Брзо и лесно до диплома

26.01.2016 12:01
Брзо и лесно до диплома

Во јуни минатата година, два месеци по стапувањето на должност на министерот за универзитети и наука, Дејвид Вилетс, на институцијата BPP University College of Professional Studies ѝ додели статус универзитет, што, по Универзитетот во Бакингем, ја прави само втора приватна институција во Англија која смее да доделува дипломи.1 BPP на никаков начин не наликува на американските приватни непрофитни универзитети кои се наоѓаат на врвот од листата World University Rankings. Ова е пример за нов вид приватни профитни институции кои се раширија во САД во текот на последните десет години. BPP, чии четиринаесет регионални кампуси ги посетуваат дури 36 500 студенти, од 2009 година е во сопственост на Групата Аполо, водечка профитна образовна корпорација во Соединетите Држави.

Златните години на оваа индустрија почнаа со дерегулацијата на високото образование во времето на Џорџ Буш, кој ја постави главната вашингтонска лобистка од Групата Аполо, Сели Струп на местото државен секретар за високо образование. Вистинскиот полет почна со финансиската криза од 2008 година која создаде голем број невработени, неквалификувани луѓе, нестрпливи да се дограбаат до дипломи кои би им помогнале да обезбедат пристојно вработување. Додека остатокот од Вол Стрит понираше, прометот на Аполо во периодот од 2008 до 2010 година се зголеми за 25 проценти, до износ од 4 милијарди долари. Нивниот водечки универзитет, оној во Феникс, во моментов е најголемиот во Америка и има 500 000 студенти. Тоа е многу повеќе од целиот универзитетски систем во Калифорнија и Ајви Лигата заедно; Универзитетот во Феникс веќе е подеднакво голем како сите универзитети од Групата Расел.

Претпоставката според која се водат овие нови институции е дека интернетот е идеален медиум за доставување материјали за учење до студентите кои немаат доволно пари, а можат да учат од дома во согласност со своите обврски. Автоматизираните упати го намалуваат скапото време за контакт со предавачот и им овозможуваат на институциите максимално кратење на трошоците за простор, иако некои од нив градат нови кампуси за да го зајакнат сопствениот бренд, а кои нивните студенти никогаш нема да ги посетат. Заради изумирањето на пазарот на трудот во секторот на јавните универзитети не недостасува предавачки кадар на кој очајнички му треба работа, што дополнително ги намалува трошоците. Некои од нив дури немаат договор за работа по академската година и можат да бидат отпуштени речиси без отказен рок.

Парите кои некогаш беа наменети за наставнички плати сега се трошат за маркетинг кој достигнува дури 25 проценти од вкупните трошоци: во 2010 година Групата Аполо потрошила милијарда долари за маркетинг и привлекување нови студенти. Улогата на образованието не е сигурна: ако тоа е најбрзиот начин за стекнување профит, тогаш никој нема да се грижи што една четвртина од средствата веќе не се трошат за подучување. Агресивните пропагандни кампањи на Феникс го преувеличуваат квалитетот на студиите и вредноста на дипломите. Телефонските аквизитери, од кои некои се платени по договорена пријава, а не на час, добија инструкција кај луѓето да го искористуваат стравот од заостанување од економијата која забрзано се менува.2

Што побрзо треба да се намамат нови кандидати, па студиските циклуси почнуваат секој месец. Клучно е пресметаните средства од сојузната благајна да се претворат во иден студентски долг преку универзитетските установи, во џебовите на акционерите и главните директори. Секој од тројцата главни директори од Групата Аполо во 2008 година добил повеќе од шест милиони долари; Џон Сперлинг, основачот на Универзитетот во Феникс, сега е милијардер.

Во моментот во кој студентите сфаќаат дека погрешиле често веќе нема начин да се откажат, а од другата страна на телефонската слушалка нема никој да им помогне; не им преостанува ништо друго туку да ги стиснат забите и по завршувањето на студиите да се обидат да вратат дел од вложеното. Но, многу малку студенти ги завршуваат студиите: според статистичките податоци процентот на завршување на студиите по шест години изнесува 9 проценти. Оние кои ќе ги завршат таквите студии остануваат со двојно поголем долг од оние кои дипломирале на непрофитните приватни универзитети и со трипати поголем долг од дипломците на јавните универзитети. Покрај тоа, често се покажува дека дипломите што ги добиваат по толку надувани цени се безвредни.

