1025 hPa
77 %
14 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 08:59
На бродот Титаник, според некои англиски архиви, имало тројца Македонци: Стојко Кајевиќ, од селото Чучер на Скопска Црна Гора, и браќата Миле и Јанко Смилевски од селото Тресонче близу Маврово. Само Стојко го преживеал потонувањето на Титаник.
Еве нè ноќва повеќе од тројца, повеќе од милион луѓе на претоварениот титаник Македонија, кој со драматично свртување шиба кон ледената санта од која ќе потоне. Треба ли да стоиме вака на палубата пред зашвајсуваните врати на нашето учество во нашата судбина и да го чекаме моментот додека не удриме во таа огромна санта, додека не почне да се полни со вода коритото, додека не се помеша крвта и водата по ходниците, додека семката на нашиот народ се меле меѓу големите челични плочи кои се брчкаат, кинат, и отвораат поглед кон широкиот океан на нашата дефинитивна пропаст?
Оркестарот ќе свири до крај, а пратениците зашеметени од моќта за послушност играат како дервиши во транс, маѓепсани од својата алчност и животински нагон, и ги мачкаат по подот заборавените трошки на сопствената самопочит, и како самоилови камикази се спремни за сè, зошто сега иде време на ловџии, време на лов, време на чување на пленот.
На врвот кај кормилата, Капетанот, заклучен од внатре, фасциниран од себе, воодушевен од своите способности и вештини, како некој пилот во киднапиран авион што понира кон висока зграда во Њујорк, избезумен е ама ѝ се радува на оваа трка и уште сега се ежи од тој прекрасен момент кога мразот ќе се спои со нас, повеќе од милион што сме тука, и со челикот на бродот. И неговото име ќе остане засекогаш запишано во историјата.
И се надева дека во таа секунда пред ударот ќе успее да го изведе своето познато салто и како секој коцкар, особено покераш, да го извади својот ас за спасување, ако не повеќе, на самиот себе. Кога ќе бидат сите во ладната вода, ќе се свестат, и во тие неколку минути мозоците брзо ќе почнат да им работат, ама уште сега е доцна, камо ли тогаш.
На Титаник имало и неколку тони галички кашкавал, ама тоа е премногу нежна и убава приказна, неприкладна за дивинава и лудилото кое го покри небото околу нас.
Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Theodore Gericault