Грчев пред 30 години: Децата на кризата

26.01.2016 02:42
Децата на кризата

Кога наидува опасноста бројната прашумска популација ја стивнува вообичаената врева. Животните инстинктивно знаат дека тишината во кризни ситуации им ја зголемува шансата да преживеат. Прашумската штама е состојба на висока напнатост и концентрација, но и на достоинство, зашто борбата што ја навестува никогаш не е без жртви.

Нашата криза како во сè да е спротивна на прашумската. Наместо во тишина, таа се одвива во заглушувачка врева; наместо кај луѓето да предизвикува напнатост и концентрација, таа побудува апатичност; наместо да е достоинствена, таа веќе заличува на фарса. Етерот и печатот, улиците и кафеаните се полни со егзалтирана брбливост наместо со ладна одлучност. Во поплавата на баналности и општи места не може веќе да се распознае ниту еден јасен концепт за излез од кризата; добрите идеи, како и глупостите, го сочинуваат истиот неподнослив шум. Гласот на мудрецот има иста вредност како и гласот на лудиот.

Зарем кога наидува опасноста нашата култура не може да исцеди ни толку мудрост колку што животните инстинктивно поседуваат? И, кој ја создава сета оваа врева?

Се чини дека проблемот е во тоа што ние кризата ја сметаме за елементарна непогода, или, можеби, зла судбина. Овој фаталистички однос ни пречи да сфатиме дека кризата е човечко дело и дека некој нè воведува во неа исто како што под нечие водство треба да излеземе од неа. Тие што нè вовлекуваат во кризата, општата рецесија ја доживуваат како доба на напредок и благосостојба. Тие се вистинските деца на ова време, тие се децата на кризата. Одвратната врева што нè парализира е радосното огласување на нивниот настап. Придавувачката плима на глупости и општи места во нашиот јавен живот е оружје со кое тие ги банализираат и уништуваат нашите идеали. Нашите напредни сили се во дефанзива, зашто оваа врескотница им ги отапува мислите како што тоа го прави летното сонце и агресивниот штуречки хор кој упорно го вергла своето глупо: жежи-печи, жежи-печи...

Секоја епоха ги исфрла своите деца на површина. И оваа наша криза ги бранува и меша слоевите: на површина избива и она што долго се таложело на дното. Ова бранување ги растура вредностите, критериумите и етичките норми, па многумината кои порано не можеа да ја поминат селекцијата, денес ги реализираат своите болни амбиции. Затоа децата на кризата ги карактеризира остриот контраст помеѓу способностите и професионалните положби. Тоа се тв-спикерите со говорна мана и изглед кој во темна улица е опасен за трудници и срцеви болни; универзитетски професори чијашто неписменост е многу поголема отколку што тоа се гледа од фактот што не напишале ниту ред во животот; комунистите чијашто единствена врска со партијата е што не плаќаат членарина; млади бунтовници кои сонуваат за седумка на лото и предвремено пензионирање; интелектуалци кои сметаат дека е нелојално да се мисли со своја глава; јавни работници кои работат во илегалност; и уште многу други живописни ликови. Сиот тој свет на рептили и монструми кризата го исфрла од темните длабочини на површина. Кризата е нивната револуција, а тие се нејзините чеда.

Вревата што нè заглушува е одраз на нивната премоќ. Мораме, затоа, да се избориме за малку тишина. Да ги средиме мислите и да создадеме концепт. Да ги збиеме редовите. Мораме да се избориме за онаа тишина која ќе го навести решителниот бој.

Ќе остане, меѓутоа, и тогаш еден нерешен проблем: кои сме Ние, а кои се Тие?!

Комунист, 6 ноември 1987

ОкоБоли главаВицФото