1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Извозот во деветте месеци од годината се зголемил за 11 проценти и достигна над 4,1 милијарди долари, покажуваат последните податоци од Државниот завод за статистика. Притоа, речиси една третина од извозот е реализиран од слободните економски зони. Зголемениот извоз и придонесот на странските инвестиции, според премиерот Никола Груевски, е охрабрувачки податок и покажува дека економијата се движи во вистински правец. Но за економските аналитичари и за стопанствениците, компаниите во зоните добиваат повеќе привилегии од нашата држава, отколку што придонесуваат за растот на економијата.
Академик Абдулменаф Беџети вели дека врз основа на направени анализи може да се констатира дека она што се добива како вредност во бруто домашниот производ е несразмерно мало со реализираниот извоз.
- Без разлика од што потекнува извозот, од домашни, или од странски компании, тој е влезна компонента во бруто домашниот производ (БДП) и има позитивен ефект врз неговата големина. Но, за да се види колкав е реалниот ефектот врз БДП, треба да се направи една подлабока анализа. Треба да се земе предвид каква е структурата на извозот од зоните, исто така, колку слободните зони предизвикуваат увоз, а тие главно работат со увозен репроматеријал. Она што се знае е и дека додадената вредност што се прави во зоните е многу мала, односно изнесува 50-60 милиони евра годишно, што не е ни 1 процент од БДП. Ако се земе предвид реализираниот извоз од зоните од околу 1,5 милијарди евра, значи имаме несразмерно, односно мало влијание на големината извозот во однос на бруто домашниот производ - вели Беџети.
Беџети објаснува дека извозот не само што има мало влијание врз големината на бруто домашниот производ, туку ако се земат предвид сите компоненти во однос на странските директни инвестиции во зоните, се доаѓа до фактот дека тие имаат негативен нето-ефект.
- Имаме направено сериозна „кост-бенефит“ анализа за влијанието на странските инвестиции. Ако се спореди остварената нето добивка со трошоците за овие инвестиции, како што се изградена инфраструктура од страна на државата, државна помош, даночни ослободувања..., анализата покажува негативен импакт врз БДП - вели Беџети.
Наспроти успесите на странските компании, деновиве Народна банка излезе со поразителни податоци дека дури 60 отсто од деловните субјекти имаа блокирани сметки. Притоа, бројот на новоблокирани фирми за 11 месеци од мината година се зголемил за речиси 2.600, односно заклучно со ноември, бројот на блокирани фирми бил 45.000, додека според Заводот за статистика, во Македонија има регистрирано околу 70.000 деловни субјекти.
Странските фирми товар за домашните
Домашните стопанственици веќе долго време алармираат дека се во нееднаква положба со странските компании и дека тие, особено во однос на текстилната индустрија, се нелојална конкуренција.
- Компаниите во зоните имаат мала додадена вредност и практично функционираат по принципот на лон-производство, затоа што целиот репроматеријал за производството се увезува, а не се користат ни услуги од кооперанти. Тука само се користи нашата евтина работна рака. Притоа, овие компании за долг период се ослободени од придонеси, што има негативно влијание врз пензискиот и здравствениот фонд. Од друга страна, така имаат простор нешто повеќе пари да дадат за работниците и веќе се случува работници од домашни текстилни компании да одат во странските - вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.
Димитров вели дека во однос на домашните извозни компании, со проблем се соочува металската индустрија каде што производството е врзано со берзански цени, кои пак се во опаѓање.
- Другите индустриски грански очекуваат да имаат стабилен извоз. Такви се прогнозите и за текстилната индустрија. Ние сега не можеме да очекуваме да се вратиме на периодот пред 2009 година. Текстилните компании директно зависат од странската побарувачка - вели Димитров.
Извор: Слободен печат