Злосторството на молкот: преговара ли овчарот со волкот?

20.01.2016 17:05
Злосторството на молкот: преговара ли овчарот со волкот?

Nisu krivi sedativi
sto ih nisu sputali
sorry, matori,
krivi smo mi
koji smo ćutali
(Ѓ. Балашевиќ, „Криви смо ми“)

 

Велам дека секој човек се раѓа со право на живот. И со право да има услови за живот, согласно околностите во кои живее и согласно неговите можности и способности. Тоа, пак, подразбира дека секој од нас има право да бара еднакви шанси за почеток, рамноправни услови за старт и фер правила кои ќе важат за сите во текот на играта. Никој, ама баш никој не смее да му го одземе тоа право.

Велам дека во Македонија тоа вродено право на човекот му е одземено, бидејќи не постои правда и слобода. И кога го тврдам ова, мислам, пред сè, на партискиот протекционизам кој ни се сервира како прифатлив начин на живот (modus vivendi), како нешто на кое треба да се навикнеме (c’est la vie) до таа мера, за на крајот да го прифатиме како нешто веќе видено или доживеано (déjá vu). Од нас се очекува само да молчиме и во неограничени количества да ја консумираме лагата и неправдата, прифаќајќи ги нормите на партискиот протекционизам октроирани од партијата на власт.

Го споменав феноменот на партискиот протекционизам, кој е само еден од многуте дефекти на нашиот формален и формализиран политички плурализам, а фактички еднопартиски апсолутизам. Нема да ги споменувам партиските медиуми кои водат специјална психолошко – пропагандна војна против сопствениот народ, партизираните судови кои делат неправда, новокомпонираните партиски факултети кои даваат незнаење, или партизираната администрација која ѝ служи на партијата, а не на државата. Ќе зафатам многу простор, кој ќе биде преширок дури и за мојата мала земја-партија, моделирана според технократскиот вкус на еден берзански работник, привремено дојден на функцијата премиер.

Велам дека во Македонија има многу умни луѓе, кои добро ги разбираат овие аномалии. Едните ги има, а ги нема, односно молчат, а другите, едноставно ги нема затоа што бегаат од земјата. Ниту сакам, ниту можам, а најмалку пак, имам право да им го забранам тоа, бидејќи секој човек има вродено право на избор. Со таа мала разлика што молчењето е став на совеста, а бегањето (евакуацијата, иселувањето, емигрирањето) е нешто сосема друго.

Сепак, заради чувството на одговорност кон себе и кон моите најблиски, имам морална обврска „ќутолозите“ да ги потсетам на неколку работи:

Во Македонија не се води меѓупартиски натпревар. Напротив, во Македонија четири партии се ставени во ситуација да преговараат и договараат како да се излезе од дубиозата произлезена од „бомбите“ на опозицијата. Во нив се содржани телефонски разговори од кои се гледа (и слуша) злоупотреба на власта на повеќе нивоа и во повеќе форми, во режија на актуелниот премиер и неговиот братучед. Да упростам, парадоксот на т.н. „Пржински договор“ се состои во простиот факт според кој сите четири партии требаше да се договорат за излез од длабоката политичка криза предизвикана од обелоденувањето на злоупотребите на власта извршени од една од нив (додуша ни ДУИ не е поштедена).

Намерно го употребувам терминот „парадокс“, бидејќи на главните осомничени за злосторство против сопствената држава и народ, им се даде шанса рамноправно да учествуваат, преговараат и договараат за исполнувањето на обврските од Договорот. Поедноставно кажано, од генераторите на кризата наивно се очекуваше да придонесат за излезот од кризата која тие самите ја создадоа. Опозицијата само ја обелодени. Според очекувањата, криминалците до крајот си останаа криминалци и, не само што до последен здив го опструираа договореното, туку и надвор од тоа, си закажаа избори на неисполнети услови.

Велам дека врхушката на ВМРО-ДПМНЕ ја втурна мојата Македонија во криза, коjа минуциозно се планирала и инплантирала до невидени размери. Впрочем, тоа педантно е констатирано во ланскиот извештај на Прибе, во кој, меѓу другото, констатирани се следниве системски аномалии:

-Корумпираното судство кое е под влијание на партијата на власт,
-Несоодветните истраги за криминал кои се прават под партиско влијание,
-Злоупотреба на притворот како алатка за тортура,
-Недостатокот на соодветни контролни механизми на власта,
-Нерегуларности во изборите, партизирана Државна изборна комисија, директна политичка изборна манипулација, нетранспарентно финансирање на партиите, употреба на државни пари за изборни активности,
-Загрозена слобода на медиумите кои не можат да ја извршат својата функција со што е нарушено правото на информирање преку мешање на партијата на власт медиумите, а тоа доведува до задушување на дебатите и критиките.

И затоа, почитувани интелектуалци, професори, академици, писатели, филозофи, социолози, политколози, поети, односно сите вие кои треба да претставувате СОВЕСТ на едно општество, а сега нигде ве нема, мора да си ја понесете сопствената одговорност. Простете, ама вашето молчење е поддршка на злото наречено груевизам. И соучесништво во истото.

Дами и господа „ќутолози“, во Македонија не се води битка за власт. Во Македонија се води борба за слобода и правда. Таа борба не ја води Заев и неговата партија, туку ние граѓаните. Ние ја почнавме и ние ќе ја завршиме.

И немој да кажете дека не сум ви кажала.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторката
На сликите: Мебел во облик на диви животни, Максимо Риера

ОкоБоли главаВицФото