Фатална погрешна проценка во Македонија

19.01.2016 14:27
Фатална погрешна проценка во Македонија

Во големиот текст во онлајн изданието на „Франкфуртер Рундшау“, под наслов „Фатална погрешна проценка во Македонија“, Норберт Мапес-Нидик ги анализира состојбите во земјата и улогата на ЕУ во решавањето кризата и не штеди критики на сметка на еврокомесарот Јоханес Хан. Во текстот, меѓу другото, се вели:

„ЕУ и на Балканот е исправена пред крш. Вината за тоа не лежи во губењето на авторитетот на Унијата, иако и тоа игра улога за неуспехот. Полошо беше дејството на неинтересот на Европа за својот 'заден двор' - грешка која пред сѐ на Германија ѝ донесе десетици илјади баратели на азил. Меѓутоа, најголем удел за катастрофата во Македонија има погрешната проценка на состојбата од страна на надлежниот еврокомесар. Македонија - тоа е случај на криминал на власта. Мала, пријателски и роднински поврзана групичка околу премиерот Никола Груевски и неговиот роднина, шефот на тајната служба, ја зароби прво ВМРО, една од двете најголеми партии во земјата, а потоа и целата држава.“

Наведувајќи дека „кланот на Груевски“, односно „фамилијата, како што општо се нарекува“ се обогати, става судии под притисок, затвора опозициски медиуми, им се заканува на новинари и затвора критичари, весникот оценува дека со помош на „службенички работни места се купувале верни извршители на наредби и се манипулирале парламентарни избори“. Сето тоа е „регистер на кривични дела“, за каков што „нема пример во европската политика“. Тоа е дијагноза не само на опозицијата и очајните борци за граѓански права во малата балканска земја, туку јасно е содржано и во извештајот на работната група составена минатата пролет од страна на Европската комисија, под раководство на Рајнхард Прибе, наведува „Франкфуртер Рундшау“, и продолжува:

„Колку сето тоа да беше лошо, се чинеше дека е и исто толку јасно - сѐ до минатиот мај кога се вклучи еврокомесарот Јоханес Хан. На општо изненадување Австриецот заклучи дека ќе ја третира состојбата во Македонија како еден вид кафеанска кавга меѓу две балкански страни. Улогата на главен противник на Владата Хан му ја додели на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тоа е навистина најголема опозициска партија. Меѓутоа, таа имаше и има слабо членство и сила за мобилизација, своевремено го бојкотираше парламентот и од времето кога беше на власт со себе влече огромен куфер со случаи на корупција. Вистинските противници на кликата околу Груевски не беа социјалдемократите, туку редица вонпарламентарни иницијативи - студенти, борци за граѓански права, приматели на минимална плата, уметници. Дури и во рамките на неговата партија на Груевски, кој се служи со трикови, му биеше повеќе ветер в лице отколку од страна на парламентарната опозиција. Социјалдемократите влегоа во игра дури кога нивниот лидер Зоран Заев објави протоколи од прислушувани телефонски разговори. Она што борците за граѓански права го знаеја со години, сега и се докажа: луѓето околу Груевски отворено меѓусебно ги договарале своите махинации. Хан се појави на планот кога по смртната престрелка на полицијата во Куманово, минатиот мај, на улиците првпат излегоа десетици илјади Македонци. Наместо да го притисне Груевски на повлекување од функцијата, еврокомесарот посредуваше за постигнување договор меѓу двете најголеми партии: одржување на нови избори. Договорени беа многу конкретни чекори за овојпат да се одржат слободни и фер избори. Беа фиксирани точни термини - за основање Специјално обвинителство, за основање комисии, за назначување министри од редовите на опозицијата и конечно и за нови избори и оставка на Груевски сто дена пред тој термин. Сѐ стана фарса. Луѓето на Груевски го одолговлекуваа и саботираа секој поединечен чекор и внимаваа само на тоа формално да се држат до договорените термини. Сѐ што не можеше да се мери, само се влоши наместо да се подобри. На пример, заплашувањето на медиумите: она што може да се види на македонската телевизија и да се прочита во весниците, во меѓувреме има - без никакво претерување - белоруски формат. Хан, кој на почетокот му веруваше на Груевски, со сѐ поголемо незадоволство ја нотираше тактиката на одолговлекување. Но, комесарот остана заробеник на својата почетна грешка: сега мора по секоја цена да се залага за нови избори пролетва.“

На крајот на текстот во „Франкфуртер Рундшау“ се наведува дека социјалдемократите не сакаат нови избори затоа што би загубиле, но не „затоа што групата властодржци станала некако попопуларна, туку затоа што сите нејзини механизми на измама и уценување сѐ уште одлично функционираат“.

„Груевски е подготвен да се откаже сто дена од функцијата, но не сака да се откаже ниту ден од својата власт. Ако социјалдемократите не играат, на Груевски му остануваат две опции - или ќе продолжи исто вака до 2018 година, или ќе одржи избори без опозиција и уште ќе се закити со печат за квалитет од Брисел: тој си ги одржал ветувањата, само опозицијата е таа што се мурти. Неверојатно е да се случи она што претстоеше минатата пролет - експлозија. Уште тогаш борците за граѓански права вложуваа огромни напори да се пробијат наспроти резигнацијата. Оној кој нема работа кај Владата, оди во странство - во Србија, или веднаш во ЕУ. Сега, една година подоцна, Македонците знаат: кој сака европски состојби, мора да се спакува и да замине за Европа“, се вели во долгиот текст на „Франкфуртер Рундшау“.

Извор: Deutsche Welle
Слики: Muriel Bordier

Слични содржини

Општество / Балкан

ОкоБоли главаВицФото