Долгот сè подолг

13.01.2016 19:03
Долгот сè подолг

Што ќе биде кога сите тие силни обврзници и кредити ќе стигнат за наплата? Од каде одеднаш ќе се најдат 500 милиони евра во 2021 година за еврообврзницата што се емитуваше во летото 2014 година? Од каде ќе се створат 280 милиони евра за еврообврзницата од крајот на минатата година, а која ќе чукне за наплата во 2020 година?

Простиот и очекуван одговор е - пак ќе се задолжиме. Но, до кога?! Да биде состојбата уште покомплицирана, нови долгови постојано се трупаат. Сега владата е свртена кон домашните кредитори. Меѓународните се особено внимателни кога станува збор за позајмици во предизборен период, а домашните лесно се „убедуваат“ дека мора да позајмуваат пари.

Трагедијата веќе се наѕира. Државниот пензиски фонд заглавил во долг од 13 милиони евра, сума што не им ја префрлил на приватните пензиски фондови и со тоа брцнал директно во џебот на идните пензионери. Министерот за финансии Зоран Ставрески панично го обвинуваше својот заменик од редовите на СДСМ, Кире Наумов, дека ја блокирал исплатата на пензиите кога стави вето на едно од многубројните домашни задолжувања. Критики за долговите и за начинот на кој се трошат парите стигнаа и од Европската комисија и од ММФ и од Светската банка. Но, нашата Влада се однесува како тие да немаат поим немаат и мудро подготвува нов пакет долгови.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња