата песна за самоубиецот, Зиги ѝ се обраќа на нашата недоветна, заплеткана, себеранувачка провинциска збрка и ни говори дека сме прекрасни. Милиони самосвесни мали Хамлети, кои го живееле својот пекол без љубов, расфрлани по разни села, гратчиња и градови, ги слушнаа тие зборови и беа стаписани бидејќи им беше простено. Требаше само да се испружат рацете. И ги испруживме. Ја купивме плочата.

Копнеж

Музиката на Боуви често е опишувана како дистанцирана, повлечена во себе, солипстичка, па дури и аутистична. Не велам дека таквото стојалиште е погрешно; творештвото на Боуви очигледно уште од самиот почеток е обележано со длабоко чувство на отуѓеност. Но, со таквото гледиште се превидува копнежот по љубов, што по мене е многу побитна одлика на уметноста која ја создава Боуви. Песната Биди моја жена (Be my wife), започнува со чувство на осаменост: „Понекогаш сум толку осамен“. Но рефренот го артикулира копнежот:

„Животот свој
Сподели го со мене
Биди покрај мене
Биди ми жена“

Ако музиката на Боуви започнува во осаменост, таа никако не е афирмација на самотијата. Таа е всушност обид да се надмине самотијата, да се воспостави некој вид на релационост. Со други зборови, најголемиот дел на творештвото на Боуви е одреден со искуството на копнежот.

Боуви пее за љубовта. Херои е балада за минливоста на љубовта, за тоа како да се украде времето, барем само за еден ден. И тоа врз фонот на болката и зависноста. Тоа е песна полна со очаен копнеж при полна свест дека радоста е краткотрајна и дека сме едно големо ништо и дека ништо нема да ни помогне.

Да ги разгледаме и останатите текстови на Боуви. Се чини дека не можеме а да не ги читаме автобиографски, како траги и знаци кои ќе нѐ упатат кон некоја автентична смисла на „стварноста“ поврзана со Боуви, кон неговото минато, неговите трауми, неговата љубов, неговите политички светогледи. Копнееме по тоа неговите текстови да ги видиме како прозорци низ кои се наѕира неговиот живот. Но тоа е токму она од што мораме да се откажеме, доколку не сакаме да го разбереме Боуви погрешно. Тој, како што веќе рековме, имаше мноштво идентитети. Неговиот најголем дар е да стане некој друг додека трае песната, или да го промени идентитетот неколкупати додека трае целиот албум, па дури и целата турнеја. Боуви е стомакозборувач.

Таквата стратегија трае од почетокот, од Зиги (1973), па до крајот, до денес, кога излезе албумот The Next Day, каде што повеќето песни се напишани од гледна точка на некој друг идентитет. Боуви пее „И си велам себеси не знам кој сум јас“. Песната завршува со стихот „Јас сум пророк, јас сум лажго.“ На ова би можеле да додадеме: Боуви е пророк бидејќи е лажго.

Со други зборови, Боуви упатува на вистината преку заобиколни стратегии. Текстовите на Боуви треба да бидат сфатени врз основа на некоја дисциплина на заобиколното. Според моето скромно мислење, автентичноста е она проклетство на музиката од кое мораме да се излечиме. Боуви во тоа може да помогне. Неговата уметност е радикално артифициелна и рефлексивно свесна дека произведува илузии, чии ефекти не се лажни, туку се во служба на доживеаните, телесни вистини.

Доколку отидеме и чекор понатаму, можеби највистинитата музика и уметност се оние кои се најекстравагантни, најартифициелни и најапсурдни. Тоа е она што може да нѐ спаси од нас самите, од баналниот факт да се биде во светот. Таква е уметноста, музиката на Боуви. Таа ни овозможува бегство од прикованоста за фактите кои сакаат да нѐ претстават како фиксирани идентитети. Таа ни помага да побегнеме од тоа да бидеме „ние“.

Во кревкоста и неавтентичноста на нашите идентитети, Боуви ни даде шанса да поверуваме дека секогаш можеме одново да се измислуваме и осмислуваме себеси. Навидум неограничено, секогаш осмислувајќи се себеси, Боуви ни допушти да поверуваме дека нашата способност да се менуваме нема граници. Секако, постојат граници – длабоки граници, смртни граници – на преобликувањето на она што сме. Но, на некој начин, слушајќи ги неговите песни, примајќи ја неговата уметност, човек може да ја наслушне надежта дека не сме сами и дека од овде може да се побегне, барем на еден ден.

Извор: Bowie (Simon Critchley, 2014)
Превод и избор: Искра Гешоска

Сајмон Кричли (Simon Critchley, 1960) е влијателен и популарен англиски филозоф. Негови главни области се историјата на филозофијата, политичката теорија, религијата, етиката, естетиката, книжевноста и театарот. Неговата библиографија опфаќа триесетина книги, како автор и уредник.

ОкоБоли главаВицФото