Метастаза на привидноста

20.04.2010 15:29
Ана Ангелова

Неделава започна со една добра, една лоша и една трагична вест – покрај неколкуте трагични изминатата седмица. Вчера власта испрати по двајца специјалци за секој лекар и за секој член на Првостепената и Второстепената ревизиона комисија кои одлучуваат по барањата за инвалидските пензии. Тие луѓе истата вечер, како осомничени за проневера и земање мито, се најдоа пред истражен судија во Основниот суд Скопје 1.

Втората и симпатична, несреќна коинциденција (за уапсените можеби и добра вест) е интерпелацијата во македонското собрание на првиот човек на македонската правда, Михајло Маневски. Оваа ситуација дава надеж дека камерите не беа извадени само од собраниските сали, туку и од канцелариите на судот, и дека истражниот судија сношти одлучувал врз основа законот и доказите, наместо врз партиските директиви.

И третата трагична вест, со капацитет да биде занемарена од страна на медиумите (засега патемно спомната само од еден), а и од страна најголемиот број граѓани (иако поврзана со горните две информации), е веста дека во Крива Паланка по втор пат е претепан претседателот на невладината организација „Хоризонт“.

Напаѓачите не се познати, а многу веројатно нема да бидат фатени во догледно време. Од неколку причини: прво и најважно, специјалците се зафатени со тренирање строгост во Шутка и по македонските институции во коишто ја „сузбиваат корупцијата“. Второ, претепаниот Ивица Младенов верува дека е претепан поради „своите заложби за правата на пациентите и социјално загрозените граѓани“ и е човек кој во јавноста неодамна излезе со тврдења за скандали во Министерствата за здравство и труд и социјална политика. Младенов „се дрзнал“во јануари годинава да го обвини и директорот на Здравствениот дом во Крива Паланка дека правел незаконски набавки и да поднесе кривична пријава против МВР бидејќи „полициски инспектори му се заканувале дека ќе го убијат“ и зашто без налог влегле во неговиот стан. Министерството секако ги отфрлило обвинувањата од страна на Младенов, а презафатената министерка Јанкуловска изјави дека „новинарите не треба да му даваат публицитет на [овој] случај, кој ќе биде третиран како и сите други“.

Не само што, се чини, медиумите ја послушаа министерката ( патем се преокупирани со куп „скандалозни вести“ опремени со визуелни кадри како од холивудските филмови), туку случајот на Младенов, како и повеќето други, е игнориран и од институциите на системот чија задача е и да ги штити, а не само да ги апси граѓаните.

Младенов најверојатно ќе мора да се задоволи со фактот што и по вториот крвнички напад е сеуште жив, зашто полициските специјалци се зафатени со давање меѓусебна морална поддршка при апсењето на докторите. Па така, и нему нема да има кој да помогне како што нема да има кој да го разреши и неодамнешното убиство на 16-годишното момче, вработено во чајџилница во Арачиново, зашто специјалците беа зафатени со „успешната“ рација во Шутка. Кој му е крив на момчето што е внук на човек за кој во јавноста се шпекулира дека е поврзан со криминални пресметки. Кој му е крив и на Младенов што наместо да обвинува за криминал не учествувал во него – во тој случај ќе имаше двајца специјалци покрај себе кои ќе го штитеа не само од другите туку и од самиот себе.

Вака на обесправените граѓани во општеството им останува надежта дека неработливите, корумпираните и неодговорните во државната администрација и во институциите многу скоро ќе бидат уапсени до последен, па полицијата ќе може да се зафати со сопствената работа (да се надеваме дека нема некој скандал и во нивните редови, за кој наскоро ќе треба да увеземе специјалци).

Само што тогаш можеби ќе бидеме приморани да научиме и да сфатиме кои се вистинските одговорности и задачи на „властите“: од менаџерите, до директорите, претседателите и претпоставените во сите државни и приватни институции. Доколку набргу не ни стане јасно и транспаретноста не почне да значи ревизија на работата на менаџерите, и оценување на работата на директорите и министрите, кои повратно се обврзани постојано да ја следат и евидентираат работата на своите претпоставени, Македонија ќе се претвори во држава во којашто единствените коишто „работат“ се полицајците и вработените во државните затвори. Таму ќе виреат личности со некогашен капацитет и талент да бидат продуктивни, чесни и успешни граѓани, додека по улиците ќе се шетаат убијците на малолетни деца и тепачите на лидери на невладини организации.

