Инвалидизирана култура

23.01.2016 12:47
Инвалидизирана култура

1.

Ако е вистина, а вистина е, дека овие, како што вели Фрчкоски, ни оставаат (благо речено) инвалидизирана држава, тогаш тоа е најевидентно токму во културата, образованието и науката. (Политиката и демократијата ни се одамна во количка!). Зашто, мислам дека инвалидитетот прво удри таму, како во „најмеки“, најнеотпорни на притисоци сегменти, па потоа како епидемија се ширеше и низ другите области. Зошто? Зашто културата (и образованието, и науката) по правило се најлесно ранливи, особено фрагилни, пропулзивни за разноразни шизофрени егзибиции што ја тестираат нивната издржливост. Која сè будала не „помина“ низ нив оставајќи своја „трага“ со мрсните прсти! Македонската култура особено, во принцип, е лесно ранлива, да не речам кршлива, не само заради нејзината некохерентност, релативна нестабилност и сè уште прилично кусата (современа) историја. Иако вековните перипетии низ коишто, присилно, поминувал македонскиот културен дух требало да го направат посилен, поимун на насилијата и инвазивните пробои од различна провениенција, тоа изгледа не се случило. Ранливиот дух кај нас, се чини, е – константа! Особено во изминативе години, македонската култура покажа дека не е имуна на ломови, на лаги, на измами, на празни зборови / ветувања... Но тоа не е само македонски случај, се разбира, иако барем на Балканиве ние потврдуваме дека (и) во тоа сме на врвот. Србија не е нешто многу подобра во овој поглед, ама сепак емитира(ше) сериозни знаци на отпор, на протест, на „подземно“ делување …

2.

Несомнено е дека потенцијалната склоност кон инвалидитет, како и кај физикусот, се должи на слабата структура на скелетот како целина, а потоа и на некои од виталните поврзувачки „линии“, па на малите но битни „зглобови“ што ја раздвижуваат целината итн.

Ако културата ја посматраме како (навидум) компактен физикус, тогаш нејзините институции би биле таа носечка скелетна структура врз која што почиваат, или се врзуваат, сите останати сегменти. Затоа таа структура, тој конгломерат од различни, а сепак сродни и поврзани делови е толку битна за вкупниот изглед на телото на културата, неговата исправеност, функционалност, подвижност итн. И издржливост, се разбира. На секакви потенцијални ломови што водат кон евентуален инвалидитет. И затоа, впрочем, нападот врз нејзините институции беше атак токму врз костурот на македонската култура. Комплетното поништување на сите професионални, стручни и слободномислечки елементи во институциите значеше почеток на нивниот крај, тенденција кон целосна атрофија на нивните (не само витални) функции. Што впрочем го живееме денес. Кон таквиот развој на настаните придонесе милитантната инсталација на партиски мутанти и послушници без какви и да се допирни точки со културата, (рако)водени од полуписмени баби и тетки, стрини и чичковци на актуелнава врхушка, или некоја од оние подопашни продадени души седнати во директорските места. Тие црни анти-тела ги разоруваа институциите од внатре, директно предизвикувајќи целосен колапс на културниот организам.

Паралелно со атрофијата на институциите, втората насока кон инвалидизирањето на културата се движеше кон окупација на професионалните здруженија / асоцијации во областа на културата како можен контра-баланс и битен сегмент во културниот крвоток. Во изминатиот период на видело излегоа сите прикриени гадинки, залегнати со години во еснафските здруженија, партиски војници или властелински послушници кои требаше да го следат малоумниот курс на варварите и да помагаат „од страна“ во нивните идеи за преземањето и рушењето на децениските текови на македонската култура и уметност. И овие ја изиграа својата (и нивната) игра, сместувајќи се не само како „водачи“ на еснафите туку и како „експерти“ во сите можни комисии и тела на власта, особено во Министерството за (не)култура, подривајќи ја секоја конструктивна иницијатива и проект, отстранувајќи сè што не смрдеше на измамите на власта! Наградите им не беа мали, и не само во форма на „заслужени“ хонорари, туку и присуство на разноразни „стручни“ собири, претставувајќи една целосно искривена слика за македонската култура.

3.

И кога ќе ги инвалидизирате носечките столбови во една област, преостанува да се справите со останатите „слободни“ механизми, поситни „зглопчиња“ и „шрафчиња“ што добиваат смисла само во функцијата на целата машинерија. Отсуството на синхронизација во целиот организам значеше колапс и на овие делови.

Некорумпираните интелектуалци, слободномислечките професионалци, моралните и чесни културни работници можат да водат лични битки, но тие се (нај)често однапред осудени на пропаст. Или, во најмала рака, на ограничени ефекти. Ним им е потребна силата на машинеријата, на заедницата, на професијата, на правдата … за да бидат ефикасни и, кога треба, убиствени. Со години немаа таква потпора во поширокото (не само) политичко опкружување каква што имаат последнава година. Не сум сигурен дека (политичката) опозиција и денес има големо разбирање за веќе очебијниот инвалидитет на македонската култура, иако од неа добива можеби мали, но значајни поддршки. А за возврат (нај)често не дава ништо, или дава многу малку!

Но, културата, особено уметноста, во нормално време, ниту треба да се потпира на политиката, барем не на онаа за која што вообичаено говориме со израз на гадење на лицето, онаа што секојдневно ја гледаме низ мегафонските медиуми на власта. Но ова не е нормално време, веќе одамна. Затоа, на културата (ќе) ѝ треба недвосмислена и јасна поддршка од политиката во идните расчистувања на состојбите и кревањето на инвалидот на (колку-толку) здрави нозе!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Џакомо Кармањола

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото