Иднината на капитализмот

16.01.2016 11:58
Иднината на капитализмот

Темелниот приход е систем за социјална сигурност во кој сите граѓани регуларно (месечно или неделно) добиваат ист паричен износ, без оглед на нивните други приходи. Вообичаено се предложува тој износ да биде доволен само за голо преживување, за да се поттикнат луѓето да работат.

Засега, го нема никој освен Алјаска (оваа сојузна држава од САД го исплатува во износ кој не е доволен за преживување) и некои холандски градови (само експериментално), но би можело да го воведе Финска во 2017 година во износ од 800 евра месечно.

Таквото „давање пари за ништо“ сè уште е неприфатливо за повеќето, како што не им е јасно ни „од каде се парите за темелниот приход“. Уште помалку им е јасно дека „темелниот приход би можел да биде спасител на капитализмот“. Но, да тргнеме по ред.

Својата славна теорија за „популациската замка“, Малтус ја објавил токму во моментот кога таа престанала да важи. Од аграрната до индустриската револуција вкупниот светски приход бил доволен за растот на светската популација, но не и за растот на нејзиниот животен стандард (и тоа била „Малтусовата замка“).

Античкиот земјоделец кого временската машина би го префрлила во 18 век не би бил страшно изненаден со настанатите промени. На врвот на римската власт БДП по глава на жител изнесувал 470 долари, а до крајот на 18 век се искачил само на 660 долари (изразено во вредноста на доларот од деведесеттите години).

Сето тоа се променило со индустриската револуција. Развојот на технологијата и капиталистичкото претприемништво го трансформирале светот во 19 и 20 век. Дошло до експлозија на населението и животниот стандард. Денес, светскиот БДП по глава на жител изнесува 7 600 долари, што е десетпати повеќе од најголемата вредност која ѝ претходела на индустриската револуција. Побогати сме отколку што нашите предци можеле да сонуваат.

Денес дури и Индија има поголем БДП по глава на жител, отколку што на почетокот од 20 век имаше Западна Европа. Светскиот БДП е речиси 300 пати поголем од оној пред индустриската револуција.

Стариот проблем бил како да се преживее, како да се обезбеди храна, прибежиште и основна нега. Тој атавизам нè прогонува сè уште (во облик на „мерките за штедење“) иако денес реалниот проблем е дијаметрално спротивен.

Неверојатната продуктивност на капитализмот нè доведе до тоа да можеме да произведеме многу повеќе отколку што можеме да купиме. На почетокот од 20 век за производство на еден тон челик биле потребни три човек-часови. Тие три човек-часови денес произведуваат 1 000 тони. Пред триесет години ТВ опремата за пренос во живо чинеше 200 000 долари, а денес можете да купите поквалитетна опрема за 5 000 долари.

Таквата богата понуда би требало да доведе до општа благосостојба. Сепак, не доведува, заради „антималтусовата замка“ за ограничената побарувачка. Имено, ако можете да произведувате сè повеќе со сè помалку платени работници, кој ќе ги купува вашите производи?

Главен проблем на денешниот капитализам не е недостатокот од понуда, туку недостатокот од побарувачка. Политиката на паѓање трошки од богатите трпези за сиромашните не го решава тој проблем. Но, ќе го реши темелниот приход. Тој ќе биде безбедносна мрежа за најзагрозените, коректор на екстремните нееднаквости, но и спасител на капитализмот во непосредна иднина; можеби единствениот начин да се запре спиралата на рецесијата. Имено, обезбедувањето трајна и конзистентна побарувачка на претприемачите ќе им ја врати разнишаната (и всушност постојано лабилна) сигурност во инвестирањето и вработувањето, и тоа ќе биде вистинскиот лек за главната болка на капитализмот: премногу малата побарувачка наспроти големата можна понуда.

Економските импликации од темелниот приход ќе бидат очигледно позитивни. Но, многумина ги доведуваат во прашање неговите етички импликации кои потоа, велат тие, би можеле да станат и економски. Темелниот приход (износ кој секој граѓанин би го добивал за обезбедување на своите темелни потреби) им изгледа како утописка или дури апсурдна идеја.

Но, како што често се случува во историјата, ќе дојде време кога идејата која е апсурдна денес, на сите ќе им изгледа очигледно прифатлива, а потоа и неизбежна, дури нужна. Можеби не толку заради тоа што ќе ја сплете заштитната мрежа во која ќе паѓаат најсиромашните граѓани или што ќе ја ублажи сè поболната сегрегација на општественото здравје на богати и сиромашни, колку заради чисто економски причини. Темелниот приход ќе стане спасоносна формула на капитализмот (па не е ни чудо што го пропагирал и Милтон Фридман).

