Григориј Перелман, блескавиот руски ум

22.01.2016 11:27
Григориј Перелман, блескавиот руски ум

Живее аскетски живот, чита книги и тоа го прави бескрајно среќен. Невработен е. Живее во Санкт Петербург, во станот на мајка му, од нејзината пензија. Григориј го потврдува непишаното правило според кое „на секој гениј му е потребен брат или сестра кои ќе го издржуваат“. Соседите ретко го гледаат. Понекогаш шета во старо сако и во излитени фармерки. Тврдат дека живее во сиромаштија, иако веруваат дека Григориј го мисли истото за нив.

Григориј живее во Поенкареовиот модел на хиперболична геометрија, а тој свет е поубав и поинтересен од овој нашиот, еуклидскиот. Деновите на земјата што ни се дадени поминуваат, животот продолжува да биде поезија на занесен уметник... Ширум светот, Григориј стана потсмев претежно за оние кои едвај завршиле и „осмолетка“. Истите оние кои би му делеле совети и на Ајнштајн, додека Тесла би го ограбиле на улица. Тоа што алгоритамот на Перелман сè уште не може да најде примена за бестијалноста на рудиментните нагони, колку и интелектуално да звучат тие, само ја открива примитивноста на замката со која критичарите на Перелман се обидуваат да го надитрат животот.

Математиката не е работа на мислење, како што ни човекот не е рационално битие. Светските институции би требало да го регулираат правото на „возрасните“ да бидат ирационални и неразбирливи. Психологијата учи дека кога ќе се најде објаснување за некоја околност или појава, тогаш се блокира природната тенденција на свеста самостојно да дејствува понатаму.

На тој начин веќе не се запознаваме себеси, ниту развиваме креативни идеи. Една од мистагошките категории е токму Григориј Перелман кој реши еден од седумте милениумски проблеми на математиката: тополошкиот проблем според кој секој тродимензионален простор кој е без дупки, поврзан и конечен, всушност е еквивалентен на развлечената сфера. Околу осум години работел на решавање на хипотезата на Поенкаре, а целата постапка ја објаснил на 1 000 страници. Освен што одбил милион долари, запаметен е по реченицата: „Ако можете да ги тренирате рацете и нозете, зошто избегнувате да го тренирате мозокот?“

Математиката е универзален модел на природата, а природата е сè што знаеме. Уметноста и филозофијата се темелат на математиката, додека науката и уметноста се спојуваат во крајната точка. Григориј е руски уметник, љубител на виолина и математичар, кој интелектуално е над монетарниот систем. Само таква личност и можела да реши милениумски проблем. Умен и скромен, Перелман би требало да биде пример за српскиот „џет сет“ кој знае да брои, но и понатаму на прсти.

Западот изгради империја на суетата на простите луѓе. Антипод на Макијавелизмот, Русинот Григориј, е модерниот Диоген, слободен во секој поглед. Иако е социјален случај, на Перелман му е доволно она што го има, додека на некого му е малку да му го подарат и Белград.

Овој Русин е роден на 13 јуни 1966 година, а како еден од петте членови на советската екипа, 1982 година на Меѓународната математичка олимпијада освоил златен медал. Докторирал во Санкт Петербург, предавал на неколку американски универзитети, но 1994 дал отказ на Беркли во Калифорнија, и се вратил во Русија. Иако го решил милениумскиот проблем на Поенкаре, се пофалил само на еден колега. Овој, воодушевен од откритието, резултатите ѝ ги презентирал на научната јавност.

Трустот математички мозоци по долга низа испитувања го прогласил неговиот резултат за победоносно откритие. Перелман ги одбил Филдсовата награда (еквивалент на Нобеловата), како и признанието CMI во висина од милион долари. Луѓето како Григориј ги надраснуваат медиокритетите и секојдневните човечки потреби, па и потребата за пари и слава. Не се појавил на церемонијата на доделувањето во Мадрид, што се случило првпат во историјата на оваа награда, со коментар дека „токму тој ден мора да бере печурки во шума“. Сосема логично објаснување на еден гениј.

Перелман накратко прокоментира дека Европското друштво математичари не е компетентно да ја оценува неговата работа, без оглед дали оценката е позитивна. Само со неколку зборови, за руските медиуми изјави дека не е заинтересиран за пари, ни за слава, и дека не сака да биде изложен како животно во зоолошка градина. По тоа, стана најголема енигма во историјата на американските медиуми за кои капиталот е на ист ранг со божество.

Сите соби во станот на Перелман се преполни со книги и хартии. Соседите се жалат дека им пречи кога со топче за пинг понг тропка на ѕидот.

Обичните смртници трчаат по материјални нешта, пари, слава... Додека луѓето како Григориј се задоволуваат со основни потреби, со императив на трагањето по тајни. Резултат од тоа е што материјалистите многу побрзо заминуваат во заборав. Оние како Моцарт, кој починал на 36 годишна возраст во најголема материјална беда и кој е погребан со сиромашните, па ни денес не се знае неговиот гроб, живеат вечно.

Прелман не се грижел за сопствените интереси, колку за човештвото и идните поколенија. На некои луѓе едноставно им е важно да имаат пари за да можат да купат Ауди, на главата да стават „Реј Бан“, и по цел ден да седат во некое помодарско кафуле. На крајот, зад себе ќе остават зборови како: „Излегував, се забавував...“

Гледањето српски телевизии во поголемиот број случаи спаѓа под патологија, а бидејќи човекот се претвора во она што го гледа, резултатот е еднаков како да сте си пукале во нога. Она што го направи Григориј Перелман не можат да го купат ни милијарда долари. Токму од тие причини што речиси никој не го разбира, тој го разбра и сфати она што никој не можеше во последните 100 години. И најблескавиот ум на сите времиња, Никола Тесла, умрел како сиромашен човек. Иако заслужил неколку Нобелови награди, парите ги земале оние што ги украле неговите изуми. Зборувал дека не му било жал што ги крадат неговите идеи, туку што немаат свои. Кај нас имало уште филантропи, големи луѓе на кои не им било потребно да бидат големи. Последниот беше благословениот патријарх Павле.

Човекот кој живее за принципи, а не за пари, го отфрла комодитетот знаејќи дека постои нешто што е повредно од парите. Нештата се финансиски лимитирани и не постои нешто за кое не може да се преговара. Таквиот вазален однос не се вклопува во концептот гениј. „Нормалноста“ која ја наметна мнозинството, доведе до тоа нашите „интелектуалци“ речиси никогаш да не одбиваат, да речеме, 100 евра, 200 гр. кафе или шише вињак. Затоа гениите на нашите простори сè почесто се личности чии имиња носат еднонасочни улици.

И во Русија, Григориј често е мета за потсмев. Многумина му префрлуваат што не ги земал парите и не ги дал во добротворни цели, заборавајќи дека тој наместо пари, на идните поколенија на цивилизацијата им остави врвно знаење, сосема бесплатно.

Гениите често имаат проблем во комуникацијата со околината, но затоа го компензираат тоа во некои други нешта. Токму таквите го движат светот. Додека да се биде богат значи да се биде човек кој во целосна самотија се забавува со силата на својот дух и текот на мислите.

Последното што рускиот гениј им го кажа на новинарите, беше: „Знам како функционира Универзумот. Зошто тогаш би трчал да земам некои милион долари, кажете ми?“

Извор: http://www.portalomanija.com
 

ОкоБоли главаВицФото