За „Логорот“

13.01.2016 11:58
За „Логорот“

Вистински текст во вистинско време! Одлична анализа! (Логор, Елена Михајлова). Добро треба да ја препрочитаме оваа анализа и добро да ја запамтиме, ние, граѓаните на Македонија. Во себе да ги апсорбираме сите тие изложени факти, бидејќи тоа што се опишува таму е нашата стварност денес. Таа анализа е „нултата точка“ до која треба да се доведеме! За да сфатиме дека потполно ни затапиле чувствата! Затапеноста и малодушноста како скрама се зафатиле по нашите лица и тела и души.

Тоа треба да го направиме за повторно да почувствуваме болка, како отсуство на радост.

Да чувствуваме длабока болка е првиот добар чекор надвор од ова наше лудило, затапеност, апатија. Да ја почувствуваме во сите наши клетки, во ткивата. Општеството треба да чувствува болка која во него ќе предизвика насушна потреба да развие скромност, едноставност, несебичност, аскетизам, особини кои би требало да го извлечат од сложената патолошка состојба во која потона.

 

Кога навистина многу нè боли, кога сме тотално парализирани од болка, во нас се вградува вистинска оска за разлачување на нештата - Моралот. Тоа е оската околу која се гради чувството за тоа што е добро а што зло, вистина - лага, правда - неправда, грижа – негрижа. Нештата така стануваат кристално јасни и знаеме кои акции треба да ги преземаме.

Тапоста, бесчувствителноста, негрижата за средината, за општото добро, за другиот, за слабите, се „материјалот“ кој треба да го преобразиме за да извајаме нова скулптура и архитектоника според сопственото внатрешно чувство за тоа како сакаме да живееме.

Во нашето општество мораме да развиеме сочувство, емпатија, грижа, соработка, заедништво, доверба, суптилност, интуиција, топлина и други пред сè женски морални вредности, а не само маскулинизиран „тврд“ став: натпреварувачки дух, трка по слава, по пари, по „успешност“, престиж...

Дали и понатаму ќе живееме во „Логор“, ќе си живуркаме, чат-пат, или конечно ќе се соочиме со нашата сурова реалност ?

Тогаш, ајде да се отчепиме од стравот и срамот, за револтот, гневот и бесот да се ослободат потполно, бидејќи тие емоции се најприродни кога се живее во Логор и да пружиме уште пожесток отпор, воедно да почнеме да градиме здрава структура на нормално општество ! Во него да се слави сè живо, а не како во Логоров – само смртта.

Така со еден замав да уништиме неколку крајно лоши појави во нашата држава и заедница: и режимот и патријархалното, конзервативно, нефункционално општество кои сега се во симбиоза како нехуман систем кој живи нè закопува, па да пркнеме со нови сили и креативност...

Слики: Татјана Миљовска, Шакти, акрил на хартија, 2013/14

ОкоБоли главаВицФото