Со други зборови, некој гадно се лаже доколку верува дека чесноста, ефективноста и работливоста во македонските клиники ќе ја поттикне со видео камери и лисици, наместо со контрола и побарување евиденција за работата на персоналот од страна на претпоставените во тие институции. Ако некој мисли дека може да ја уапси целокупната администрација одговорна за инвалидски пензии, а при тоа да ги одмине министрите чија задача е да ја надгледуваат нивната работа и со тоа да ги лиши од одговорност - тогаш гадно ги помешал лончињата. Оти некој очевидно не си ја знае работата кога дозволил целокупниот персонал во државна комисија да се претвори во криминална банда. Некој очигледно не си ја вршел работата, а по сè изгледа и не си ја знае работата, кога денес без срам и перде изјавува дека ќе прави ревизија и на пензиите издадени пред 2005 година. Работел ли некој нешто во Министерствата за здравство и во Труд и социјала изминативе четири години, освен што креирал работа за уважената министерка Јанкуловска која едвај чека да парадира со полициските комбиња?! Верува ли тој некој кој дозволил бројот на корумпиран персонал да ја достигне бројката од 40 (со капацитет бројот да се зголеми утре со најавеното продолжување на акцијата) дека си ја завршил работата? Можеби треба да му доделиме и медал? Или оригинал „ибло“ часовник?

Или можеби е попаметно да чекаме да се претвори целокупната држава во една криминална банда, па откако комплет ќе нè стават сите зад решетки, тогаш да им изградиме по еден споменик – и така и така се љубители на спомениците. Можеби е умно така да ја овековечиме државата за век и веков, оти како што тргнало тешко дека остана некој кој работи на иднината на таа држава.

слики: Eduardo Recife

Odlicna statija. Samo sto

Odlicna statija. Samo sto isitive t.n doktori ne zemale pari samo dodeka bila ovaa vlast (pa za toa da odgovara segasniot minister) tuku toa go pravele dolgi godini. Za toa treba da odgovara segasniot minister?? mislam ne. Za niv edinstveno mesto e zad resetki, otkoga ke se dokaze nivnoto delo. Dokaz deka nema da ne bide kako drzava e ova tvoe razmisluvanje vo koe smetas deka za vakov kriminal povtorno e vinovna nekoja politicka figura, namesto sistemot koj im dozvolil da se bogatat na necesen nacin. I koga istiot toj sistem prevzema kakvi takvi merki za da se kaznat vinovnicite, povtorno poedinci samo filozofiraat i kritikuvaat. Tragedija....

 И за криминал се потребни

 И за криминал се потребни услови. Македонија најубаво ги создава. Зашто никогаш не е одговорен овој министер, секогаш се одговорни Турците. Доказ дека нема да не биде како држава е уствари ова размислување. Точно е дека мора да да одговараат докторите. Но тие не смеат да бидат жртвени јариња позади кои ќе се сокријат крупните ѕверки со хабло часовници под чија палка утре, повторно некои нови доктори ќе го повторат истото. И така во круг, до недоглед. Земја во која власта троши најмногу време на апсења, после реклами, не е земја во која некој го менува системот, туку земја во која некој ги одгледува условите за криминал. И земја во која повремено се покриваат гомцата за да не базди премногу пред очите на нардото. Затоа, погорново е ретко добра статија, критика и "философирање".

Додека чекавме да ги уапсат

Додека чекавме да ги уапсат големите ѕверки, овие твоиве жртвени јагниња ''растураат'' по државава!!!

