Славни фотограф(к)и: Тина Модоти

22.01.2016 18:19
Славни фотограф(к)и: Тина Модоти

Тина Модоти е италијанска фотографка, модел, актерка, и револуционерна политичка активистка. Модоти е родена како Асунта Модота Мондини во Удине, Фриули, Италија. Во 1913 година, на 16-годишна возраст, емигрирала во САД за да му се придружи на својот татко во Сан Франциско, Калифорнија. Привлечена од перформативните уметности поддржани од страна на италијанската емигрантска заедница во Сан Франциско, Модоти експериментирала со актерството. Се појавува во неколку претстави, опери, и неми филмови во доцните 1910-ти и почетокот на дваесетите години, а исто така, работела и како уметнички модел.


Раце на куклар, 1929 година

Во 1918 година таа се мажи со Рубе „Робо“Де Л’абрие Ричи и со него се сели во Лос Анџелес со цел да ја продолжи кариерата во филмската индустрија. Таму го запознава фотографот Едвард Вестон и неговата помошничка Маргрет Матер. Од 1921 година, Модоти станува омилениот модел на Вестон, а од октомври истата година, и негова љубовница. Сопругот на Модоти, Робо, се чини дека насетил дека помеѓу нив постои некаква врска, па во 1921 година се сели во Мексико. Сакајќи да му се придружи во Мексико, Модоти пристигнува два дена по неговата смрт, на 9 февруари, 1922 година.

Парада на работинците, Мексико, 1926 

Во 1923 година, Tина се враќа во Мексико со Вестон и неговиот син Чендлер. Модоти и Вестон брзо гравитирале кон боемската сцена во главниот град, и ги искористиле познанствата за да го прошират бизнисот со портрети. Тоа е истиот временски период во кој Модоти запознава неколкумина политички радикали и комунисти, вклучувајќи и тројца лидери на Комунистичката партија кои на крајот романтично се поврзале со неа: Хавиер Гереро, Хулио Антонио Mела, и Виторио Видали.

Телефонски жици, 1925

Од 1927 година, Модоти станува сè пополитички активна (таа година се приклучува на мексиканската Комунистичката партија), па така открива дека нејзиниот фокус се менува и поголемиот дел од нејзината работа станува политички мотивирана. Во тој период нејзините фотографии почнуваат да се појавуваат во публикации како што е Mexican Folkways, Forma, и уште порадикално мотивираните El Machete.


Жена со знаме, 1928 година, пронајдена во куќа во Орегон во 1990-тите

Во Мексико, Модоти формира заедница на културни и политички авангардисти. Таа станува најзначајна фотографка на расцутеното Мексиканско мурално движење, посветено на документирање на делата на Хосе Клементе Ороско и Диего Ривера. Во тој период, нејзиниот визуелен вокабулар значително созрева, како и нејзините формални експерименти со архитектонски ентериери, цвеќиња и урбани пејзажи, а посебно се истакнува со нејзините лирски слики од селани и работници.Раце на работник, 1927

Всушност, нејзината ретроспективна изложба во Националната библиотека во декември 1929 била рекламирана како „Првата револуционерна фотографска изложба во Мексико“. Таа стигнала до висока точка во нејзината кариера како фотографка, но во текот на следната година, била принудена да го остави својот фотоапарат настрана, поради поитни проблеми.


Срп, муниција и гитара, 1927

Во текот на истиот период, економските и политички противречности во Мексико и во Централна и Јужна Америка се интензивирале, и тоа довело до зголемена репресија на политичките дисиденти. На 10 јануари, 1929 година, пријателот и придружник на Модоти, Хулио Антонио Мела бил убиен, наводно од страна на агенти на кубанската влада.

Две жени oд Техунатепек, 1925

Набргу потоа бил направен обид за убиство на мексиканскиот претседател Пасквал Ортиз Рубио. Модоти, која била цел на мексиканската и италијанската политичка полиција, била испрашувана за двете злосторства, среде планираната антикомунистичка, антиимигрантска медиумска кампања, која ја прикажува „жестоката и крвава Тина Модоти“ како сторител. (Еден католички ревнител, Даниел Луис Флорес, подоцна бил обвинет за убиството на Рубио. Хозе Магринат бил уапсен за убиството на Мела.)


Селанец, 1926

Како резултат на анти-комунистичка кампања од страна на мексиканската влада, Модоти била протерана од Мексико во февруари, 1930 година, и испратена под стража на брод кој патува во Ротердам. Италијанската влада направила заеднички напори да ја екстрадира како субверзивна граѓанка, но со помош на активистите од International Red Aid, таа го избегнала притворот од страна на фашистичката полиција.

Мајка и дете, Техунатепек, Мексико, 1929

Патувајќи со виза со ограничен рок, со нејзината последна дестинација, Италија, Модоти прво застанала во Берлин и од таму ја посетила Швајцарија. Најверојатно имала намера потоа да оди во Италија и да се приклучи на антифашистичкиот отпор. Меѓутоа, како резултат на влошената политичка ситуација во Германија, и нејзините сопствени исцрпени ресурси, таа го следи советот на Виторио Видали и во 1931 се сели во Москва.

Раце кои се одмораат на алат, 1929

Во текот на следните неколку години Модоти била ангажирана во различни мисии во име на помош на Меѓународните организации за работнички права и Коминтерната во Европа. Кога во 1936 година избувнала Шпанската граѓанска војна, па Видали (тогаш познат како „Командант Карлос“) и Модоти (користејќи го псевдонимот „Марија“) ја напуштаат Москва за да заминат во Шпанија, каде што остануваат и работат до 1939 година. Во 1937 година соработувала и со познатиот канадски доктор Норман Бетуни Малага. Во април 1939 година, по колапсот на републиканското движење во Шпанија, Модоти ја напушта Шпанија заедно со Вилади и се враќа во Мексико користејќи псевдоним.


Aвтопортрет во огледало, Париз, 1931

Модоти умира од срцев удар во Мексико, во 1942 година, според некои, под сомнителни околности. Откако слушнал за нејзината смрт, Диего Ривера коментирал дека Видали го оркестрирал тој немил настан. Можеби Модоти „знела премногу“ за активностите на Видали во Шпанија, кои вклучувале, како што се зборувало тогаш, околу 400 егзекуции. Нејзиниот гроб се наоѓа во огромниот Panteón de Dolores, во Мексико. Епитафот посветен на Тина Модоти го напишал поетот Пабло Неруда, а извадок од него стои на нејзниот надгробен споменик каде што е направен и портрет на Модоти, од страна на граверот Леополдо Мендез:

Чисто е твоето нежно име, чист е твојот кревок живот,
пчели, сенки, оган, снег, тишина и пена,
комбинирани со челик и жица и
полен за да му ја дадат вистинската форма на твоето силно
и деликатно битие.

Извор: www.famous-photographers.orgwww.modotti.com

 

 

ОкоБоли главаВицФото