1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
Интeрнет изданието на еден од најтиражните американски весници „USA Today“ во рубриката „Патувања“, објавува куса репортажа за Скопје, за кое се вели дека е комбинација на лажни барокни згради и на споменици и дека личи на Лас Вегас.
„Премиерoт на Македонија верува дека комбинацијата на лажните барокни згради и споменици ќе го трансформира непознатото Скопје, кое се наоѓа на најјужниот дел од Балканот – во туристички центар“, пишува USA Today.
„Освен потсмевот од критичарите, има и други индикации кои укажуваат дека визијата на премиерот Никола Груевски не била реална.
Модернизацијата на Груевски го менува карактерот на градот. Кога по неколку години се вратив во градот, видов дека кејот на реката е полн со нови споменици и набрзина изградени објекти, многу од нив со шупливи столбови обложени со тенок фурнир. Скопје личи на Лас Вегас или на Дизниленд.
Премиерот Никола Груевски вели дека цената на проектот е под 300 милиони евра, пари што потекнуваат од даночните обврзници, а не од странски донатори. Критичарите велат дека цената е поблиску до 600 милиони евра.
Сè уште незавршен, овој проект вклучува и една флота на двокатни црвени автобуси и панорамско тркало.
Централни парчиња се минијатурната триумфална капија и 60 метри високата статуа на Александар Велики, чие подножје го краси и осветлена фонтана“, пишува весникот.
USA Today потсетува и на интервјуто на Груевски каде зборува за Скопје 2014.
„На прашањето зошто сиромашна земја како Македонија избрала ваква архитектонска грандиозност, Груевски за „Фајненшал тајмс“ изјави дека „националните чувства беа потиснати во Титова Југославија и немаше споменици и статуи преку која би ја изразиле нашата националност”.
Написот анализира дали лажниот барок му донел на Скопје повеќе туристи.
„Туризмот во земјата беше поттикнат од доаѓањето на унгарскиот превозник Визер што сега покрива 49% од сообраќајот на реновираниот аеродром во Скопје. Во текот на изминатите две години туристи има повеќе за 20 отсто и овие бројки сè уште не ја одразуваат бројката на посетители што доаѓаат да го видат светкањето на кичот на новото Скопје.“, пишува USA Today.
Извор: А1он