Белешки за популизмот: Да (не) се биде Муртино

20.01.2016 03:13
Белешки за популизмот: Да (не) се биде Муртино

Пред некој ден повторно, по стоти пат во последните 6-7 години, учествував во телевизиска дебата во која, иако поканети, немаше претставник од власта. Во отсуство на власта, јас и моите соговорници уште еднаш извршивме детална вивисекција на политиките и методите со кои владее една криминализирана структура во Македонија. Не е тешко да водиш разговор со луѓе со кои, најчесто, немаш темелни разлики во мислењата. Таквите емисии понекогаш се позабавни, понекогаш поздодевни – се разбира, зависи и од тоа кој ја води емисијата, а и во каква форма се гостите – но, човек не може да ја избегне ситуацијата во која се повторуваат аргументите и тезите од претходниот настап или од неодамна објавениот текст, бидејќи аголот на гледање, аргументите и претпоставките се истите од пред еден месец или од пред една година. По таквите емисии стигнуваат пораки и јавувања од оние кои се согласуваат со вас, речиси никогаш од оние кои имаат поинакви ставови, туку во нивно име истата вечер или веќе следното утро реагира „Курир“, а во мојот случај често и самата ДПМНЕ преку партиски соопштенија и говори полни со омраза или преку неколкуте пропагандни ликвидатори (Латас, Миленко, има и некаков Цветан и сл.), кои се закануваат со најцрниот говор на омраза, вклучувајќи и закани со смрт и друг вид на елиминации. Да, ни други членови од семејството не ви се поштедени, сосе децата.

Што е резултатот од ова?

ТУНЕЛ ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ

Резултатот, во најопшта форма, го сублимира потресното јавување минатата недела на еден анонимен постар сограѓанин од село Муртино на утринската програма на „Канал 5“. Страшно вознемирен од можноста градителот, преродбеникот, патриотот и, општо земено, македонскиот политички ангел – намерно не ставам наводници, бидејќи ја почитувам искреноста на ставовите на гледачот – Груевски да си поднесе оставка толку многу се растревожи, што се расплака до загрцнување, па на водителот му требаа неколку минути за да се обиде да го смири и, со примена на психијатриска терапевтика, да му објасни дека, во политиката, политичарите доаѓаат и си заминуваат и дека тоа не треба да се сфаќа толку трагично, бидејќи животот, сепак, продолжува. Си помислив, каква ли би била реакцијата на овој наш сограѓанин доколку, не дај боже, на Груевски му се случело и нешто полошо од една обична оставка од функцијата?!

Ваквата реакција на нашиот сограѓанин од Муртино е, без сомневање, триумф на пропагандата на власта! Таа пропаганда се обидува цела Македонија да ја претвори во Муртино. Голем дел од своите поддржувачи ги држи во ирационална психоза, во тунелски насочена свест која е поврзана со стравот за крајот на светот и векот. Како кај најмрачните религиозни (и политички) секти, за кои повремено слушаме во вестите од светот кога ќе дојде до масовни самоубиства на некоја американска фарма, или за познатите геноциди кон сопствениот народ од типот на Црвените Кмери во Камбоџа, Културната револуција во Кина или Сталиновите чистки и гулагот во Русија. Дури и стратегијата за најпростачко ширење на антимуслимански и анти-мексикански паранои на еден Доналд Трамп би имала што да научи во Македонија.

СТРАВ ОД ЛЕТАЊЕ?

Добро, може да се спори дали еден гледач од Муртино е баш најрепрезентативниот примерок за донесување на општи заклучоци за состојбата на свеста кај добар дел од македонската јавност. Но и научните истражувања (а не само пропагандните методи на г-ѓа Каракамишева, на пример) потврдуваат дека голем дел од населението во Македонија во себе ги има сите политички карактеристики на авторитарната свест каде од политичарите се очекува да бидат „спасители“ и „татковци на нацијата“, со граѓаните-поданици да управуваат со цврста рака и со справедлива строгост, да крадат од заедничкото, но за другите широкоградо да обезбедуваат корка леб.

Ах, тие студени православни ветришта кои од бескрајните јужни сибирски степи, дувајќи низ островите од бели брези, политички ги разладуваат далеките, топли македонски брда и долини… Какво демократско, северно-азиско освежување!

Кому ова – владеење без дебата за владеењето – не му се допаѓа, нема опција за бунење или за спротивставување, бидејќи и самата таа дебата е акт на предавство, за што следуваат последици, меѓу кои постојаните вознемирувања и шиканирања се најблаги во арсеналот на деспотијата. Кому ова не му се допаѓа, всушност, му е оставена опцијата мирно да си замине. Тоа и се случува: за последните десетина години од Македонија, што трајно, што привремено, си заминаа над половина милион граѓани.

Годинава, 2016, тоа отселување ќе се омасови и, веќе до април, ќе достигне меѓу 20.000-30.000 нови иселеници, бидејќи шансите за подобра иднина во Македонија пропорционално се намалуваат со растот на најавите за странски инвестиции во земјава. Убедени од официјалната пропаганда, голем дел од „народот“ мисли дека клучниот виновник за ваквата ситуација е Заев, уште од времето на Тито, бидејќи во Македонија на време не се градеа споменици и барокни фасади за да можат луѓето да останат и пристојно да си живеат во татковината.

Не ми верувате дека е така? Е, па, слушнете го нашиот сограѓанин од Муртино, па да водиме дебата. Додека, со голем багаж, чекаме во ред за чекирање на шалтерите на скопскиот аеродром. Или е време, со едно големо здружување, да се докаже дека цела Македонија е поголема од Муртино. Некако, трета опција како да нема.

 

 
Заев е недобар, нездрав... жена му у Струмица се...

ЗАЕВ Е НЕДОБАР, НЕЗДРАВ... ЖЕНА МУ У СТРУМИЦА СЕ...

Posted by Gledy Network on Friday, January 15, 2016

Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).