На три поранешни студентки, интервјуирани за документарецот на PBS, College Inc. кој за првпат беше емитуван во мај минатата година, им биле врачени дипломи од сестринството без никаква болничка практика. Студентката наговорена на докторат по психологија пред самиот крај открила дека нејзините дописни студии дури само „тежнеат“ за акредитацијата потребна за доделување ваква диплома.3

Во негативниот извештај на Министерството за образование од 2004 година, заклучено е дека, според формулацијата на списанието Chronicle of Higher Education, Феникс има „политика на силен притисок за продажба“ која ги застрашувала регрутерите, па не можејќи да ги остварат квотите поттикнувале запишување неквалификувани студенти – накратко, биле наградувани регрутерите кои постигнувале најголем број новозапишани. Аполо противзаконски го прикри извештајот, но тоа протече во јавноста и вредноста на Групата на пазарот драстично падна. Беше подигнато обвинение во кое се тврди дека управата ширела неточни финансиски извештаи во обид да ја зголемат вредноста на акциите и да привлечат вложувачи.

Надзорниот и главен сметководител на компанијата, во 2006 година поднесе оставка по обвинението дека финансиските книги биле наместени; во 2007 година Nasdaq Listing and Hearing Review Council* се закануваше со отстранување на Аполо од берзата; во 2008 година Сојузната порота во Аризона го прогласи Аполо виновен за „лажно прикажување факти кои свесно ги наведува инвеститорите кон погрешна трага“ и ѝ наложи на Групата акционери да им исплати околу 280 милиони долари отштета. Аполо поднесе жалба на одлуката, но Врховниот суд ја отфрли на 8 март оваа година.

И покрај силното лобирање на индустријата на профитните универзитети, администрацијата на Обама сега ги враќа по старо регулативните промени од годините на Буш кои овозможија создавање вакви услови за профитирање. Неодамна беше откриено дека државните обвинители од десет сојузни држави го истражуваат Универзитетот во Феникс заради наводни измами во регрутирањето студенти и финансии кои достигнуваат сè до 2002 година.

Изгледа дека забавата може да заврши, барем за Групата Аполо. Стапката уписи на Феникс падна за 42 проценти во последните три месеци од 2010 година. Во јануари Групата призна дека во првиот квартал од 2011 година очекува пад на пријавите за дополнителни 40 проценти.

Зарем е можно Вилетс едноставно да не знае што правела Групата Аполо на Универзитетот во Феникс? Или смета дека од некоја причина истото нешто не би можело да се случи и тука**? „Кога ќе се укине привилегираниот круг наставници кои добиваат места на постојани професори“ тврди Вилетс, преминот од јавно финансирање кон школарини „го отвора високото образование на поширок круг даватели на услуги кои работат на различни начини“.

Експлозивниот раст на профитните универзитети е поттикнат со одлуката на администрацијата на Буш со која им се дава еднаков пристап (како и на јавните или непрофитните универзитети) до милијардите долари кои поминуваат преку сојузниот систем на студенстски заеми. Во моментов и тука се поставуваат темели за нешто слично. Во април, Вилетс најави дека од 2012 година, студентите кои започнуваат студии на приватните институции можат да ги користат владините заеми во износ од 6 000 фунти годишно. Што е уште полошо, од септември во Англија престанува јавното финансирање на наставната дејност во општествените и хуманистичките науки.

Се стравува дека профитните институции ќе ги селектираат најприходните години за себе. Со зборовите на еден советник за стратегија, „Англија и Велс тукушто станаа остров со богатство за профитните компании... Студентите во Обединетото Кралство веќе се наоѓаат во бизнис плановите како целни клиенти на домашните и меѓународните профитни компании.

Пред да пукне балонот, Универзитетот во Феникс имаше половина милион запишани студенти. Не се знае колку би можела да порасне вредноста на неговата сестринска институција BPP кога студентите ќе добијат пристап до владините заеми. Бројките ниту сега не му се занемарливи. Кога моменталните 36 500 студенти би студирале за државно признаените дипломи (што сè уште не е случај), BPP би бил трет најголем универзитет во Обединетото Кралство – поголеми се само Манчестер и Open University. А, ова е само почетокот.

*независно советодавно тело кое го именува NASDAQ
**Велика Британија
[1] BPP се иницијалите од презимињата на основачите на компанијата Ален Бриерли, Ричард Прајс и Чарлс Приор кои ја основале компанијата во 1976 година со давање стручна наобразба од областа на сметководството.
[2] Феникс плати 67,5 милиони долари во 2009 година за да се договори во спорот со американската влада заради обвинението дека го користеле овој илегален начин за регрутација.
[3] Тие случаи е однесуваат на Колеџот Еверест и Универзитетот Аргоси.

Извор: http://www.lrb.co.uk