До големата бела птица

14.01.2016 03:47
До големата бела птица

1. Мила голема бела птицо, почитувањето на правото секој да го каже своето мислење, не значи дека секое искажано мислење е паметно. Мое право (а како професор и должност) е да укажам на глупоста. Тоа воопшто не значи дека некој ти забранува да си кажуваш глупости. Никако. Можеш да ги тресеш до бессознание. И јас ќе го бранам до последна капка крв твоето право да тресеш глупости.

2. Мила голема бела птицо, кога настапуваш од позиција на власт (а ти си, драга моја голема бела птицо, не само блиска со властодржецот, туку си и дел од владејачките структури), мора да научиш да го слушаш мислењето на граѓаните. Посебно тогаш кога не ти се допаѓа. И да си ставиш прст на чело и да пробаш да ги најдеш причините за таквото мислење. Можеш колку што сакаш да се залажуваш дека си линчувана заради тоа што си искажала некој посебно возбудлив и оригинален став, дека си нападната (па уште оркестрирано) заради своите принципи или дека си атакувана во рамките на некоја политичка агенда. Не, мила моја голема бела птицо. Ти едноставно одвали глупост. И тоа не некоја посебно оригинална глупост. Едноставно, глупост. На светот има многу глупи луѓе кои секојдневно тресат ваков вид глупости. И никој не им посветува внимание. Меѓутоа ти, голема бела птицо, се наоѓаш на позиција на која може да нанесеш многу голема штета. И заради таа позиција ти обрнуваме внимание. И мораме да ја адресираме глупоста, заради опасноста која ја претставува. Разбираш?

3. Мила голема бела птицо, апсолутно си во право дека има разлика меѓу градењето на кариерата во еден систем во кој имаше правила и процедури и добивањето академска титула и вработување заради парите на тате и бате. Тука се согласуваме. Во преодните периоди на политички турбуленции и промена на политичките системи, вообичаено на површина испливуваат фекалиите (кои како полесни си пливаат на површината на водата). И добиваат награди, и места во државни комисии и можност да одлучуваат. Тоа ти е. Ти тоа би требало најдобро да го знаеш од личното искуство. Секогаш било и ќе биде, само во Македонија трае малку подолго отколку во другите држави.

4. Драга голема бела птицо, ти сè уште не разбираш за што станува збор. Мила моја голема бела птицо, не станува збор за слободата на движење, не се работи ни за тажните приказни на твоите другарчиња кои заминуваат од државата заради нивните скршени срца. Станува збор за твоето незнаење. Незнаење на истражувачкиот вокабулар, незнаење на истражувачките техники, незнаење на истражувачката анализа. Знам дека сево ова ги надминува твоите скромни интелектуални капацитети, меѓутоа, ти држиш позиција која го подразбира овој вид знаење. Барем на елементарно ниво. И, заради тоа, кога ќе кажеш дека наспроти паушалните мислења за причините за иселувањето на младите од Македонија, ти ќе понудиш објаснување за вистинските причини, се подразбира дека зад тоа стојат истражувања, податоци, бројки, факти. Доколку не стојат, тогаш мора да се соочиш со последиците на истресената глупост. Така е во демократскиот свет. Оној од 21 век.

5. И да, голема бела птицо, отровот се истури на тврдењето дека Македонците тежат во својата држава. Во тоа и е проблемот. Македонците се најмалку ценети, најмалку можат да ги остварат своите права, најмалку слобода имаат во својата држава. Државата ги тепа, труе, изгладнува, мами, лаже, ги пљачкосува и ги омаловажува. И тоа боли. И тоа е она што мора да се промени, а промената ќе започне со тргањето на големите бели птици од позициите кои ги држат и нивно сместување во опкружувањето кое најмногу им одговара (како на големи бели птици).

 

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Александар Јосифовски