Македонија вработува

13.01.2016 12:42
Македонија вработува

Жена ми, како дипломиран психолог, најнапред се вработи во бутик. Поработи некој месец и бутикот пропадна. За спомен, газдарицата ѝ даде два пара фармерки, наместо двете последни плати. Па замина, „Со ладна фљизура, у нова ситулација“.

Потоа жена ми се вработи во погон за чевли. Не ѝ беше тешко, само што првите две недели без прекин се смееше. Арно ама, мирисот на лепакот испари, погонот пропадна, а газдата почна да вози такси, кај некој друг газда. Јас, за спомен и долго сеќавање, добив нови чевли со високи штикли, наместо последната плата на жена ми.

После тоа, жена ми се вработи како новинар во локалното радио. Преку цел ден, како луда трчаше по информации, а кога ќе ги донесеше во редакцијата, како луди ѝ ги цензурираа.

Истовремено, без прекин ја потсетуваа дека таа, како психолог, не е соодветна за новинар. Зашто изгледа психолозите, за разлика од вистинските новинари, не сфаќаа дека на вести може да се појават само изјави од задоволни анкетирани граѓани.

И таман сите беа задоволни, радиото пропадна. Но најнапред поставија принудна управителка со средно. А бившата директорка почна да предава на Штуловиот универзитет...

Сепак, жена ми имаше среќа, па набрзо се вработи како наставничка по одделенска настава, во едно планинско село. Беше презадоволна - и таа, и децата, и родителите, ама не беше соодветна. Затоа ја сменија. На нејзино место дојде друга, уште понесоодветна. Ама внука, на еден наш тогашен пратеник. Па набрзо, како заслужна внука, на стари Тетовци, ја преместија во градот, за да си дојде сè на своето.

Е, тогаш, жена ми, за среќа, се вработи на најсоодветното место за психолог. Во кладилница. А сите кладилници работеа како луди во тоа време во Тетово. Само нејзината набрзо пропадна. Едниот газда се пропи, а другиот се изгуби без трага, заедно со три плати од жена ми. Мене во џебот ми остана неважечки тикет од Бундес лига. За спомен.

И ете ти правда! Благодарејќи на проектот на владата на Република Македонија, жена ми се самовработи. Отвори приватно советувалиште. Клиенти имаше многу. Заинтересирани за можноста со еден совет да им се прочисти животот, веднаш. Но воздухот толку многу се загади во Тетово, штоа никому не му требаше веќе ни чист воздух, а камо ли психолог.

За спомен, на жена ми ѝ остана фискалната каса, и тоа ганц нова. Но не можеше да се продаде ни како половна, зашто преку ноќ се напиша нов закон со кој фискалните требаше да бидат фискализирани (или така некако). Главно, следните 4 години, според закон и официјални статистики, жена ми се сметаше за вработена, иако невработена, а без право да се вработи. Ако ме разбирате.

Но жена ми самата се самовработи на поедноставен начин. Чуваше дете. И сите се согласуваа дека е многу поефективно психолог да ти го чува детето отколку да го носиш во градинка. Но набрзо, поефективното пропадна. Победи поевтиното. Детето појде во градинка. За спомен, жена ми со себе понесе едни мали очиња, на едно детенце, кое многу го засака, а и тоа нејзе.

А жена ми, како и пред тоа, појде од установа до установа, од колонијал до трафика... И тоа имаше многу лесна нога. Само што ќе ѝ речеа дека денес немаат потреба од никакво вработување, после недела-две, некој ќе се вработеше токму таму.

На пример, во една државна установа немаше никаква потреба од ново вработување и тоа најмалку следните 10 години. Зашто таму, барем четворица вработени не работеле ништо, само арам плата земале (тројца по рамковен). Самите надлежни така ѝ рекоа на жена ми. Дури и се колнеа. Утредента, токму во таа установа, уште од сабајлето, рано, се вработи некоја нова.

И еве, веќе 6-7 години зема плата. Ама велат, ургирал некој многу јак. Од горе... И тоа му доаѓа некако како оправдано... Природно и праведно.

До душа, сите пријатели, и од ВМРО и од СДСМ, потполно се согласуваа и на цел глас викаа дека е голема штета и неправда што жена ми не е вработена. Таков капацитет, со таква елоквенција и пример за квалитет, ученик на генерацијата, со толку награди.

Па ги молевме и едните и другите да ја вработат каде било. Но во случајот на жена ми испадна парадоксално, дека во државата што е лидер за вработување и економски раст, работа нема никаде.

Евентуално каде што имаше, директорот како по правило бил доста забеган и никого не слушал. Посебно не тие што го поставиле и што се над него. Ветувал некому кому не требало, само по свое вработувал, па партијата имала проблем со него и ништо не му можела (ако добро сум разбрал).

Во многу наврати ми рекоа: „Нема проблем. Само кажи ни на време ако откриеш дека некаде има место и готово.“ Така, им кажав 7 месеци порано за едно место за психолог во училиште, најсоодветно и најправично, по сите критериуми. Дури и директорот беше од „нашата“ партија. Но ја вработи жена му, сè уште недипломирана.

Инспекторите од Министерството за образование на тоа рекоа: „Кај сте нашле баш таму да чепкате? Па зар не знаете дека таму е мафија? Таму се сите фамилијарно вработени!“ И ете, и таа веќе неколку години зема плата, макар што мислам дека сè уште не е дипломирана, ама не навлегувам, зашто таму е опасна мафија.

И така, дома имаме папка со материјали од сите невработувања на жена ми. Илјадници фајлови од документи, биографии, молби, жалби, тужби... Како Заев. Имиња, презимиња на јаки играчи, папи, војводи, пратеници, основачи, ветерани, активисти, на директори, партиски војници, патриоти...

Во мојата папка како темпирани бомби се стиснати над 27 школи, 10 цвеќарници, 8 игротеки, 7 кафеани, една градска библиотека, клинички центар, дневен центар, центар за социјална работа, ВП Дом... Дури и„ Униус – промет“ на Самка Ибраимовски... Кој покрај здрави би требало да вработува и инвалидизирани лица.

Но нашиот инвалидитет не е едноставен. Во нас се насобрани милиони непознати хендикепи и страшни комплекси, стиснати во душата како во претесна, распарталена папка. И ете, зјапаме по цел ден со жена ми во „Сител ТВ“, во „Канал 5“, во „Алфа ТВ“, во „МРТВ“, како двајца инвалиди паднати од Марс, токму во Македонија, која секој ден, безмилосно вработува.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Фотографии: Дејвид Линч