Момент на вистината

16.01.2016 19:18
Момент на вистината

Седумдесетина невладини организации побараа од САД, од ЕУ и од сите други фактори да го одложат одржувањето на изборите закажани за 24 април. Тврдат дека во овој момент не се исполнети клучни услови, ниту постои поволна атмосфера за одржување фер, слободни и демократски парламентарни избори, кои ќе ја вратат довербата на граѓаните дека во Македонија е возможно слободно да се одлучува и дека граѓанската одлука ќе биде испочитувана.

„Наша единствена цел е овозможување вистинска фер, демократска и слободна атмосфера за избори во кои ќе веруваат сите и кои граѓаните ќе ги препознаат како артикулација на нивната волја за политички избор“, напишаа во писмото што го упатија на важните адреси.

Потписниците се во право при процената на актуелната состојба, држат и нивните аргументи дека Државната изборна комисија не е оспособена за да ја заврши големата задача што ѝ е дадена, дека Избирачкиот список не е прочистен, а медиумите не се ни пипнати од најавената реформа. За жал, нивната „единствена цел“ изгледа неостварлива не само во овој момент, туку во кое било догледно време. За вистинска фер, демократска и слободна атмосфера за избори треба многу труд, волја и други битни нешта што ги немаме. И барем уште толку години колку што биле потребни за да се уништи и онаа малку атмосфера што ја имало.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња