На Хан отпосле му текнуе

19.01.2016 11:02
На Хан отпосле му текнуе

Меѓународниот притисок и непристрасност беа нешта кои не се видоа на маратонската сесија во Пржино околу одредувањето на темпото на остварувањето на договорите од Пржино и позиционирањето потоа и на датумот за преговори. Тоа несомнено од стартот го одредило текот на тоа заседание на одговорните за стабилизацијата на политичкиот систем. Како што беше речено на една тв дебата во петокот вечерта, не заѕвони телефонот на американската висока функционерка од Стејт дипартментот - Викторија Нуланд, како, се чини, единствен глас кој Груевски го слуша, и тоа пред сè се должи и на фактот што еврокомесарот Хан сметал дека не треба да ја вознемирува.

СПОЕНИ ВО КОЛКОВИТЕ

Јасно, и двете албански партии, кои знаеја, ама во дует, да го подизневеруваат својот омилен дневен партнер на „како што се договоривме“ партијата бриџ, веќе прекинаа со своето „шарам-барам“ сценарио, бидејќи имаа за тоа убедување дека во овој миг не им значи ништо „морковот“ наменет за послушните западни ученичиња. Тие веројатно си имаат и свој гајгеров бројач со кој го оценуваат зрачењето на негативна енергија однадвор кон нив, единствен фактор кој досега, 25 години наназад имал ефект во исправањето на нивната прагматична опсервација на политиката.

Тие тоа прво го почувствувале и врз фактот што поддршката за посредникот Ван Хојте била последните 40-50 дена сè послаба и од Брисел и од Вашингтон, како очекуван „замор на материјалот“. Фактот што Ван Хојте беше доцна викнат на самитот на улица „Зеленгорска“, укажува дека некој очигледно сакал прашањата на масата да бидат скусени и непоткрепени од „здодевната статистика“ на пропаднати состаноци во Клубот на пратениците. Како ќе одат работите се виде и по фактот дека од тројката европратеници кои дојдоа како претходница во Скопје изјава со оценка за она што го видоа тука даде само левичарот Ховит, додека другите двајца, либералот Вајгл и десничарот Кукан, молчешкум заминаа, иако нивните импресии од средбите со невладиниот сектор и со институциите задолжени за следење и олеснување на пржинскиот прогрес изостанаа во ехото на средбите кои ги имаше Хан?!

БЕГАЛСКА КРИЗА

На излегувањето од вилата во Пржино, еврокомесарот Јоханес Хан рече дека се надева дека трите партии ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА ќе продолжат со имплементација на Договорот од Пржино, но останува да се види како тоа ќе тече. Тоа е секако говор што ништо не значи. Барем низ вокабуларот тој не го уби договорот за кој се расправаше, ама го остави на апарати за одржување во живот со многу кус рок на достава на струја! Поголем дел од говорот, не знам дали тоа некој го забележа, Хан го посвети на кризата со бегалците, како свое оправдување за таа вечер и за веројатната одлука во Брисел македонската криза да се доврши како-така пред пролетниот налет на нови бранови бегалци од Блискиот Исток, кога ќе им треба стабилна влада на Балканот. За ЕУ во такви услови на атак на стотици илјади несакани гости еден демократ веднаш би го менувале со диктатор, кој може полесно да влече понепопуларни потези. Во меѓувреме, оставката на Груевски - која не беше спомената - останува замрзната, односно тој и понатаму ќе ја врши премиерската функција. Тој тоа го објасни на долго и на широко. Онака епски, му беше дозволено „да ја заокружи“ сцената така како што треба да го прими неговата, веќе заплакана гласачка машина.

ДАЈТЕ МИ ВРЕМЕ

Посредникот Питер ван Хојте, пак, изјави дека за кредибилни избори е потребно време.

„Очигледно е дека не треба да се држиме до роковите. Она што е потребно е да се обезбедат прво сите услови за пречистување на Избирачкиот список за да има кредибилни избори“, изјави Ван Хојте.

Тој рече дека „денешната средба“ (*израз на релативизација на состанокот) е завршена и дека односите меѓу преговарачите се тензични.

И сега прашање е како овие ставови не добија доволна гласност, но затоа провладините медиуми кои просто го преплавуваат информативниот простор цело време „си гласаа“, како да се работи за Избор на песна на Евровизијата (и тука, нели, имавме дебело лажирање без разрешница) и однапред го знаеја резултатот 3:1, без ниту малку општествена одговорност кон судбината на оваа земја и своите читатели, слушатели и гледачи.

АЛАРМ УШТЕ ОД СЛЕТУВАЊЕТО

Многу наши колеги уште во четвртокот, пред слетувањето на Хан на Петровец алармираа на однесувањето на „предгрупата“, а самиот Хан делуваше како да е веќе лобиран уште пред да ја чекира картата во Брисел!? Тој одамна за нас е свовиден доктор Џекил и мистер Хајд - човек со две спротивставени личности. Еднаш работи против македонските интереси, заборавајќи се во улогата на лошо костимиран портпарол на оваа корумпирана Влада, а втор пат се пројавува како посредник кој сака да ги казни вистинските прекршувачи на договорите од Пржино!

Постои голема разлика во говорот кој тој го одржа во ноќта на неспокојот, како и пораката која ја прати од авионот и по втор пат преку својот штаб во Брисел. Така, на овој комесар отпосле му текна дека „суштината и содржината на политичкиот процес, кој произлегува од договорот од Пржино, е поважен од догматско држење до датумот за избори“, го цитира Алсат-М ставот од кабинетот на еврокомесарот во појаснување на неговите позиции по вчерашните разговори во Скопје. Да, така е, би се согласиле сите неутрални и чесни опсервери, ама бокалот е скршен, водата истурена и дали може со вакви пост фестум изјави да се собира со крпи истурената течност?! Дали некој повисок и подоследен во бриселската хиерархија, можеби по реакција на локалните амбасадори, му удрил пацки на Хан?! Чувствува ли ден потоа некакво каење или зголемена одговорност зошто некому не му ја завртел доволно раката за да сфати дека одамна е прочитан со својата тактика на уличен измамник?!

Инаку, добивме и нови објаснувања од екипата на Хан за време на истекот на викендот. „Еврокомесарот сака да види избори со учество на сите 4 партии и ќе продолжи да го поддржува процесот што ќе обезбеди фер и демократски процес“. За Хан, велат од неговиот кабинет, е важно да се прочисти избирачкиот список и да се обезбеди рамноправна медиумска можност за сите учесници на изборите да ја презентираат својата понуда, а граѓаните да имаат пристап до точно и објективно информирање.

ЗБУНЕТИ ВО ВАШИНГТОН

Како и во Вашингтон да постоеше времена збунетост по посетата на Груевски на Бајден! Доволно долго, ден-два, за да се замолчи решителната Викторија Нуланд и да се запрашаат сите пониски во хиерхијата дали тоа вториот човек во Белата куќа можеби дал некакво ветување на Груевски што не треба да се крши според онаа „царската не се порекнува“. Затоа дури во неделата портпаролот на американскиот Стејт Департмент, Џон Кирби, на брифингот за новинарите, на барање на Гласот на Америка да даде коментар на политичките настани во Македонија, рекол:

„Најновиот развој е неодвоив дел од договорот од Пржино. Ние продолжуваме да ги поддржуваме напорите на Македонија за продлабочување на евро-атлантската интеграција. Го поддржуваме договорот од Пржино како клучен следен чекор кон таа цел. И ние работиме со Европската Унија да им помогнеме на македонските лидери да надоградат на досега направениот напредок во имплементацијата. Оставката на премиерот беше дел од тој договор.“ Тоа е одговор со многу помалку хиероглифи отколку соопштението на кабинетот на Бајден во понеделникот!

Се чини дека колку што можеше, Груевски си купи од наши пари, а со помош на уплатите во агенцијата за посредување доволен простор за да ги прескокне критичните денови по неговиот политички опстанок.

Извор: Глобус, 19.01.2015
Слики: Александар Ковачевски