Денешното капиталистичоко-технолошко устројство на економиите е ефикасно во произведувањето добра и бара сè помалку труд. На микро ниво тоа е фантастично, многу поголем „аутпут“ со многу помал „инпут“. Со помалку трошоци за работна сила продуктивноста расте, а со неа и профитите. Но, проблемите се појавуваат на макро ниво.

Вашите работници се мои купувачи, а моите работници ваши купувачи. Значи, ако вие имате помалку работници (или ги плаќате помалку), јас имам помалку купувачи. Моите работи ќе опаѓаат, па и јас ќе вработувам помалку работници (или помалку ќе ги плаќам). Затоа и вашите производи послабо ќе се продаваат па ќе морате да отпуштите (или помалку да ги плаќате) уште повеќе работници.

Така дефицитот на побарувачката како плима ќе се прошири низ целата економија. Процепот помеѓу потенцијалниот и актуелниот аутпут во економијата ќе се шири сè повеќе.

Затоа, темелниот приход можеби е единствениот спас за високо автоматизираната капиталистичка економија која е нашата иднина. Темелниот приход веднаш ќе го потрошат сиромашниот и средниот слој граѓани, и тоа ќе ја создаде потребната потрошувачка која ќе ја ревитализира умртвената економија. Всушност, не се работи за никаква голема мудрост, туку за прва година од студиите по економија.

Меѓутоа, сепак, нештата не се едноставни. Голем проблем е што политичарите (кои како и повеќето граѓани не ја поминале првата година од студиите по економија) сè уште ја сметаат идејата за апсурдна. Имено, тие мислат дека темелниот приход би нè претворил во мрзеливци кои по цел ден лежат на своите софи, јадат брза храна и зјапаат во реалноста од телевизорите.

Тоа е и главниот приговор за социјалната помош: оние кои добиваат помош ги демотивира за работа. Имено, главно се работи за луѓе кои не можат да добијат подобро платени работи, па она што можеби и би можеле да го заработат е приближно еднакво со она што го добиваат како социјална помош. Таа заработка автоматски би им ја укинала социјалната помош, па затоа не се мотивирани да работат бидејќи доаѓаат до истиот приход и без работа.

Но, темелниот приход го решава токму тој проблем, бидејќи работата и остварената заработка со неа, не го укинуваат темелниот приход. Значи, тој нема да нè претвори во мрзеливци (кои по цел ден лежат на своите софи, јадат брза храна и зјапаат во реалноста од телевизорите) туку, токму спротивното, ќе нè мотивира да работиме. Бидејќи својот темелен приход го задржувате, работеле или не, богати или сиромашни, сигурно ви е подобро да работите, отколку да не работите и затоа сте мотивирани да работите.

Темелниот приход е корисен за работодавачите бидејќи полесно ќе најдат работници кои се подготвени да работат послабо платени работи, повремени работи, работи со скратено работно време, итн. Накратко, толку посакуваната „флексибилизација на работата“ за работодавачите, темелниот приход ќе ја направи прифатлива за повеќето работници (а, не само за работодавачите), па најпосле, сето тоа ќе ја направи и политички прифатлива.

Се разбира, основното и сè уште нерешено прашање останува и понатаму: „како темелниот приход да се направи поличитчки прифатлив“.

„Давањето пари за ништо“ сè уште е неприфатливо за мнозинството.

Аргументот дека „добиваат сите“ и дека „сите добиваат исто“, па се во иста ситуација како и никој да не добива ништо, е релативно недоволен. Премногу мириса на социјализам или дури комунизам, а освен тоа често посакуваме на соседот да му биде полошо од нас, а не да му е исто како и нам.

Вториот нерешен проблем е: „од каде пари за темелниот приход?“ Одговорот кој објаснува од каде доаѓаат парите и што воопшто се парите е толку неинтуитивен што барем засега нема никакви шанси да го убеди политички релевантното мнозинство.

(Можеби за некои е сфатливо дека важно прашање е дали земјата која воведува темелен приход има доволно стоки и услуги за своите граѓани, а дека прашањето за парите е само прашање за дистрибуција на тие добра и услуги; иако, се сомневам). Навистина убедливо ќе биде само реално воведување на темелниот приход во некоја земја, на пример, во Финска 2017 година.

Дотогаш можеме само да одговараме со контра прашањето „од каде пари за санација на светскиот финансиски систем“ или со фактот дека, на пример, шведските социјални трансфери се 90 милијарди евра годишно, што е 800 евра месечно по жител.

Извор: Danas, 11.12.2015

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото