Контрапрограма на универзитетот „Дамјан Контрагруев“

18.01.2016 15:36
Контрапрограма на универзитетот „Дамјан Контрагруев“

По неодамнешната најава за отворање на контрауниверзитет за национална контра-одбрана, контра-безбедност и контра-мир, „Дамјан Контрагруев“, владата ексклузивно за Пара вести обелодени и дел од контрапрограмата со која ќе ги привлекува контрастудентите да се запишат на факултетите на оваа високообразовна контраустанова.

Подолу ги претставуваме најатрактивните контрапредмети кои ќе се предаваат на контрафакултетите, како и имињата на контрапрофесорите кои ќе раководат со одвивањето на контраобразовниот процес.

1. Воена контракадемија „Генерал Михаило Контраапостолски“

-ГДОМување и контранапад - (контрапроф. контрад-р Братислав Контрадимитров)

-Брза контра, бавна мисла (контрапроф. контра-др Александар Контрапандов)

-Минута молчење за одбраната (контрапроф. контрад-р Талат Контраџафери)

2. Воздухопловна контраакадемија „8-ми Контрасептември“

-Летање високо и подготовка за паѓање ниско (контрапроф. контрад-р Горана Контрајанкуловска)

-Кршење избирачки кутии со беспилотни летала (контрадоц. д-р Миле Контрајанакиевски)

3. Факултет за небезбедност „Никола Контрапетров Русински“

-Кршење општинска барака во самоодбрана (контрам-р Никола Контрагруевски)

-Правење дива од обична населба (независен контраексперт Сашо Контрамијалков)

4. Mедицински факултет „Др. Христо Контрататарчев“

-Чекање наредба од горе за испраќање деца на операција (контрапроф. контрад-р Аспазија Контрасофијанова)

-Болничка исхрана: што помалку, тоа подобро (независен контраексперт Никола Контратодоров)

5. Факултет за контрамировни студии и кризен менаџмент „Пере Конратошев“

-„За мене никогаш нема криза“ (контрапроф. контрад-р Ивица Контрабоцевски)

-И да врне, и да вее, и бура да коси: справување со промената на временските услови и промената на власта (независен контраексперт Филип Контрапетровски)

6. Неправен факултет „Павел Контрашатев“

-Правото и скршените срца (контрапроф. контрад-р Татјана Контракаракамишева)

-Криво седи во скутот на власта, право суди како што ќе ти кажат (независен контраексперт Марко Контразврлевски)

7. Институт за командни и штабни функции и лидерство „Тодор Контраалександров“

-Штабот како втор дом (контрапроф. контрад-р Мартин Контрапротуѓер)

-Лидерот како плод на црн хумор (независен контраексперт Ѓорге Контраиванов)

8. Институт за информатички технологии и сајбер безбедност „Незнаен контрајунак“

-Анонимно тролање на опозициски сајтови (контрапроф. контрад-р Илија Контрадимовски)

-Партал-портал: режимот како главен уредник (контрапроф. контрад-р Драган Контрапавловиќ Латас)

 

Во предложениот контразакон за основање на Контаруниверзитетот се вели дека може да се запишуваат лица кои имаат фалсификувана диплома за средно образование, успех од средно училиште не поголем од 2,00 и кои се способни да ја разликуваат партијата ВМРО-ДПМНЕ од ВМРО-Народна. Предност имаат кандидатите со членска книшка од ВМРО-ДПМНЕ.

Слики: Александар Јосифовски