Грчев пред 30 години: Новинарот и птицата

15.01.2016 14:02
Грчев пред 30 години: Новинарот и птицата

Во далечните земји каде што нема слобода на печатот, новинарите се сигурно една од најтажните групи луѓе. Колку сочувствувам со нив! Ним им е потешко од сите оние до кои информацијата не ни стасала, зашто тие ја носат во себе без да можат да ја пренесат. Ним им е навистина најтешко! Тие ја реализираат својата бит известувајќи за стварноста исто како што птиците се реализираат летајќи. Цензурата и кафезот не се, значи, само несреќна судбина за новинарот и птицата: тие се потполна негација на нивната суштина и на нивната поетика. На новинарот му е, меѓутоа, потешко и од птицата во кафез, зашто никој од неа не очекува да се однесува нормално, како на слобода, а тоа и уште како се очекува од новинарот! Од него се очекува не само да ја глуми слободата (тоа, впрочем, таму мнозинството го прави), туку и да зема активно учество во сопствената негација - пишувајќи спротивно на своите сетила и ум.

Писателот, на пример, секогаш има повеќе слобода. Неговата стварност и неговата вистина се запретани во фиктивното и тој може да ги изрази на бескрајно многу различни начини. Може да ги шифрира, да ги намени само за посветените, да ги 'хибернира' за идните генерации и сл. Новинарот не може ништо од тоа - тој е судбински врзан за фактичката стварност и за него нема бегство од неа.

Во далечните земји каде што нема слобода на печатот новинарите се осудени да живеат шизофренично. Тие се осудени едно да мислат, а друго да пишуваат, едно да сакаат, а друго да чинат. Тие мораат да имаат една личност за официјална употреба, која ќе ја обезбедува нивната телесна егзистенција, и друга, за домашна употреба, низ која ќе се одразуваат нивните души. И секогаш овие две лица ќе бидат спротивставени, и секогаш ќе се борат во истото тело, и сеќогаш ќе прават пекол во нивните глави. Колку сочувствувам со нив!

За да издржат во такви услови, новинарите мораат да бидат многу пожилав вид отколку што се претпоставува. Веројатно создале маса одбранбени механизми кои им помагаат да преживеат во нивниот пекол. Веројатно имаат, пред себеси, доволно оправдувања за компромисите на кои се присилени. Веројатно сметаат дека прифаќањето на наметнатата шизофренија не е само нивно искушение. И дека се само дел од една поширока трагедија. И веројатно имаат право.

Но, што се случува со самата Професија, со Новинарскиот Вид како таков? Знаеме дека тој е ендемичен вид што опстои само во определени услови и на определени простори. Простори каде што слободата се протега и на печатот. Таму каде што овие услови не се исполнети, Новинарскиот Вид, како и сите други живи видови, изумира. И, како по највулгарно дарвинско сценарио, местото на видот што изумира го зазема друг вид кој е оспособен за живот во зададените услови. Вид новинари кои живеат здрав живот, зашто потполно се реализираат пренесувајќи соопштенија; вид новинари кои поминуваат низ цензурата и не забележувајќи ја, зашто секогаш се на безбедно растојание под нејзините рамки; потполно прилагоден вид, вид на иднината.

Во далечните земји каде што нема слобода на печатот, луѓето се веројатно несвесни за тоа што ќе се случи со нив кога ќе изумре Новинарскиот Вид. Ги жалам далечните народи што ги снашла ваква судбина. Но, зарем со својата ниска свест и растителна пасивност самите не ја заслужиле? Ги жалам поради слободата што сами си ја одзеле, но не сочувствувам со нив!

Комунист, 30 октомври 1987