1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Историските податоци за односот кон геј мажите во Советскиот сојуз на почетокот на рекриминализацијата на хомосексуалноста по одлука на владата од 1933 година, а по декриминализацијата од 1922 година, би можеле да обезбедат значаен увид во анатомијата на насилството над едно малцинство.
Каков било сексуален контакт меѓу двајца зрели мажи станал криминален чин во Советскиот сојуз на 17 декември 1933 година. Потоа уследил членот 154 кој одредувал казна до пет години затвор за овој прекршок. Теоријата која е моментално популарна меѓу московските гејови гласи дека посвоениот син на тогаш водечкиот пролетерски писател, Максим Горки, бил заведен од страна на еден геј маж, и Горки лично му се обратил на Сталин барајќи да се забрани хомосексуалноста. „Правда“ и „Известија“ на 23 мај 1934 објавиле статија во која Горки тврди, со тон кој би му одговарал на политичко судење, дека хомосексуалноста е директна последица на влијанието на западната буржоазија и германскиот фашизам. Статијата завршува со слоганот: „Уништете ја хомосексуалноста и фашизмот ќе исчезне!“
Членот 154 набрзо станал главно орудие за опресија на политичките противници. Во јануари 1934 година хомосексуалците се масовно апсени по главните градови на Советскиот сојуз. Меѓу уапсените имало многу глумци, музичари и уметници. Историчарите забележале бројни самоубиства меѓу припадниците на Црвената армија и растечко чувство на паника меѓу советските гејови од тоа време.
Николај Криленко, комесар за правда, во 1936 година ја прогласил хомосексуалноста за политичко злосторство против советската држава и пролетаријатот. Хомосексуалноста станала предмет на истрага на НКВД (претходница на КГБ), a веројатно со цел да се регрутираат нови шпиони, така што ќе се уценуваат фатените хомосексуалци.
Кон средината на триесеттите години хомосексуалците се масовно апсени и одведувани во логори, а тоа се случувало сè додека членот 121 бил на сила. Александар Солженицин го нарекува валкана претходница на еден валкан закон. Во „Архипелагот гулаг“, посветен на оние кои не преживеале за да ја раскажат својата приказна, нема ниту една назнака за сочувство со геј жртвите на опресија. А исто е и во кратките раскази на Варлам Шаламов, „Раскази за Колима“, кои се напишани токму за да го прикажат животот во советските логори. Многу дисидентски автори, додека ги откривале нечовечките услови во логорите, цврсто се држеле до ставовите за хомосексуалноста која ја поддржувале и самите управници на логорот, а тоа значело дека за односот кон геј затворениците не се зборува. Сè до скоро оваа тема беше табу. Дури и кога почна да се зборува за методите на сталинистичката опресија, ниту еден домашен или странски активист не беше спремен да зборува за оваа тема.
Судбината на хомосексуалците во советските затвори и логори е незапамтена во поглед на размерите на трагедијата и бруталноста. Не станувало збор само за бројот на уапсени, туку силувањето на хомосексуалците било вообичаена пракса во секој затвор и логор, без исклучок. Не само што советскиот систем не успеал да ја излечи оваа „странска болест“, туку се чинело дека довел до драматично зголемување на бројот на хомосексуалци. Голем број луѓе кои порано не биле хомосексуалци, по некое време поминато во логор или затвор биле вбројувани во „деградираните“, а тој термин се однесувал и на оние кои биле претепани, силувани, или врз кои некој уринирал.
Во книгата „The Mordovian Marathon“ (Ерусалим, 1979), Едуард Кузњецов посветил цело поглавје за животот на хомосексуалците во затворите и логорите ширум Советскиот сојуз.
„Според луѓето кои знаат нешто за тоа“, пишува Кузњецов, „90% од осудениците се хомосексуалци. Но само оние пасивните - околу 10% - се и забележани како такви. Ги викаат kozly или petukhi. Активните хомосексуалци се вообичаена појава, па за нив не постои посебен назив.“
„Пасивните хомосексуалци не се нужно затворани поради хомосексуалноста“, пишува Андреј Амалрик во книгата „Белешките на еден дисидент“ (Ann Arbor, 1982), „тие се тивки, уплашени, оние кои ја изгубиле играта, оние кои ја кршат етиката на логорот. Кога еднаш ќе добиете репутација на пасивен педер, невозможно е да се ослободите од неа. Ве следи од логор во логор. И ако по трансферот 'паднатиот' затвореник заборави да открие кој е всушност тој, порано или подоцна сè ќе излезе на виделина. Тогаш казната е неизбежна, а казнува целиот колектив, што често доведува до смрт.“
Првиот осуден хомосексуалец кој јавно зборувал за тоа е ленинградскиот поет Генадиј Трифонов. Во декември 1937 испратил отворено писмо до магазинот „Литературнаја Газета“ од логорот број 398/38 на западен Урал:
„Ја доживеав секоја можна ноќна мора и хорор, а невомзожно е да се навикнете на тоа. Во период од 18 месеци секојдневно учам што значи да се биде осуден хомосексуалец во советски логор. Положбата на хомосексуалците во логорите на смртта на Третиот рајх е ништо во споредба со ова. Ним им било јасно дека ќе завршат во гасна комора. Ние живееме како животни, потајно надевајќи се дека ќе закачиме некоја смртоносна болест за да имаме барем неколку денови мир во кантината.“
„Познавам луѓе кои заборавиле кога им завршува казната, или такви кои не поживеале толку долго. Нивните тела секојдневно се вадат од електричните огради, ги пронаоѓаат обесени во ќелиите, мачени до смрт од страна на останатите затвореници или чувари, будали. Ги знам нивните имиња и имам пристап до пишани сведоштва. За година и пол од овој пекол успеав да проучам 22 осуди поради хомосексуалност во СССР. Ако овие информации дојдат до западот, ќе бидам осуден за предавство и ликвидиран. Нема да им треба многу време за тоа. Ќе подбуцнат група затвореници, која изгубила секаква човечност, против мене и така ќе ја осигураат мојата смрт 'на природен начин'.“
Писмото на Трифонов не е објавено никаде во Советскиот сојуз, но кога еднаш неговото име се слушнало на запад, го третирале со помала суровост.
Павел Месалски од Москва, во тоа време на возраст околу 35 години, е осуден заедно со своето момче во 1984 година. Дотогаш за него било задолжено посебно одделение на полицијата кое е формирано за да се бори против хомосексуалноста. Тука се собирале информации за сите московски гејови. Павел се сеќава дека полицајците го уценувале и сексуално го вознемирувале него и останатите геј мажи.
За да ги осудат Павел и неговото момче, биле доволни изјави од соседите. Немало потреба од докази за хомосексуален чин, кои порано се барале.
Сослушувањето било затворено за јавноста, како и многу други пред него. По сослушувањето Павел и неговиот партнер се испратени во различни затвори. По девет месеци Павел е преместен во камп каде од 1.500 затвореници 200 биле категоризирани како хомосексуалци.
„Во логорот педерите живеат заедно со останатите затвореници, но имаме посебна маса, садови, и врата за излез на слобода. Управата помалку ни помага и немаме можност да работиме добри работи. Кога ќе забележат дека некој од нас е малтретиран повеќе отколку што може да издржи, го преместуваат на друго ниво за да се ослободат од него.
Управата кон мене се однесуваше полошо отколку кон останатите. Сметаа дека злоставувањето е многу забавно: ме следеа наоколу, ме повикуваа во просториите на управникот, што беше најлошо, зашто сите мислеа дека кодошам. Ми предложија да станам доушник, а кога го одбив, поминав три месеци во самица. Потоа ме оставија на мира, но станав проститутка за да се заштитам. Тоа беше единствениот излез, зашто беше невозможно да се живее поинаку.“
Валери Кимов од местото Нижни Тагил исто така има околу 35 години, но веќе е потполно сед. Уапсен е поради стапување во односи со малолетник. Кога дошол во обвинителството му понудиле две опции: да се убие или да ја признае вината. Му се заканиле дека ќе му ги убијат пријателите ако одбие. Ја признал вината и добил три години.
„Бев во состојба да се бранам за време на издржувањето на казната, но имаше случаи кога луѓе беа убивани пред моите очи. Еден од нив беше претепан до смрт во затвор во Свердловск. Во нашата ќелија имаше околу стотина затвореници, а тројца или четворица го силуваа секој ден, и потоа го пикаа под кревет. Беше животински, вистинска ноќна мора. Еднаш десетмина го силуваа, а потоа крвнички му скокаа врз глава. Речиси полудев таму и косата ми стана сосема седа. Така луѓето го губат разумот, а многумина не закрепнуваат ни кога ќе излезат на слобода.
Хомосексуалноста постои на сите нивоа во логорот. Тоа не го прават само педерите, туку и чуварите и останатиот персонал во затворот. Во затворски услови лесно се станува хомосексуалец. Понекогаш тоа не е само физичка потреба, туку и емотивна. Видов изрази на љубов и наклонетост меѓу затвореници кои станаа партнери. Водачот на нашата група, Виктор Попов, ми изјави љубов и побара да бидам со него. Јас бев активен. Дотогаш мислеше дека е 100% стрејт. Сега е оженет и има деца. Понекогаш ме посетува.“
Извор: slavamogutin.com
Фотографии: Sage Sohier