Барокни разгледници (3)

14.01.2016 13:24
Барокни разгледници (3)

... ... ...Пред да почнам да пишувам, слушнав за протест на планинските мечки пред Владата на Р. Македонија. Главни пароли им биле: „Будни сме поради вашите тендери“, „Нема место за нас по македонските пештери, поради новинарки кои таму чекаат на ваш тендер!“ и „1.300.000 причини за немање зимски сон“... ... ...

Кога некој таков како мене, понизен и до небесата благодарен поданик на својот цар, благодарен што му е овозможено да живее, што му е овозможено да дише воздух (сега, воздухот е малку радиоактивен и малу повеќе затруен, но што и ако е така, ниту еден воздух на свет не е совршен, овој нашиот е барем етнички чист, свежо опеан и благословен, и замислете, сè уште бесплатен, тоа е тој наш патриотски воздух... ), благодарен што му е овозможено да биде рабаџиски коњ, и како таков, цел месец , „за туѓи бели дворови да си копа црни гробови“, и на крај , без да мора да каже „Фала Николај“, од царот, како надница, да добие златник и сиџимка ( златник за да некако, првите петнаесет дена, се прехрани себе, жената и трите деца, а сиџимката, за во случај ако посака да си ги скрати маките во следните, петнаесет дена глад ), благодарен кон царот што му е овозможено на секои можни избори да избира дали со круг или пак со триаголник, повторно ќе го востоличи својот цар и николаевистичката династија на убијци и сечикеси, и на крај, благодарен што сè уште го есапат за „наш“, а не е заокружен со црвено како „народен непријател“... што сè уште фигурира во бело списоче, а го нема во црниот тефтер, што го нема во списокот на патниците за последен транспорт до најблискиот ендек...

Значи кога некој таков како мене, понизен и до небесата благодарен, „горд“ Македонец, кој како сладолижен и сендвичољубен ходочасник по линијата на својот животот, од лулка до гроб, верно го следи бандоглавиот ритам од добошите на чанколизните мегафони на царот Николај, е кога некој таков, еднаш во животот ќе ја исправи кичмата и ќе ја крене главата, и ќе погледне кон вмровскиот пантеон, ќе ги крене очите кон се светите престоли во белиот двор (за кој двор си ископал не еден црн гроб ), кога некој таков како мене ќе ги погледне себлажените стапала на Свети Николај Економскиот Чудотворец, се разбира не без причина, ќе си помисли дека оваа земја никогаш порано немала други цареви освен царот Николај, и дека Николај, сосем налик на едниот и љубоморно единствен господ на небото, е еден и единствен, и за сите времиња даден и зададен цар, тука долу на земјата... Ете, токму така ќе си помисли некој таков како мене, поданик верен до гроб, и да има некаква „правда“ на „дуњава“ навистина би било така, и како што е лавот единствен цар меѓу животните, така Николај би бил единствен цар меѓу луѓето, но на големо чудо, и на благо разочарување, не е така... Замислете го тој неверојатен податок, мои искрени очетољубци... Николај не само што не е единствен планетарен цар, туку тој не е ни единствениот човек кој царувал со Македонија... Да, се разбира дека царот Николај е најголем и најбитен македонски тиранин и од бога најмилуван цар, и од истиот тој бог најнадарен во своето меѓуножје, толку многу ташако-згоен, што поради тоа, во парадирањето на нашиот цар се забележуваат извесни мали пречки при неговото марширање по нашите маки и по лешевите на неговите политички неистомисленици. Точно е и тоа дека тој е роден да царува и поради тоа неговото царување би морало да биде вечно, но ете, иако Николај е подеднакво вечен како што му е вечна и царштината, тој сепак не е еден и единствен, и сепак , научно е докажано, дека и пред него имало и други цареви и кралеви...

Па така, во чест на оваа научно откритие, а и во чест на просветлувањето на мојот ум со нови сознанија, овој краток „патепис од библиската земја“, оваа разгледница, решив да ја посветам на еден скорешен разговор меѓу два поранешни македонски цара, разговор меѓу бронзениот Александар и мермерниот Самоил. И однапред ќе ве замолам за прошка, што во присуство на далеку прославениот и за животот свој веќе свет цар Николај, јас сепак се осмелувам своето писание да го посветам на таму некои други, помалку битни, македонски цареви, и се надевам дека за оваа мое отклонување од автопатот зацртан во сто чекори, за оваа мое велепредавство во смисла на непосветување кон николештината, ќе ми простат и Македонците, и царот, и господ... а првенствено се надевам дека ќе ми прости и острицата на главосечачот Змијалков.

... ... ...Надевајќи се примив телеграма во која пишуваше: „Поубаво пукаат пет калаша во Горно Лисиче, отколку пет љунфера на Љунфер Брдо. Затоа, пази која страна од реката ќе ја избереш!!!“... ... ...

 

Реторичка расправија меѓу БРОНЗЕНИОТ АЦЕ и СКАМЕНЕТИОТ САМОИЛ.

 

(Расправија околу генотипот, идентитетот, печатот во крвта... или поточно, чиј блуден одрод се денешните покорници на ЦАРОТ НИКОЛАЈ)

... ... ...Уште пред да започне расправијата, неколку модерни вола го изедоа целиот Космос... Но притоа изгубија многу скапоцено време, а времето е провизија... Па затоа се прашувам: Зошто го тупеа? Зошто не со динамит!? ... ... ...

Со години и години, зад коњски газ, на криво насаден, седел Царот Самоил. Еден ден му здодеало да биде во потполна сенка на царот Александар и да гледа во огромниот бронзен газ на Букефал, и затоа свикал:

-Слушај ти! А да се потргнеш малку... Ми го засолнуваш сонцето!

Александар, ниту се збунил, ниту бил изненаден од ваквата безобраштина, можеби затоа што овие зборови ги немаше слушнато за прв пат. Пред многу многу години, во онаа време кога тој сè уште бил човек, а не споменик, истото му го прословил и еден бездомен клошар, едно клошариште кое живеело во буре, и тоа во буре како недолична и нелегализирана дивоградба. Еден вистински уличар, кој од вредностите поседувал само безвредности, безвредности како што се филозофија и свеќа со која, во некои времиња многу помудри од денешното, им се пулел на мајмуните, надевајќи се дека меѓу нив ќе светне и од мајмуноличната темница ќе изрони човек. Е замислете, тој бездомник, по име Диоген, му ја фрлил истата забелешка, како оваа на царот Самоил. Но и да ја слушнал за прв пат, зар може некој од нас понизните да се посомнева дека Големиот Аце, кој „гордиевиот јазол“, најголемата загатка на неговото време, ја има решено само со едно замавнување на меч (решавајќи загатка како да е безвредна глава на безначаен индиски пешак), ќе нема веднаш „добар одговор“ за оваа проста „старословенска“ провокација. И така, воопшто и не свртувајќи се кон седнатиот Самоил, од таа триесетметарска дистанца во височина, му ги фрлил следните зборови:

-А што ќе ти е тебе сонце? Кога целата твоја војска, од знаменоносец до мечоносец, е подеднакво ќора, е подеднакво слепа, како за шеснаесетокрако сонце, така и за адската темница!
Како што го шлапнала упатената навредата, така Самоил побелел и се скаменил, станал бел мермер.

-Слушај ти, голобарадо педерче - вратил, а како да опцул ифритизираниот Самоил - така можеш да зборуваш со оној Ниче Македон, со него и со твојот татко, Филип Варваринот, при вашите тајни пророчки муабети, и тоа таму, во таа негова коматозна пештера, во кошмарите, кои за чудо, „Бетон Македон“ сè уште ги нема преточено во градба! А со мене, ниту можеш, ниту смееш, така да зборуваш!
-Ти мене „Ниче ;акедон“?! Ти мене? – вреснал Александар.
- Да! Јас тебе „Ниче Македон“!
-Е тогаш и јас тебе „Ниче Македон“, и не само тебе... туку и на жена ти Агата, и на четирите ќерки, и на синот Радомир... „Ниче Македон“ на сите по список!!!
-Слушај, дете голомеше... слушај царче златокосо... - се забревтал стариот Словен (инаку роден како Ерменец ) - Јас не ти ја спомнав фамилијата! Не чепкај во деца, Александре! ...Да не ти го спомнам сега јас татко ти Филип, кој сакал да те приколе, кој уште кога си бил младо пиле, сакал да ти го цвикне вратчето, оти се сомневал дека баш и не си негов син... Немој сега јас да ти ја спомнам мајка ти Олимпија, која те криела под својот фустан, од град во град низ цела Македонија, за да те куртули од лудилото на Филип...
- Ој, море, Бугар, остај ми ја на мира мајка ми!
-Ој, море, Грк, ако ти е толку до мајка... оди од онаа страна на Вардар, да поцоцкаш малку ... оди поплачи ѝ малку на мама и врати се‘!
- Море, старо аро... Биди среќен што јас не сум бил на место на оној Василиј Македоноубиец! Да сум бил јас, прво би те ослепел тебе, а потоа би ти ја ослепувал војската, и не би поштедил ни око... Слеп пастир би те сторил, на слепо стадо! И не само тоа, сите во ендек ви бе напикал, па би ве посипал со негасена вар и на кај би ставил преку вас дебела бетонска плоча!
- Бетонска плоча од „Бетон Македон“?!
- Море „Ниче Македон“ на таквиот цар како тебе и таквата ослепена царштина – опцул Александар, сосема заборавајќи на сите лекции за убаво однесување и државнички вештини, научени од неговиот ментор Аристотел, таму некаде во старата ера пред Христос.

... ... ...Додека тие се пцуеја, една телевизија беше фрлена во зандана. Оттогаш, во Македонија е воведено задолжително штровење на добошарите. Па така, сите добошари станаа дворски, а коритата од кои јадат свињите станаа златни... ... ...

- Слушај бе, дерпе, не ми го навредувај царството... Јас сум царувал 40 години, тоа е дупло повеќе отколку што си бил жив!!! И за разлика од твоето, моето царство цврсто стоело на своите нозе. Моето царство, за разлика од твоето, не било бркање на мегаломански илузии, бркање на недоветен сон со исукан меч, од страна на детуле јавнато врз крилестиот ат по име Букефал... Твоето царство, за разлика од моето, се држело со заби за воздух. Тоа твоето е освојување на свет во отсуство на свест!!!
-Кое царство бе, ќелеш дртав, со какво царство од еден чекор ми се перчиш ти мене?! Јас сум се истегнал дур до Индија, а ти? До каде!? До каде го простре царството? Ни Солун не ти успеало да го освоиш... Еј, Солун!!! А бе Солун, мижејќи го имам заземено, мижејќи...
- Остај сега Солун... – се смрачил Самоил, веднаш штом меѓу камените уши му се забола оваа провокација изречена од Александар.
- Е нема, нема да оставам... Токму за Солун ми се зборува... Па како тоа бе, на три пати да го опседнуваш и пак да не го покориш, пак да ти пркосат неосвоени, тие смрдли солунски? А Самоиле? Какви неостварени мечти се тоа, Самоиле? Со какви не лапнати пролетувања си имаме тука работа... оти нели ти зборуваше за бркање „сеништа“ со исукан меч...
-Слушај некрстен, слушај сечен... Што сакаш збори! Само за Солун не ме гибај...
- Е како бе, за Солун да не расправаме... Како тоа може Солун да е наш, кога ти ни Солун си јал, ни Солун си мирисал?
- Доста бе, Солун па Солун.... Никој не е совршен... Но сепак стои фактот дека јас сум царувал со најмоќното македонско царство! Тогаш моето царство било кол во срце на тогашната Византија!
- А јас сум ја растегнал царштината од тука па сè до Индија! И сега?! Ќе си ги мериме ли сега кому му е поголемо... кому му е поголемо... царството ?!
-За какво царство зборуваш ти, дете голомеше!? За какво царство? Ветровито!? Царство во трчање, во парадирање... Си се залетал свет ќе освојуваш, а всушност си го раскуќил онаа што татко ти Филип со мака го стекнал... До Индија стасал?! И?! Што ако си стасал до таму? Си се вратил? Си го околчил ли царството? Си го запишал освоеното во катастар?! Си ја озаконил ли дивокрадбата?... Царштината во галопирање, во коњските копита... а на царот нивен Аце, ни гробот кај му е не се знае... Ајде бе, Аце, кажи ми барем кај си закопан, каде свеќи ти палеле и почит ти правеле... Кај ти е гробот, или ни ти самиот не знаеш?
-Во бој! На коњ! Со исукан меч, везден!!! Таму ми е гробот! Мојот гроб е меѓу две смртоносни замавнувања со меч... Та и добро е што е така!Така и треба да биде, тоа е цар за пример... А не како ти, како некое женче... Го стегнало срце, се угушил во солзи, кога си го видел резилот војнички ослепен... Да сум на твое место, од резил, би се вратил од таму од кај што сум дошол, таму, од зад тие Карпатите!
-Е да... Важно ти прв си царувал тука... Прво диносаурусите, па потоа ти... И затоа, никој друг не се признава ниту се есапи... Ти држи вода муабетот, како да си го собрал со мрежа од неартикулациите кои ги испушта овој преплет на црвулци од луѓе кои лазат околу нас... Тоа сè е твој ген, твоја крв, и твоја „гордост“... Алал да ти е што окот се испилил од твојата семка... погледни ги, везден ти се врткаат околу коњот, и го буљат во тоа бронзеното меѓуножје... Гледај ги, сè мал Александар до мала Александра... Сè цепаници, торлаци, кретеноиди, недоделкани и небањати!!! Робови во свој дом! А домот, кај што им е малечок, и него целиот ќе го дадат под кирија... Да, токму како тебе, тие не живеат на земја... туку во приказни, илузии, библии... Бркајќи ја вечноста, ќе останат без сегашноста!

... ... ... Самоил и Александар, не забележаа како над нивните оспоменичени глави, освен нивните навреди, пролетуваат и неколку провизии со огромни крилја... Провизииите летаа на линијата Кина- Чешка-Белизе... А ако се прашувате каде се тендерите? Откако Шерифот од Скоп Јанг ги исече сите шуми, тендрите веќе не летаат на југ, и не може веќе да бегаат по туѓини... ... ...

- Овие моја крв?! Ова стадо овци? Овие усрани глуперди?! Овие јас не ги признавам за мои, тие немаат капка моја крв, тоа се сè твои внуци и внуки, дедо Самоиле! Да се мој род, а не одрод, би го давале ли под кирија и оваа малку од земјата што им остана, би продавале ли сè плодно и сè вредно што им се нашло собрано меѓу границите, и тоа кому? ...На Индиец, на некаков си индиски кан... Та токму таа Индија се напи моја крв и крв на многу храбри Македонци... та ако имаа почит кон мене, и ако се од моето гнездо пилци... зарем ќе продаваа македонска плодница токму на Индиец, ќе му бацуваа ли на некаков си махараџа рака за да измолат, ако е можно, уште некој златник гратис провизија, од раката околу која пулсира ореолот на минатото овенчан со моја смрт...
-Не знам јас таа работа... одрекувај ти колку сакаш, ама тие тебе те словат за предок, а од мене сродството го откажуваат... И супер е што е така, кога ги гледам какви се, кога им го гледам јадот и бедотијата, кога им го слушам простаклукот и кога им ја чуствувам малодушноста... кога им го гледам дегенство, кога гледам како со храброст мавтаат само под јорган планина, кога ги видов како кисело-весело се радуваат збрани на освоено четврто место, како ги слават сопствените порази, во гради ме стегна каменот, по втор пат ќе ми откажееше срцето од тага... Иако сега срцето ми е од камен, кога овие мене би ме имале за род, кога би ми се клањале мене како на пра татко и пра цар, кога би се словеле за потомци мои, како што се словат за потомци твои.... тоа срцето ми камено, би се сронило и би се пеплосало од срам и жал... Моите војници ослепени сум ги оплакувал, но сега, за овие, кои при очи, сите како да оболеле од „кокошјо слепило“, за овие вакви „забегани“, од мермер, камени солзи би исцедил, цел Охрид и цела Преспа би исплакал, и пак би било малку, спрема големината на нивниот јад и нивниот пад.... И немој сега Александре, немој ти љубов да откажуваш, оти овие тебе роденден ти чествуваат, тебе на коњ те имаат качено, а мене...
- ...А тебе, Самоиле, те седнале, те клекнале... не се знае дали на престол седиш или на веце-шолја чучиш!!!
- Подобро на шолја, отколку такви никакви, да ме чествуваат со бронзени споменици на секој чекор... та од тебе, та од татко ти, та од мајка ти... Се гледа дека поколението твое си го чествува целиот свој родослов...
- Ма каков род!? Тие не се мој род, тоа одрод е, а не род... Ова веќе не е на-род, туку од-род...
- Не знам јас таа работа, со твоја антика тие се китат...
- А во твоја вера тие се крстат... Нели јас сум не крстен, сечен, нели како варварин го словеле татко ми Филип... Јас не можам да имам ништо со Евреинот кого Римјаните го развлекле на крст, неколку векови по мојата смрт... Тоа сè што гледаш, сето тоа клечи и се крсти пред твојот бог... Твоја вера, а и твоја крв се овие, Самоиле...
- Мене на крај од животот ми го ослепеа стадото, но во однос на тоа колку овие се имаат заслепено од „Сител“, моите слепци стопати појасно гледаа од нив... И сега ти одрекувај колку сакаш, но нив сè Аце Големиот им е во уста! Отидоа до таму што на светот му го докажуваа сродството со тебе преку разна наука, генетика... Фрли поглед, на која страна сакаш, сè нешто низ земјичево, тие по тебе го имат именувано... Мостови, згради, аеродроми... Твој знак е тоа што се вее на нивното знаме, врз ова демек царство, царство од една педа... А вака, кога подобро ќе ве погледам, си личите бе, Александре... се гледа дека сте си род најроден... тиквите им се токму исто шупливи како што е таа твојата, демек, бронзена... Кога дува ветер, и тебе и на нив им ечи низ ушите шупливоста!
-Море Бугар! Не мои туку твои деца се ова... Погледни подобро, сè камен до камен, се тркалаат тука меѓу нас, како да сме среде каменолом, а не среде држава!
-Грк! Не им откажувај љубов на децата свои... Твоја изјава во весник, дека од синовите си се откажал и дека трошоците направени на твоја сметка не ги признаваш, такво нешто сè уште не сум прочитал! Си знаат самите деца кој им е татко, а кој им ја ебел мајката...
-Бугар, немој мајка, Бугар!
- Грк! Ако не веруваш дека тоа се, сè до еден, твои наследници, ако не ми веруваш... Оди и прашај си го Ниче Македон!
– Бугар! Ти реков еднаш! Немој ти на мене „Ниче Македон“! Оти можам и јас на тебе, „Ниче Македон“!
–Ти на мене? Е ја на тебе „Ниче Македон“ по список... И на тебе, и на мајка ти, и на целиот овој твој издегенериран окот... Да се зберете сите, и ти, и мајка ти, и потомците твои, а и Ниче Македон, и сите да ми го бричите со зелено џамче......
–Бугар...Грк...Бугар...Грк...Бугар ... ...

