Власта во танц со самата себе

21.01.2016 14:44
Власта во танц со самата себе

Старата изрека вели дека за танго секогаш требаат двајца. Сепак, и тоа правило има исклучоци. Како во онаа песната на Били Ајдол – „Танцувајќи со себе“. А токму таков танц очигледно преферира власта во Македонија.

Од изборни победи со фалсификати (мртви гласачи, Пустец, лажни лични карти…), тешки злоупотреби на институциите (МВРО-ВМРО, плацеви, провизии со Израелци, Кинези…), притисоци и уцени (обезбедени гласачи во замена за останување или добивање работно место, субвенции, социјална помош…), избори кои сепак, беа на некој начин легитимирани со учеството на опозицијата, власта брза да спроведе исти такви избори, еднострано, без да се завршат до крај нужните реформи за прочистување на избирачкиот список и за ослободување на контролираните медиуми, со што би биле исполнети условите за фер изборен натпревар.

Во ваква состојба, опозицијата нема многу избор. Не можеш со некого да танцуваш на сила. Или, да бидеш асистент во алхемијата со која договорите се претвораат во тоалетна хартија. Затоа, таа мора цврсто да опстои на одлуката да не учествува во таква лакрдија. Власта, овојпат навистина, треба да се остави сама со себе, да го одигра последниот чин на нејзиното тотално делигитимирање.

Оние што цело време трубат дека ја имаат поддршката на народот, оние што пред неколку месеци категорично тврдеа дека нема да има избори, дека нема да поднесуваат оставки бидејќи тоа би било кукавичлак, дека објавените снимки од опозицијата биле од странски служби и мрачни сили, дека биле сечени, лепени и монтирани…, штом сметаат дека успешно ја одиграа фарсата со договорот и запршката од Пржино, со која сепак признаа дека се кабает, сега треба да бидат оставени сами да си ги спроведат изборите кои ги нејќеа, „на нивен начин“.

Нека си тераат предизборна кампања. Нека муабетат сами со себе на медиуми. Нека им зборуваат на митинзи на луѓе донесени со сила, од зорт. Нека играат сендвичите, нека брмчат караваните со автобуси. Нека фрштат мејлови, наредби, инструкции, секојдневни состаноци по штабчињата кои ги има во секое маало, вo секое село и град.

Се разбира, со одбивањето на опозицијата да учествува на такви избори, „реформите“ и танцот нема да престанат. Море, ќе се прочисти и избирачкиот список со брзина на светлоста – со методот „бутни под ќилим“, а и медиумите ќе се „отворат“ за опозицијата. На кој начин – видовме неодамна на Канал 5. Ќе се создава привид на конструктивност, особено пред меѓународната заедница. Власта, со ситни придобивки и ѓоа отстапки, ќе се труди да ја намами опозицијата на изборна кланица.

И по сите танцувачки еквилибристики, пируети и други трикови од арсеналот на пропагандистичката машинерија, доколку ситуацијата остане ваква – каква што е, a опозицијата остане цврста во своите определби, на нивните „избори“, властодршците, сепак, ќе се соочат со вистинскиот пораз. Нека дознаат дека топтан сите партии на власт, онаа фамозна тројка, имаат поддршка од едвај 20% од гласачите, од кои најмалку половина гласаат за нив, бидејќи мораат. Останатите 80%, во меѓувреме, да го подготвуваме тој пораз, и да го дочекаме подготвени, на улица.

Полошо од ова, и онака, нема. А подобро, можеме и мораме. Додека власта танцува со себе, да го одиграме танцот на слободата.

Извор: civil.org.mk