Ослабел за време на празниците

12.01.2016 15:59
Ослабел за време на празниците

Скопје, 12 јануари 2016

Дејан С. (42) од Скопје деновиве е главна тема на празничните трпези во домовите на македонските граѓани, а исто така сè поголем број медиуми пројавуваат интерес за него.

Имено, на Дејан му успеало за време на новогодишите и божиќните празници да ослабе дури 2,5 килограми, што неофицијално се смета за национален рекорд.

„Се радувам на успехот што го постигнав, но би сакал да нагласам дека сакам сите и понатаму да ме гледаат само како обичен човек“, рече Дејан за Пара вести.

„Ги повикувам роднините што постеа, а не успеаја да ослабнат, да дојдат кај мене на гости и да не ме бојкотираат“, со загрижено лице рече Дејан, нагласувајќи дека попрво би се здебелил отколку да предизвика завист и лутина кај роднините и пријателите.

Дека работата не е наивна, зборува и тоа што минатата вечер, додека се шетал со својата сопруга, некој провалил во неговиот стан и го украл тефтерот со рецепти во кој, како што вели Дејан, „немало ништо посебно“.