... ... ...Меѓу спомениците, од негде никаде, се појави Жолтото Комбе со огромни уши од афрички слон. Кога ја слушна караницата, Жолтото Комбе, раскажа еден политички виц, во обид да ги смири и разгали царевите...
Жолтото Комбе: -Знаете ли зошто на Бронзениот Прометеј му ставија гаќи? - Не знаете?!- За да не се види дека Прометеј си го сменил полот! Дека станал трансвестит!!!

Никој не се насмеа, царевите не го ни слушнаа, продолжија со своите пцости на национална основа. Но некој сепак го имаше слушнато Жолтото Комбе, тоа беше Гоца Брк, која низ плоштадот си ја леташе својата нова метла... Гоца Брк строго професионално пристапи кон Странската Служба, го фати комбето за жолтите уши, и го одвлечка да гласа... Така дознав, дека Жолтото Комби, нема толкави уши поради прислушкување, ниту поради афро-слоновското потекло на ушите, туку тоа е поради често влечење... ... ...

-Грк ...Бугар ...Грк... Бугар...Грк... ... Не запираа царевите. - Бугар...Грк...Бугар...

И кој знае уште колку денови ќе ечеа навреди меѓу овие два цара, низ плоштадот среде Скоп Јанг, да не го прекинеше сето тоа Ченто, кој ете, случајно, се најде како споменик во нивна близина.

-Море да беше вака во онаа мое, партизанско време, јас сè ова ќе носев пред ѕид и ќе стрелав и ќе стрелав и стрелав... Ќе го стрелав целото ова реакционерско стадо, до последен, секако, ќе ве стрелав и вас двајцата, а се разбира, прв на нишан ќе ми беше она нивно царско ѓубре, по име Николај! Ќе го истребев јас целиот какол од житото, до последен, па ако треба и без жито да се остане!!!!


... ... ...Пред некое време, токму на овој плоштад, царот Николај славел победа. Едно момче се израдувало и сакало да извика нешто... Но не успеа, го убија со пендреци! ...Момчето не сакало да викне: „Уааа Николај!“ Мртвото момче, сакало да викне: „Да живее ВМРО-ДПМНЕ!!!“ ... ... ...

(продолжува)

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Фотографии: Ингрид Бертон (тестиси од старогрчки статуи)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото