1025 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 05:59
Не само што не пропадна Договорот од Пржино, туку со овој исход од синоќа тој е СПАСЕН од опасноста да биде претворен во уште едно парче тоалетна хартија. Она што пропадна е обидот тој да се претрча, да се дојде до нови брзи избори и тој целосно да се разводни. Некои тоа сакаат да го прикажат како „расплет“ на кризата, а всушност тоа е вистинската пропаст на целиот процес.
Играат на тензијата (што ја создаваат сите, свесно или не) дека „оваа криза не се издржува веќе“ (бре, се изморија од гледање вести?), дека мора да се стави крај на неизвесноста. (Со што? Со статус кво?) Не, можеме и мораме да имаме неври и да не се возбудуваме. Мора да сфатиме дека „Пржино“ е процес, а не настан, со кулминација, епилог и крај. Ова не е холивудски филм, или театарска претстава, значи крај нема. Има само правец, важно е тој да не се утне.
Да видиме што имаме сега? Имаме композитна влада, во која никој не може да се „башкари“, (баш да видиме дали „консензуалната демократија е можна“), ама државните функции не се загрозени. Собранието е во функција. Имаме „условна оставка“ на премиерот, но сепак имаме и премиер. Тој останува на функцијата уште извесно време, додека не се договори нов датум за преговори.
Она што го немаме е датум за избори. Избори на 24 април дефинитивно нема, тој рок зацртан во Договорот од Пржино е пробиен. А тој може да се договори кога ќе се завршат некои работи веќе потпишани во Пржино: медиуми, список, соработка на институциите со специјалното обвинителство, анкетни комисии.... Ако тоа биде споро и килаво, и новиот датум за избори ќе се оддалечува. Нека размислуваат сите фактори дали тоа им одговара.
Значи, ништо не ни фали, освен трпение. Чудно, но вистинито, овојпат времето работи за Македонија. Нека се запрашаат за кого работат сите што пумпаат некаква итност, нервоза и драма во целава работа.
Извор: Слободен печат
Слика: Александар Ковачевски