само би повикала да се

само би повикала да се направи разлика помеѓу одговорно транспарентно и ревидирано работење на една (било која и во било кој ресор) администрација и - криминал.
ова со докторите, доколку го земеме како утврдено она со што не информираат медиумите е - криминал. криминалот, и со најдобри намери, не да не може, туку во еден правен систем и не смее да го открива ниту еден министер. тоа го прави полицијата, и потоа - обвинителот.
комисиите за инвалидски пензии во основа работат одвоено од мин. за здравство најмалку по еден основ кој не може да го ревидира ниеден министер- работат по основ на уверение од лекар, издадено дека заради тоа и тоа, ти не си способен за работа. за да се докаже дека таквото уверение е фингирано, и тоа пред години, по мене мора или да се фатат обележаните пари од даденото мито (а и тоа иде суптилно - у причава има посредници кои не се ни во комисијата ни во фондот) или да се прислушува и организирано следи подолго време. во случајов мислам дека е користен вториот метод. ноут- за тој метод, потребно е одобрение од судија. така да,  не е само мвр оставено да таласа.
но во едно ќе се сложам, да не глумиме сеа тука наива- со децении се знае за ситуацијата по комисиите за инвалидски, која ги надмина и сите влади и сите партии и одамна е таква. покрај корумпирањето на докторите кои со тоа што некому кој објективно не заслужил му доделуваат инвалидска, а со тоа најчесто ја скратуваат на оној кој ја заслужил, мене отсекогаш похит ми бил еден друг феномен - како луѓето се подготвени за поткуп да ги дадат и парите кои ги немаат, за да седат подмирени до крајот на животот, уживајќи ја повластицата на која немале право, наместо на овој или оној начин парите- да ги заработат.

Секоја чест за написот кој

Секоја чест за написот кој излегува out of the box.
Текстот не спомнува само министри. Зборува за една поширока рамка на одговорност и евиденција од страна на претпоставените, која во Македонија не само што не постои туку не се разбира како потребна. Треба да се лови несовесно работење пред криминалот воопшто да се случи. Превентива. Концепт кој не го разбираме.
Овој аргумент е најважниот и наполно на место, но за жал секогаш игнориран. Апсењето ниту е лек, ниту решение, ниту ќе ја подобри работата, доколку не се промени функционирањето на овие институции, и не се промени сфаќањето кај населението. Што не значи дека не треба да го има. Но да не се залажуваме дека тоа ќе го реши проблемот со корупцијата која за жал е на многу повисоко ниво. А и на пониско. Па за да некој земе мито, некој треба да му даде мито. А сите гледаат сеир, небаре сите чесни.
Се додека има услови за криминал како што некој погоре кажа, криминал ќе има, колку и да апсат и парадираат министрите и на нив слични. Текстот не зборува за ловење криминалци од страна на министрите, и директорите, туку за совесно следење на работата во институциите за кои тие се одговорни. министрите можеби не се директно одговорни и надлежни, но пред нив некој одговара, пред тој некој некој друг, и така надолу во хиераријата. Ако се земе предвид дека високите позиции во сите институции (од клиника , преку комисии) се секогаш партиски кадри, како тоа министерот не е одговорен?! Кој ги назначил? Тогаш кој е тој? Пред кого одговараат? Како тоа само пред обвинител се одговорни? А пред да стигнат до обвинителот, пред кого одговарале за својата работа?
И доколку криминал е криминал, како тоа грешките на министерот, директорот, чистачот пред 2005 не се одговорност и обврска на денешниве? Во најмала рака значи ништо не направиле да ја променат ситуацијата. Вчера направија нешто? или само замачка очи? Ќе покаже времето како што покажаа сите досегашни акции од сличен вид (царина, патарина итн). Видовме колку го сузбија криминалот таму, па морам да се согласам со авторот, дека и во случајот нема да добиеме нималку поразлични резултати.

 Низ коментариве одново

 Низ коментариве одново зборуваме само и единствено за докторите, а никој не ги спомнува пазарџиите од Шутка и случајот  Младенов...што само по себе е најголема потврда за поентата на колумнава :(

 Ана, браво!

 Ана, браво!

Zmisko oko, Metastaza. Vo

Zmisko oko, Metastaza. Vo slednava epizoda ke gledame Armegedon, Posledniot sud i Apokalipsa. Tresla se gora, rodio se mish!

Слични содржини

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото